Остварена соработка со „Зошто да не“

Националното здружение за МС оствари соработка со Здружението на граѓани „Зошто да не“, со цел на своите членови да им овозможи пристап до дополнителни информации и услуги од областа на здравствената рехабилитација и превентивната грижа.
Со воспоставената соработка, членовите на Националното здружение за МС имаат можност да ги користат услугите на Центарот за рехабилитација по преференцијална цена од 580 денари по терапија, односно 11.600 денари за пакет од 20 терапии.
Во понудените услуги се вклучени:
- хипербарична оксигенација (HBOT),
- биофотомодуларна терапија,
- други методи на рехабилитација согласно можностите на Центарот.
Kорисни информации имате и на официјалната веб страница на Зошто да не, како и на ФБ страницата.
Со цел корисниците навремено и целосно да се информираат, во продолжение ги издвојуваме најважните практични информации во врска со користењето на услугите.
Дополнителни материјали и трошоци
Одредени материјали, како назална канила, маска и адаптер за кислороден концентратор, се на трошок на корисникот. Овие производи се стандардни и може да се набават во аптеките. Доколку корисникот не е во можност сам да обезбеди назална канила, истата може да се набави кај давателот на услугата по цена од 310 денари.
Услови за користење на просторот
При влез во Центарот се очекува корисниците и нивните придружници да користат чорапи, домашни влечки или чисти папучи/обувки за внатрешна употреба. Во периоди на повисоки температури се препорачува лесна, памучна облека.
Биофотомодуларна терапија
Терапијата се изведува во седечка положба, на табуретка или фотелја, во зависност од делот од телото кој се третира.
Хипербарична комора
Комората е со седечко место кое може да се приспособи според потребите на корисникот. Во комората не се внесуваат никакви материи. Доколку користите шминка, потребно е да ја отстраните еден час пред терапијата.
Исто така, се препорачува еден час пред и еден час по терапијата да се избегнуваа оброк, кафе, газирани пијалаци и други производи, освен вода. Ова не значи дека треба да дојдете гладни, важно е само да се внимава на времето на оброкот во однос на терминот.
Кога терапиите не се препорачуваат
Терапиите не се препорачуваат кај бременост, неконтролирана епилепсија, хронични белодробни заболувања, висока температура или активна инфекција, неодамнешна операција на увото, тековна хемотерапија, акутна настинка или синузитис, нелекувани срцеви заболувања, потешка форма на клаустрофобија и аневризма.
Цена и плаќање
Цената за членовите на Националното здружение за МС е 580 денари по терапија, односно 11.600 денари за пакет од 20 терапии во период од еден месец.
Плаќањето се врши во готово, со цел да се избегнат можни потешкотии и доцнења поврзани со банкарски уплати.
Термини
Центарот работи од 09:00 до 21:00 часот, без пауза. Термините се определуваат според принципот „прв пријавен – прв услужен“.
Доколку корисникот задоцни повеќе од 10 минути, нема да може да се реализира двојната терапија. Во зависност од времето на доцнење, може да се реализира една терапија, но ќе биде наплатена полната цена на резервираниот термин. Доколку корисникот не се појави на резервираниот термин, истиот ќе биде наплатен.
Важно: Информирањето за овие услуги од страна на Националното здружение за МС не претставува медицинска препорака, дијагноза или гаранција за ефектите од терапијата. Одлуката за користење на услугите ја носи корисникот по сопствена волја и доколку е потребно, по консултација со соодветен здравствен работник.