COVID-19 и Мултипла Склероза

Нови совети за луѓето со МС – ажурирани на 15. Jануари 2021 година

Глобални совети во врска со COVID-19 за луѓето со МС

COVID-19 е нова болест која може да влијае на белите дробови, дишните патишта и другите органи. Ја предизвикува нов коронавирус (познат како SARS-CoV-2) кој се рашири во светот.

Долунаведените совети ги развија невролози кои се занимаваат со мултипла склероза како и експерти истражувачи од организациите членки на MSIF (MS International Federation). Се засноваат на новите докази за тоа како COVID-19 влијае врз луѓето со мултипла склероза (МС) и експертското мислење. Овие совети ќе бидат обновени и ажурирани кога ќе бидат достапни понатамошни докази за COVID-19.

Кликнете овде за да го симнете целото соопштение, коe опфаќа и список на консултирани поединци и организации.

Совети за луѓето со МС

Моменталните докази покажуваат дека доколку имате МС тоа не значи дека е поголема веројатноста да заболите од COVID-19, да бидете сериозно болни или да умрете од инфекција во споредба со општото население. Меѓутоа, следните групи луѓе со МС се повеќе склони да развијат сериозен случај на COVID-19:

  • Лица со прогресивна МС
  • Лица со МС над 60-годишна возраст
  • Мажи со МС
  • Црнци со МС и веројатно луѓе со МС од Јужна Азија
  • Луѓе со повисоко ниво на попреченост (на пример, на скалата EDSS – скалата за оценување на степенот на инвалидност, фигурираат на 6 или повеќе, а тоа значи дека имаат потреба од бастун)
  • Луѓе со МС и обезност (гојазност), дијабет или болести на срцето или белите дробови.
  • Луѓе кои примаат извесни терапии кои ја модифицираат болеста за нивната МС (видете подолу).

Сите луѓе со МС се советуваат да ги следат насоките на Светската Здравствена Организација за намалување на ризикот од инфекција со COVID-19. Луѓето во повисоките ризични групи треба посебно внимание да посветат на овие мерки. Ние препорачуваме:

  • Да практикуваат социјална дистанца одржувајќи најмалку 5 метри* растојание меѓу себеси и останатите за да се намали ризикот од инфекција кога кашлаат, киваат или зборуваат. Ова е особено важно кога сте внатре, но се однесува исто така и на надвор.
  • Носењето маска да стане нормален дел кога сте околу други луѓе и погрижете се да ја користите правилно следејќи ги следните упатства.
  • Избегнувајте да одите на места каде има гужва, особено внатре. Ако тоа не е можно, погрижете се да носите маска и да применувате социјална дистанца.
  • Често мијте ги рацете со сапун и вода или тријте ги рацете со алкохол (најефективно е со 70% алкохол)
  • Избегнувајте да ги допирате очите, носот и устата освен ако ви се чисти рацете.
  • Кога кашлате и кивате, покријте ги устата и носот со свиткан лакт или шамиче.
  • Често чистете и дезинфицирајте површини особено оние кои редовно се допираат.
  • Разговарајте со здравствен работник за планот за оптимално здравје преку видео консултации или посети лице в лице кога тоа е потребно. Посетите во здравствените клиники и болници не треба да се избегнуваат ако тие се препорачуваат врз основа на вашите моментални здравствени потреби.
  • Останете активни и обидете се да земете учество во активности кои ќе го зајакнат вашето ментално здравје и благосостојба. Се советува правење физички вежби и социјални активности кои може да се изработуваат надвор и во состојба на социјална дистанца.
  • Земете ја вакцината за сезонски грип на местата каде што е достапна и охрабрете го семејството да го стори истото.

Здравствените работници и членовите на семејството кои живеат или редовно го посетуваат лицето со МС кое спаѓа во една од повисоките ризични групи исто така треба да ги следат овие препораки за да се намали шансата да донесат инфекција со COVID-19 дома.

*(Националните и интернационалните насоки за физичко дистанцирање се разликуваат меѓу најмалку еден метар и два метра. Луѓето треба да ги земат предвид овие насоки и да бидат свесни дека тоа се минимални растојанија, подолгите растојанија се подобри).

Совети во врска со лековите кои ја модифицираат болеста за МС

Многу лекови кои ја модифицираат болеста (анг. disease modifying therapies, DMTs) за МС функционираат преку потиснување и модифицирање на имуниот систем. Некои лекови за МС може да ја зголемат веројатноста од развој на компликации од COVID-19, но овој ризик треба да се балансира со ризиците од престанок или одложување на третманот.

