Дали мултипла склероза е присутна повеќе од кога било досега?

Бројот на лица кои живеат со мултипла склероза (МС) денес е поголем отколку било кога досега. МС е најчеста состојба која предизвикува попреченост, а влијае на централниот нервен систем кај младата и возрасна популација. Глобалната преваленца на автоимуната болест е приближно 2,8 милиони луѓе. МС е присутна кај околу 1 милион луѓе во САД и 130.000 луѓе во Обединетото Кралство. Во Обединетото Кралство, инциденцата на дијагноза на МС е околу 100 лица неделно.
Неколку фактори веројатно придонесуваат за овој очигледен пораст на дијагнозите со МС, и постојат чекори кои луѓето можат да ги преземат за да ги намалат шансите за развој на оваа состојба.
Што претставуваат овие покачени бројки поврзани со МС?
Пред една значајна студија од 2019 година да ги анализира податоците за здравствената заштита за да ги идентификува случаите на МС, проценките за преваленцата на состојбата беа околу 400.000 луѓе во САД, а денешната бројка е повеќе од двојно поголема од претходната проценка. Иако истражувањата сугерираат дека МС можеби е во пораст надвор од САД, експертите нудат неколку други објаснувања за тоа зошто нето бројката е во пораст, вклучувајќи ја и употребата на подобри дијагностички алатки и фактот дека глобалната популација порасна.
Подобри дијагностички алатки
На невролозите им стана полесно дијагностицирањето на МС благодарение на напредокот во медицината, значително поголемото разбирање за МС добиено преку клиничките испитувања и истражувања, и откритијата во областа на неврологијата – како што е појавата на магнетната резонанца (МР). Скенирањето со МР овозможува попрецизна дијагноза и следење на текот на МС, но МР не била користена за дијагноза во времето на првичните проценки на преваленцата. Анализата на цереброспиналната течност за знаци на абнормалности, исто така, ја подобрува дијагностичката точност на МС.
Пораст на популација
Во 2019 година светската популација беше проценета на околу 7,7 милијарди луѓе. Во 1970-тите, кога бројот на лица кои живеат со МС се проценува дека е во опсег од 400.000, светската популација беше 3,6 милијарди. Со оглед на тоа што популацијата е повеќе од двојно поголема од последната проценка на стапката на преваленца на МС, растот на населението може да го објасни порастот на случаите на МС во најновото истражување.
Подобрено следење и собирање податоци
Експертите сега на располагање имаат подобри алатки за да проценат колку луѓе живеат со МС. За пресметување на најновата проценка на преваленцата на МС во САД се користеше сложен алгоритам.
Конгресот исто така го усвои Законот за лекови за 21-от век (21st Century Cures Act). Овој дел од законодавството ги овластува Центрите за контрола и превенција на болести да креираат и пополнат регистар на невролошки заболувања, вклучително и МС. Овој напор за собирање податоци, наречен „Национален систем за невролошки состојби и надзор“ (National Neurological Conditions and Surveillance System) потенцијално може да одговори на многу прашања поврзани со МС и да финансира повеќе истражувања.
Дополнително, Северноамериканскиот истражувачки комитет за мултипла склероза „North American Research Committee on Multiple Sclerosis (NARCOMS)“, регистар за МС, може да се пофали со база на податоци од 41.000 (и повеќе) лица кои живеат со МС. Се надеваме дека регистарот ќе им овозможи на експертите да дознаат за стапката на дијагноза на МС, текот на болеста, прогресијата на болеста и инвалидитетот. Ако живеете со мултипла склероза, размислете да ги додадете вашите информации во регистарот на NARCOMS.
Дали МС може да се спречи?
МС моментално не е состојба која може да се спречи. Научниците сè уште не разбираат целосно што предизвикува мултипла склероза, ниту пак знаат точно како да ја запрат прогресијата на болеста или влошувањето на лезиите на мозокот и ‘рбетниот мозок. Но, тие се поблиску до одговорите од кога било.
