Пред еден месец го одбележавме Светскиот ден на МС

Помина точно еден месец од кога заедно го одбележавме Светскиот ден на мултипла склероза, 30. мај 2019 година.
Беше фантастично! Зборувавме јасно и гласно за влијанието на мултиплата склероза (МС) врз квалитетот на живот на лицата со мултипла склероза и нивните семејства. Напишавме вести, организиравме неверојатни настани, ја зголемивме јавната свест за нашите потреби и влијаевме преку социјалните медиуми во знакот на кампањата #MyInvisibleMS. Заедно покажавме колку сме креативни, посветени и ангажирани да ги смениме нештата кон подобро за нас, пациентите со МС и нашите семејства.
Преку организација на настаните за одбележување на Светскиот ден на МС влијаевме со цел постигнување на позитивни промени во политиките, практиките и ставовите на општеството и чинителите кон луѓето погодени од мултипла склероза.
Подолу се дел од клучните настани организирани и спроведени во тек на мај, месецот посветен на мултиплата склероза:
Со помош и поддршка на Македонската Медицинска Студентска Асоцијација (ММСА) зедовме активно учество на 15. Скопски маратон. Целта на настанот „Трчај за МС“ беше да ја подигнеме јавната свест за потребите на лицата со МС, како навремена дијагностика, поголема достапност на иновативни, високоефикасни лекови, ран и адекватен и современ третман. Повеќе
Искачување на Титов врв, 2747 м.н.в. посветено на подигнување на свеста за проблемите со кои се соочуваат лицата со МС. Учесниците на овој потфат ќе напишат: „Секој нов ден носи предизвици, победи и падови, но секој од нив те учи како да станеш посилен и да ја запознаеш твојата волја, моќ и сила.“ Повеќе
Заедно со д-р Бојан Бошковски, невролог од клиниката за неврологија, го започнавме утрото со гостување на ТВ Сител во емисијата „Ја сакам Македонија“. Разговаравме за здружението, за мултипла склероза, за Светскиот ден на МС и други интересни теми. Повеќе
Мотото на одбележувањето имаше за цел да ја подигне свеста за невидливите симптоми на МС и нивното негативно влијание врз квалитетот на живот на лицата со МС, но и да се истакне дека и покрај евидентниот напредок се уште има потреба од унапредување на грижата за лицата со МС како навремена дијагностика, адекватен и современ третман преку зголемување на достапноста на високоефикасните лекови. Повеќе
Археолошкиот музеј во Скопје беше осветлен во портокалова боја во чест на одбележување на Светскиот ден на мултипла склероза.
Со помош на ММСА спроведовме анкета на случајни минувачи со цел да се испита свесноста на општата популација за Светскиот ден на МС и за мултипла склероза воопшто. Податоците покажаа дека голем дел од испитаниците не се информирани што е мултипла склероза, кое ни дава за обврска да продолжиме со нашите активности. Повеќе
Заедно ја поминавме границата, изодевме чекор повеќе, го прифативме и го победивме предизвикот. Ова се некои само од највисоките предизвици на Светскиот ден на МС во оваа година, но продолжуваме заедно.
Ви благодариме за целата ваша неверојатна поддршка!
За да видите како остатокот од светот го одбележа Светскиот ден на МС пристапете тука.