Препорачуваме луѓето со МС кои во моментот земаат DMT да продолжат со нивниот третман, освен ако нивниот доктор не им посоветува да престанат да го земаат.

Луѓето кои развиваат симптоми на COVID-19 или се тестирани позитивни на инфекцијата треба да разговараат за нивната МС терапија со нивните здравствени работници или здравствени професионалци кои се запознаени со нивниот третман.

Пред да почнат каков било нов DMT или да го променат постоечкиот DMT, луѓето со МС треба да разговараат со нивниот здравствен работник која терапија е најдобриот избор за нивните индивидуални околности. Оваа одлука треба да ги земе предвид следните информации:

  • Текот и активноста на МС болеста.
  • Ризиците и бенефитот кои обично се поврзани со различни опции за третмани.
  • Дополнителни ризици поврзани со COVID-19 како на пример:
  • Присуство на одредени фактори за посериозен случај на COVID-19, како поголема возраст, обезност (гојазност), претходна белодробна или кардиоваскуларна болест, прогресивна МС, расна/етничка припадност со повисок ризик, итн, како што е наведено погоре.
  • Актуелниот или очекуваниот иден ризик од COVID-19 во локалната област.
  • Ризик од изложеност на COVID-19 поради животниот стил на пример дали се во можност да се самоизолираат или работат во високо-ризична средина.
  • Моменталните докази на потенцијалната интеракција меѓу некои третмани и сериозноста на COVID-19.
  • Претходна инфекција со COVID-19
  • Достапност и пристап до вакцина за COVID-19

Докази за влијанието на DMT во однос на сериозноста на COVID-19

Интерфероните и glatiramer acetate најверојатно нема да влијаат негативно на влошувањето на COVID-19. Постои прелиминарен доказ дека интерфероните може да ја намалат потребата од хоспитализација заради COVID-19.

Доказот кој е на располагање предлага дека кај луѓето со МС кои земаат dimethyl fumarate, teriflunomide, fingolimod, siponimod и natalizumab немаат зголемен ризик од развој на посериозни симптоми од COVID-19. Малку е веројатно дека и лицата со МС кои земаат ozanimod ќе имаат зголемен ризик, бидејќи се претпоставува дека е сличен на siponimod и fingolimod.

Постојат извесни докази дека терапиите кои се насочени кон CD20 – ocrelizumab и rituximab – може да се поврзат со зголемена шанса да развијат посериозен облик на COVID-19. Меѓутоа, овие терапии сепак треба да се земат предвид како опција за третман на МС за време на пандемијата. Луѓето со МС кои земаат (ofatumumab или ublituximab кои функционираат на истиот начин) треба да бидат особено внимателни во однос на горенаведениот совет за да се намали ризикот од инфекција.

Потребни се повеќе податоци за употребата на alemtuzumab и cladribine за време на пандемијата со COVID-19 за да се направи некаква проценка во однос на нивната безбедност. Луѓето со МС кои во моментот ги земаат овие терапии и живеат во средина каде има ширење на COVID-19 треба да им кажат за бројот на лимфоцити на нивните здравствени работници. (Лимфоцитите се вид на бели крвни зрнца кои помагаат да се заштити телото од инфекција). Ако нивниот број е низок, треба да се изолираат колку што е можно повеќе за да го намалат ризикот.

Препораките за одложување на втора или понатамошна доза на alemtuzumab, cladribin, ocrelizumab и rituximab поради ширењето на COVID-19 се разликуваат од земја до земја. Луѓето кои ги земаат овие лекови и треба да ја примат следната доза треба да ги консултираат нивните здравствени работници во однос на ризиците и придобивките од одложување на третманот. Луѓето сериозно се советуваат да не престанат со третманот без совет од нивниот доктор.

Совети во однос на трансплантација на матични клетки

Автологниот третман на хематопоетични матични клетки (анг. Haematopoietic Stem Cell Treatment, аHSCT) опфаќа интензивна хемотерапија. Ова сериозно го нарушува имуниот систем за извесен временски период. Луѓето кои неодамна имале таков третман треба да размислат да го продолжат периодот на изолација за време на ширењето на COVID-19 на најмалку 6 месеци. Луѓето кои треба да земат таков третман да размислат за можноста да ја одложат процедурата во консултација со нивниот здравствен работник. Ако е даден ваков третман, хемотерапијата треба да се даде во просторија изолирана од други хоспитализирани пациенти.

