Се каам за работите кои не ги правев додека сѐ уште можев

Ајде да го вратиме часовникот малку наназад. Јас сум во средно училиште и за мене тоа е најмалку омилениот период од денот: физичко образование. Крај на неделата е па се облекуваме за час, ги правиме вежбите за истегнување, а потоа формираме тимови на теренот. Денеска имаме трка која се состои од два круга околу бејзбол теренот и патеката за трчање на вкупно растојание од (погодувате) една милја. Сите мразеа да ја трчаат таа милја, а некои од нас правеа сѐ што може за да избегнат. Се криевме зад контејнерите за складирање на половина пат, а потоа скокнувавме назад во трката кога сите се враќаа да го завршат вториот круг, правејќи да изгледа како да трчавме цело време.
Можев да ја истрчам милјата, но не го сторив тоа
Работата е во тоа што не трчав затоа што „бев лош во трчање“. Всушност бев прилично добар во тоа. Во деновите кога се чувствував особено конкурентен можев да ја истрчам милјата за околу 6 минути! Во еден момент дури сакаа да ме приклучат во тимот, но да бидам искрен избегнував да трчам затоа што… добро… едноставно не сакав. Бев мрзелив. Можев, но не го правев тоа.
Ми недостига да имам опција да одлучувам
Да се вратиме во сегашноста. Сега го живеам животот со МС. Заради мојата лоша рамнотежа и спастичноста на нозете не можам да трчам дури и ако мојот живот зависи од тоа. Понекогаш едвај можам да одам без да користам бастун! Сега се сеќавам како можев да правам работи (како трчањето), но од некои причини го избегнував тоа. Ме полудува! Ако се разбудам утре и по некое чудо повторно можам да трчам, ќе станам и без причина само ќе трчам. Ми недостасува да ја имам таа опција. Има толку многу работи кои некогаш можев да ги правам, работи што мразев да морам да ги правам, но сега посакувам сѐ уште да можам. Но, денес не зборувам за тоа како ја земав здраво за готово мојата способност да правам одредени работи.
Жалам за некои избори во минатото
„Не знаеш што имаш додека не го изгубиш“. Сум зборувал, а исто така и многу други лица со МС зборувале за таа едноставна идеја, бидејќи тоа е многу точно особено кога живееме со хронична болест. Но, она што сакам да го истакнам денес е чувството на жалење поради тоа што избрав да НЕ правам некои работи во времето кога бев целосно способен да ги правам. Можеби едноставно не сакав да го правам тоа? Можеби си реков дека сум премногу уморен? Или си велев: „Можам да го направам тоа следниот пат“?
Не можам да се вратам назад во времето и да ги променам моите постапки
Што ли беше мојот изговор, си велам сега кога не сум способен? Сега кога нема „следен пат“? Па, сега навистина посакувам да ги правев сите тие работи кога можев. Посакувам да ги правев затоа што едноставно можев, а сега не можам. Кога се соочував со работи кои од една или друга причина не сакав да ги правам некако знаев дека тоа ќе биде мојата последна шанса. Имаше толку многу работи кои можев да ги направам, но не ги направив затоа што „едноставно не се чувствував подготвен“, а сега тие одлуки ме исполнуваат со жалење затоа што она што е направено е направено. Не можам да се вратам назад. Некои можности се губат засекогаш.
Времињата кога избрав да не направам повеќе
Помнам, кога за прв пат почнав да се занимавам со фотографија, планинаревме со пријателите и застанав да направам фотографија. Обично се обидував да се искачам на релативно незгодно место за да можам да фотографирам нешто од место кое за повеќето луѓе беше непристапно, давајќи ѝ на мојата снимка уникатна перспектива. Додека се искачував помислував дека ако продолжам нагоре уште само малку ќе дојдам до уште поидеално место за фотографирање, но честопати не сакав да направам повеќе и да ја изодам таа „дополнителна милја“ па се задоволував со помалку. Сега кога не можам ни да замислам да стигнам до такви места сè што можам да помислам е на времето кога можев да отидам малку подалеку, но избрав да не го направам тоа. Ја имав опцијата, но ја отфрлив.
Учење од моите грешки
Сѐ што сега можам да направам е да се обидам да учам од моите грешки, и да не направам слични на нив во иднина. Сега секогаш се прашувам што можам да направам сега, а подоцна можеби нема да можам да направам ништо. Кога ќе погледнам во минатото помислувам։ „ знам дека мразев да го правам тоа, но сега кога не можам, би сакал да можам“ или „знам дека се чувствував како да не можам да го направам тоа во тоа време, но јас целосно можев. Сега тоа веќе не е опција“. Не сакам да помислите։ „ох, кутриот Matt“, затоа што не барам сожалување. Она што навистина сакам е да научите од моите грешки и да размислите двапати пред да изберете дали да направите нешто или не. Размислете како може да се почувствувате еден ден, кога веќе нема да можете да правите што и да е, а ќе погледнете наназад кога сте можеле, но не сте го направиле. Дали ќе се осврнете на минатото и ќе сметате дека вашето размислување било оправдано или ќе погледнете наназад и ќе почувствувате жалење?
Извор: https://multiplesclerosis.net/living-with-ms/regret-mistakes
Забелешка: Овој текст има информативен карактер и не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.