Што е мултипла склероза?

Мултипла склероза (МС) е една од најчестите невролошки нарушувања и причини за инвалидитет кај младите возрасни лица. Тоа е хронична, прогресивна, имунолошки посредувана, воспалителна и дегенеративна болест на централниот нервен систем. Настанува кога имуниот систем ја напаѓа обвивката на нервните клетки (миелин) во мозокот, ’рбетниот мозок и оптичките нерви, предизвикувајќи воспаление и последователна дегенерација, што води до прекин на невротрансмисијата на сигналот од една нервна клетка до друга.

Во Република Северна Македонија секоја година се дијагностицираат околу 90-120 нови лица со МС, додека вкупно од МС боледуваат повеќе од 1.500 лица. Во светот има повеќе од 2,8 милиони лица кои живеат со МС. Многу е веројатно дека стотици илјади лица остануваат недијагностицирани и многу животи се индиректно зафатени. Повеќето лица со МС се дијагностицираат на возраст од 20 до 40 година, и околу два-три пати почесто се дијагностицираат жени наспроти мажи.

Причината за МС сеуште не е позната и до сега не постои лек, но постојат лекови кои можат да им помогнат на лицата со МС да ја стават болеста под контрола и постојат многу опции за подобрување и управување со симптомите.

Текот на болеста кај секого е различен и тешко може да се предвиди, а бидејќи МС покажува одредени фази кога болеста се следи во подолг временски период, повеќето болни може да се категоризираат во три форми на МС. При одредувањето на формата на МС се користат претходните сознанија за текот на болеста, а целта е да се обидеме да го предвидиме понатамошниот тек на болеста.

Форми на Мултипла Склероза

Релапсно-ремитентна форма (РРМС)

85-90% од лицата дијагностицирани со МС имаат релапсно-ремитентна форма на болеста. Кај овие пациенти се јавуваат непредвидливи напади (т.н. релапси, егзацербации, махови, шубови), кои се придружени со периоди кога болеста се повлекува (ремисија) и во кои состојбата на болниот се враќа на онаа состојба од пред нападот, а може и да остане некое мало оштетување.

Кога состојбата на болниот се враќа на состојбата од пред нападот, обично велиме дека се работи за бенигна форма на МС.

Релапс се дефинира како појава на нови или влошување на постојните симптоми на МС што траат повеќе од 24 часа, а кои не се должат на инфекција, треска или експозиција на топло. Зачестеноста и сериозноста на нападите кај секој болен се различни и променливи, но може да се намалат со лекување.

Нападите се почести во првите години од болеста, со тенденција нивното траење со текот на времето да се продолжи. Бројот на напади не влијае на дефинитивната инвалидност.

Кај околу половина од болните со оваа форма на болеста со текот на времето се развива секундарно прогресивната форма. Повеќе за релапс тука.

Секундарно прогресивна форма (СПМС)

Најголемиот дел од лицата дијагностицирани со РРМС ќе преминат кон секундарно прогресивна форма со текот на времето.

Во оваа форма на болеста по фазите на влошување не доаѓа до потполно закрепнување, туку со текот на времето доаѓа до акумулација на онеспособеностa и болеста постепено се влошува, т.е. постои континуирана прогресија на болеста со периоди на подобрување.

Примарно прогресивна форма (ППМС)

Оваа форма на болеста погодува 10-15% од лицата со МС, и тоа се обично личности кај кои болеста започнала подоцна.

Се карактеризира со линеарен прогресивен тек уште од почетокот на болеста, типично без појава на релапси или периоди на ремисија.

Тоа доведува до континуирана прогресија на болеста со губење одредени функции и способности и зголемување на онеспособеноста и на инвалидитетот.