Националното здружение учествуваше на Скопски маратон под мотото „Трчај за МС“

Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза со помош и поддршка на Македонската Медицинска Студентска Асоцијација (ММСА) за прв пат оваа година зеде активно учество на 15. Скопски маратон под мотото „Трчај за МС“. 4-ти мај 2019 година беше посебен ден и за лицата со мултипла склероза, бидејќи бевме дел од масовен јавен настан на кој учествуваа над 12.500 учесници.
Целта на настанот „Трчај за МС“ беше да ја подигнеме јавната свест за потребите на лицата со мултипла склероза, како навремена дијагностика, поголема достапност на иновативни, високоефикасни лекови, ран и адекватен и современ третман
Како најава и поттик за помасно учество на овој настан, претседателката на Здружението, Ана Карајанова Димитрушева изјави „Трчај за лицата со МС, истрчај го овој маратон рамо до рамо со лицата со МС. Тие водат трка и со времето, борба со инвалидитетот… биди им мотив, поттик и храброст да ја издржат нивната животна трка. Подари им го најскапиот подарок – твоето време и насмевка, и исполни им ги деновите со живот, среќа и моменти за паметење……..Не знаеш како? Јас ќе ти кажам……….ТРЧАЈ ЗА МС.“
Нашата покана да трчаат за МС и да го носат симболот на МС ја прифатија преку 100-тина лица, а меѓу нив голем број наши соработници и подржувачи, искусни маратонци, познати и помалку познати лица кои ни дадоа несебична поддршка. Наш знак на препознавање беше портокаловата панделка која ја носеа сите лица кои трчаа за МС. Посебно задоволство ни претставуваше што нашиот маратонец, исклучителен човек и пред сè хуманист Александар Кираџиев, оваа година ја поддржа нашата кампања и трчаше на Скопскиот маратон за лицата со мултипла склероза. „Најмалку што можеме да направиме за оваа дружина, е на ваков начин да ги подржиме во совладување на нивните големи предизвици. Не застанувајте никогаш!“ – изјави Александар Кираџиев пред почетокот на Скопскиот маратон.
Посебна гордост во целата приказна беа лицата со мултипла склероза, наши членови, кои се охрабрија и трчаа рамо до рамо со искусните маратонци.
Една од нив беше Бојана Калушоска која после трката изјави – „Со ’МС Можам Сè’, оваа година ме однесе на Скопскиот маратон. Решив, се пријавив и успеав. Можев јас, можете и вие. Затоа, во иднина очекувам на оваа убава приказна да ни се придружат повеќе наши пријатели.“ Причината зошто Ксенија Брзилова-Миленковиќ се пријави на маратонот беше – „Да покажеме дека и лице со МС може да учествува и да го заврши маратонот, за да ја одржиме нашата состојба потребно е навремено дијагностицирање и адекватен третман.“ Меѓу двете дами беше и Александар Маринковски кој после тркате на 5 километри изјави – „Трчав за да поттикнам желба кај сите лица со МС, да се обидат да ја поминат патеката и да учествуваат на оваа прекрасна дружба.“
Нашиот штанд во Жена парк беше претесен да ги прими сите наши поддржувачи и соработници. Но, имавме посебна чест нашиот штанд да го посети и министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче. Ние ја искористивме оваа прилика, па поразговаравме за актуелните состојби и потребите на лицата со МС во нашата земја. Министерот не увери дека е отворен за заеднички дијалог и соработка во интерес на решавања на сите наши барања и потреби кои ќе овозможат подобрување на квалитетот на живот на сите лица со мултипла склероза.
Додека лицата со МС, нашите поддржувачи ја трчаа трката, претседателката на Здружението Ана, гостуваше директно во утринската емисија на ТВ Сител. Ова е дел од нејзината изјава „Почитувани, се наоѓаме на многу возбудливо место, во паркот Жена борец во Скопје. Денес не е обичен ден, денес трчаме за лицата со мултипла склероза. Ние сме Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза, и за прв пат сме присутни на Скопскиот маратон.
Возбудата е огромна, околу нас има преку 12.000 учесници. Горди сме што меѓу нив има голем број наши соработници и подржувачи на кои сум им неизмерно благодарна. Знак на препознавање е портокаловата панделка. Најбитното во целата приказна е што и лица со мултипла склероза се охрабрија и ќе трчаат заедно со искусните маратонци. Тие водат битка со километрите, ние со инвалидитетот.“ Првото наше учество на Скопскиот маратон беше многу успешно, за тоа говорат и бројните фотографии до кои можете да пристапите на следниов линк.
Уште еднаш би сакале да им се заблагодариме на сите кои дадоа несебичен придонес во оваа наша приказна чија цел беше подигнување на јавната свест за потребите на лицата со мултипла склероза, како навремена дијагностика, поголема достапност на иновативни, високоефикасни лекови, ран, адекватен третман во согласност со светските протоколи и стандарди.