Ажурирани меѓународните препораки за МС и COVID

Multiple Sclerosis International Federation штотуку ги ажурираше своите меѓународни препораки за мултипла склероза и COVID-19.
СОВЕТИ ПО ОДНОС НА ТЕРАПИИТЕ ЗА МОДИФИЦИРАЊЕ НА БОЛЕСТА
Терапиите за модификација на болеста (анг. Disease modifying therapies, DMTs) за мултипла склероза (MС) имаат механизам на дејство преку потиснување или модифицирање на имунолошкиот систем. Некои лекови за MС може да ја зголемат веројатноста за појава на компликации од инфекција со коронавирус, но овој ризик треба да биде избалансиран со ризиците од прекинување или одложување на третманот. Multiple Sclerosis International Federation препорачуваат:
- Луѓето со МС кои моментно примаат DMT, да продолжат со нивниот третман.
- Луѓето кои развиле симптоми на COVID-19 или се тестирани позитивно на инфекција треба да разговараат со нивниот лекар или друг здравствен работник кој е запознаен со нивната нега во врска со лекот кој го примаат.
- Пред да започнат со кој било нов DMT, лицата со МС треба да разговараат со својот лекар кој лек е најдобриот избор за нивната активност на болеста во однос на ризикот од COVID-19 во регионот. Следниве информации треба да бидат земени предвид при одлучувањето:
- Интерфероните и glatiramer acetate веројатно нема да влијаат негативно на сериозноста на COVID-19. Постојат некои прелиминарни докази дека интерфероните може да ја намалат потребата од хоспитализација заради COVID-19.
- Ограничените расположливи докази укажуваат на тоа дека луѓето со МС кои примаат dimethyl fumarate, teriflunomide, fingolimod и siponimod немаат зголемен ризик од потешки симптоми на COVID-19 или смрт.
- Лицата кои примаат лекови кои се насочени кон CD20 – ocrelizumab и rituximab – може да имаат зголемен ризик да бидат примени во болница или да бараат третман на интензивна нега заради COVID-19. Овој прелиминарен наод бара дополнително истражување.
- Потребни се повеќе податоци за употреба на natalizumab, alemtuzumab и cladribine по однос на пандемијата на COVID-19 за да се направи проценка на нивната безбедност.
- Луѓето со МС кои во моментот се на третман со лекови против CD20 (ocrelizumab, rituximab, ofatumumab или ublituximab) и живеат во регион со висока распространетост на COVID-19 треба да бидат дополнително внимателни и можеби ќе треба да размислат за самоизолирање за да го намалат ризикот од инфекција.
- Луѓето со МС кои во моментот примаат alemtuzumab или cladribine и живеат во регион со висока распространетост на COVID-19 треба да разговараат за нивното ниво на лимфоцити со нивниот лекар. Доколку се смета дека таа бројка е мала, тие треба да се изолираат колку што е можно подобро за да го намалат ризикот.
Препораките за одложување на втората или следната доза на alemtuzumab или cladribine, ocrelizumab и rituximab како резултат на појава на COVID-19 се разликуваат од земја до земја. Луѓето кои ги користат овие лекови, со оглед дека треба да примат следна доза, треба да се консултираат со својот лекар за ризиците и придобивките од одложувањето на третманот.
Извор: https://multiple-sclerosis-research.org/2020/06/mscovid-updated-international-guidelines/
Забелешка: Рубриката „Најнови информации“ е дел наменет исклучиво за вести и информации на оваа веб страница за оваа болест. Не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени во оваа рубрика не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.