На крајот на краиштата, спречувањето на МС ќе бара поголемо разбирање на автоимуната патологија на состојбата, конкретно како МС предизвикува оштетување на миелинот, демиелинизација на нервните клетки, и повреда на нервните влакна. Сѐ ова резултира со симптоми на МС, придонесува за подолготрајна инвалидност и предизвикува неповратни невролошки оштетувања и дисфункција.
Фактори на ризик и заштитни фактори
Иако МС не може да се спречи, може да се намали ризикот од развој на МС со избегнување или ограничување на изложеноста на познати фактори на ризик, особено фактори на животната средина. Фактор на ризик за МС е нешто што ве прави поподложни на развој на МС. Се смета дека колку повеќе фактори има, толку е поголем ризикот од развој на МС. Исто така, можете да помогнете во намалувањето на подложноста, со воведување или зголемување на бројот на заштитни фактори во вашиот животен стил за да помогнете да се надоместат некои фактори на ризик.
Некои проценки сугерираат дека ризикот од развој на МС кај општата популација е 1 на 330. Некои фактори на ризик поврзани со МС се надвор од индивидуалната контрола, вклучувајќи:
- Генетика
- Семејна историја на МС
- Други автоимуни болести, како ревматоиден артритис
- Одредени вирусни инфекции, како што е „Epstein-Barr“ вирусот
Некои фактори на ризик, сепак, може да се изменат.
Здрава телесна тежина, здрава исхрана и редовно вежбање
Истражувањата покажуваат дека дебелината, или високиот индекс на телесна маса, може да биде фактор на ризик за МС. Одржувањето здрава телесна тежина преку здрава, урамнотежена исхрана и редовно вежбање може да го намали ризикот од МС.
Витамин Д и изложување на сонце
Недостатокот на витамин Д е поврзан со МС. Витаминот Д се произведува од кожата кога сме изложени на сончева светлина. Истражувањата сугерираат дека доволно ниво на витамин Д, без разлика дали преку изложување на сонце или внесување на додатоци во исхраната, може да го одложи или спречи клинички изолираниот синдром „clinically isolated syndrome (CIS)“ или првиот демиелинизирачки настан. На пример, една обемна студија покажа дека жените кои, или имале повеќе витамин Д во нивната исхрана, или земале додатоци на витамин Д имаат помала инциденца на МС. Исто така, познато е дека поднебјата каде популацијата повеќе е изложена на сонце или ултравиолетово зрачење имаат помали стапки на МС.
Во тек се повеќе студии за да се испита улогата на витаминот Д како заштитен агенс против развој на МС, и како третман за луѓето кои живеат со оваа состојба.
Прекинување или намалување на пушењето
Пушењето го зголемува ризикот од МС, особено ако сте пушач подолг период. Ризикот од МС кај пушачите е 1,5 пати поголем отколку кај оние кои прекинале, или никогаш не биле пушачи. Дури и поранешните и пасивните пушачи се изложени на поголем ризик од МС отколку непушачите, иако не толку висок како актуелните пушачи.
Пушачите кои веќе имаат МС, исто така, се изложени на поголем ризик да доживеат побрза прогресија на болеста во поагресивни форми на МС отколку непушачите, како што е прогресијата од клинички изолиран синдром (CIS) во релапсно – ремитирачка МС (RRMS) или од RRMS во секундарна прогресивна МС.
Добрата вест е дека никогаш не е доцна да се откажете од оваа навика. Кај една личност ризикот од МС се намалува пропорционално со времето поминато од откажувањето од пушење. Студиите сугерираат дека напорите за намалување на употребата на тутун помагаат да се намалат ризиците поврзани со статусот на пушење и МС.
Приклучете се на тимот
Ако сте меѓу зголемениот број лица дијагностицирани со МС, може да помогне да се изгради заедница и да се поврзете со други кои го разбираат животот со МС. „MyMSTeam“ е социјална мрежа за луѓето кои живеат со МС и нивните најблиски. Повеќе од 164.000 луѓе се собираат за да дадат совети, да поставуваат прашања и да ги споделат своите искуства од животот со МС.
Извор: https://www.mymsteam.com/resources/are-more-people-getting-multiple-sclerosis-than-ever-before
Забелешка: Овој текст има информативен карактер и не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.