Барање медицински совет за релапси и други здравствени проблеми

Луѓето со МС треба да бараат медицински совет ако искусат промени во здравјето кои навестуваат релапс или други основни проблеми како што е инфекција. Ова може да се направи со помош на алтернативите на личните посети во ординацијата (како на пример, телефонски или видео консултации) ако е на располагање таквата опција. Во многу случаи, можно е да се справиме со релапсите во домашни услови.

Употребата на кортикостероиди за лекување на релапси треба внимателно да се разгледа и да се употреби само за сериозни релапси. Постојат докази дека примањето на високи дози на кортикостероиди во месецот пред да се заболи од COVID-19 го зголемува ризикот од посериозна инфекција која наложува болничко лекување. Онаму каде што е можно, одлуката да ја донесе невролог кој е искусен во лекувањето на МС. Луѓето кои примаат терапија со кортикостероиди за релапс треба да бидат особено внимателни и може да размислат да се самоизолираат најмалку еден месец за да се намали нивниот ризик од COVID-19. Имајте на ум дека откако некој е заразен со COVID-19 кортикостероидите може да се користат за лекување на COVID-19 за да се ослаби прекумерниот имунолошки одговор што честопати се нарекува „бура од цитокин“ (cytokine storm).

Луѓето со МС треба да продолжат со рехабилитирачки активности и да останат активни колку што е можно тоа за време на пандемијата. Ова може да се стори преку сесии од далечина онаму каде што е тоа можно или во клиники доколку тие ги преземат сите безбедносни заштитни мерки за да се спречи ширењето на COVID-19. Луѓето загрижени за нивното ментално здравје треба да бараат совет од нивниот здравствен работник.

Вакцина против грип 

Вакцината против грип е безбедна и се препорачува за луѓето со МС. За земјите кои влегуваат во сезона на грип, препорачуваме луѓето со МС да примат вакцина против сезонски грип таму каде што е достапна.

Вакцините против SARS-CоV-2 создадени со mRNA технологија (вакцините на компаниите Pfizer-BioNTech и Moderna) и МС 

Нашите упатства во моментов се однесуваат единствено на вакцините произведени од компаниите Pfizer-BioNTech and Moderna, бидејќи за нив е направена проценка од страна на научни и клинички експерти. Знаеме дека во различни земји се користат и други вакцини за COVID-19 и нашата цел е што поскоро да ги ажурираме препораките со кои би се опфатиле и овие вакцини.

Вакцините создадени со помош на mRNA технологијата дејствуваат со употреба на дел од генетскиот код на коронавирусот за да се добие одговор од човечкиот имунолошки систем, што пак ќе генерира производство на антитела и Т-клетки (посебна популација на бели крвни клетки) за борба против вирусот. Сите податоци во врска со овие вакцини доаѓаат од клинички испитувања, кои беа внимателно и темелно прегледани и потоа одобрени од регулаторните тела.

Не знаеме колкав број од луѓето вклучени во клиничките испитувања за mRNA вакцините имале МС така што податоците за безбедноста и ефикасноста на вакцините против COVID-19 посебно за лица со МС не се достапни. Нашите упатства се базираат на податоци од општата популација вклучена во клиничките испитувања за вакцините и се водени од претходно искуство во врска со вакцинацијата на лица со МС. Ние ќе ги ажурираме нашите упатства тековно како што ќе стануваат достапни нови и повеќе податоци.

Лицата со МС треба да се вакцинираат против COVID-19

Науката ни покажа дека mRNA вакцините против COVID-19 (Pfizer-BioNTech и Moderna) се безбедни и ефикасни. Како и другите медицински одлуки, одлуката за вакцина најдобро се носи во партнерство со вашиот здравствен работник. Треба да ја набавите вакцината за COVID-19 веднаш штом биде достапна. Ризиците од инфекција со COVID-19 ги ​​надминуваат сите потенцијални ризици од вакцината. Покрај тоа членовите на истото домаќинство и блиски контакти исто така треба да примат mRNA вакцина за COVID-19 (Pfizer-BioNTech или Moderna) како би се намалило влијанието на вирусот.

Кај вакцинацијата против COVID-19 со вакцините на Pfizer-BioNTech и Moderna потребни се две дози. За вакцината да биде целосно ефикасна потребно е да се примат двете дози. Следете ги локалните, регионалните и националните упатства за да се информирате колкав временски период е потребно да помине од примањето на првата до втората доза. Ако сте имале COVID-19 и сте се опоравиле, исто така треба да ја примите вакцината бидејќи нема докази дека претходната инфекција штити од идна инфекција со COVID-19 на неодредено време. Имајте на ум дека по целосната вакцинација (двете дози), може да се потребни и до три недели за да се постигне максимален имунитет.

Не знаеме колку долго вакцинираното лице е заштитено од COVID-19 иако податоците од клиничкото испитување покажуваат дека заштитата е многу висока, најмалку неколку месеци (односно вакцинираните лица имаат многу низок, помалку од 5% ризик да имаат симптоми на COVID-19 доколку се изложени на вирусот). Во наредните години може да бидат потребни повторени дози на вакцините COVID-19.

Лицата со прогресивна МС, оние кои се постари, оние кои имаат повисоко ниво на физичка попреченост (на пример ограничено движење), оние со одредени медицински состојби (на пример дијабетес, висок крвен притисок, дебелина, срцеви и белодробни заболувања), лица со МС припадници на црната раса и евентуално лица со МС од Јужна Азија, се меѓу групите со најголем ризик за хоспитализација поради COVID-19.

ВАКЦИНИТЕ НА PFIZER-BIONTECH И MODERNA СЕ БЕЗБЕДНИ ЗА ЛИЦАТА СО МС

mRNA вакцините на Pfizer-BioNTech и Moderna) не содржат жив вирус и нема да предизвикаат заболување со COVID-19. Овие вакцини најверојатно нема да предизвикаат релапс или да ги влошат вашите хронични МС симптоми. Ризикот од зараза со COVID-19 далеку го надминува секој ризик од релапс предизвикан од вакцината.

Вакцините на Pfizer-BioNTech и Moderna можат да предизвикаат несакани ефекти, вклучувајќи треска или замор. Треската може да ги влоши симптомите на МС привремено, но тие би требало да се вратат на претходните нивоа откако треската ќе помине. Дури и ако имате несакани ефекти од првата доза, важно е да ја примите и втората доза на вакцината за да биде целосно ефикасна.

ВАКЦИНИТЕ НА PFIZER-BIONTECH И MODERNA СЕ БЕЗБЕДНИ ЗА УПОТРЕБА ВО КОМБИНАЦИЈА СО ТЕРАПИЈА ЗА МС

Продолжете со терапијата за модифицирање на болеста (DMT) освен ако вашиот здравствен работник не ве советува да го запрете или одложите третманот. Наглото прекинување на третманот кај некои терапии за модифицирање на болеста (DMT) може да предизвика сериозно влошување на симптомите. Врз основа на податоците од претходните студии на други вакцини и DMT, mRNA вакцините на Pfizer-BioNTech и Moderna при тековен третман за модифицирање на болеста (DMT) се безбедни. Некои од овие третмани може да ја направат вакцината помалку ефикасна, но сепак ќе обезбеди одредена заштита. Оние кои земаат ofatumumab, alemtuzumab, cladribine, ocrelizumab, or rituximab, можеби ќе треба да го координираат времето на примање на вакцината со времето на примање на дозата на DMT. Консултирајте се со вашиот здравствен работник за да го одредите најдобриот распоред за вас. Сите ние имаме лична одговорност да го забавиме ширењето на пандемијата и да го елиминираме вирусот што е можно побрзо.

Авторизацијата на безбедни и ефикасни вакцини за COVID-19 нè доведуваат на чекор до елиминирање на оваа пандемија. Во регионите каде што постои локална трансмисија на вирусот покрај вакцинирањето треба да се придржувате до локалните упатства и стратегии за ублажување на преносот, кои веројатно вклучуваат носење маска за лице, социјално дистанцирање и миење раце.

Совети за деца или бремени жени со МС

За сега нема конкретни совети за жени со МС кои се бремени. Има општа информација за COVID-19 и бременоста од Светската Здравствена Организација. Нема конкретни совети за деца со МС; тие треба да ги следат горенаведените совети за луѓе со МС.

Други корисни линкови поврзани со COVID-19.

Забелешка: Рубриката Најнови информации е дел наменет исклучиво за вести и информации на оваа веб страница за оваа болест. Не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте  ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени во оваа рубрика не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.

Направи Донација

Придонеси кон подобра и поефикасна работа на здружението.

Приклучи се

Стани член на националното здружение.

База на знаење

Најди ги информациите кои ти требаат.

Корисни Документи

Најди ги потребните документи.