Зошто некои лекари ги занемаруваат вашите симптоми и што можете да направите во врска со тоа

Значителен број пациенти кои минуваат низ дијагностичкиот процес на МС доживуваат вознемирувачки модел на погрешни дијагнози и отфрлање од лекарите. Ако сте еден од нив, како што бев јас, следните три сценарија можеби ќе ви бидат познати.
Занемарување на болката и обвинување
На новиот лекар му ја опишувате болката и уште еден или два други симптоми. Се чини дека тој/таа внимателно слуша. Кога ќе земете здив пред следната реченица, лекарот ве прекинува и ве обвинува дека покажувате класично однесување на барање дрога и вели дека нема да добиете рецепт за наркотици во таа клиника. Си заминувате вчудовидени и огорчени. Никогаш не сте ни помислиле на наркотици.
Отфрлање на новите симптоми
Упатени кај невролог од страна на вашиот лекар од примарната здравствена заштита вие подлегнувате на невролошки преглед и историја, кажувајќи ги симптомите на вкочанетост, замор, паѓање на стапалото и слабост, што сте ги напишале во бележникот за да не заборавите нешто. Лекарот зема гумен чекан и тапка по разни зглобови. Забележувате дека ударот на левото колено создава брз рефлекс. „Тоа е малку брзо“, признава докторот. „Но, никогаш порано не сум те видел, па не знам дали тоа е нормално за тебе“. Потоа, со импресивен приказ на апсурдно брборење тој ви кажува дека тоа е само стрес – но веројатно некогаш ќе треба да направите магнетна резонанца – но тоа навистина не е ништо. Се враќаме на почеток, си велите себеси.
Погрешна дијагноза
Упатен кај ревматолог од страна на вашиот лекар од примарната здравствена заштита опишувате различни симптоми вклучувајќи болка во многу области на двете страни на вашето тело, вкочанетост и мигрена. Ревматологот ви дијагностицира фибромијалгија и препишува терапија со „ Lyrica“. Години подоцна, откако сте доживеале влошување на симптомите проследени со релапси, трајно губење на видот и подвижноста, ве упатуваат на невролог за преглед на МР. По откривањето на бројни лезии и абнормална лумбална пункција, дијагностицирана ви е релапсно-ремитирачка мултипла склероза и ви препишуваат терапија за модификација на болеста.
Зошто е толку тешко да се дијагностицира МС?
Кој би рекол дека дијагностицирањето на хронична болест е толку комплицирано? Лекарите отсекогаш биле на првите борбени линии. Еве неколку оправдувања кои лекарите ги дадоа за нивниот недостаток.
Преголем фокус на акутната нега
Во една статија напишана од лекарката Daniela Drake се истакнува дека конвенционалната медицина е дизајнирана за акутна нега и очајно не успева да ги забележи хроничните состојби. Клиничките услови се дизајнирани слично како линиите за склопување во фабриката за автомобили. Помислете на презафатена соба за итни случаи каде што пациентите се тријажираат според видот и тежината на нивните повреди. Шиење, мобилизирање и бандажирање се лесни зафати.
Кога пациентите имаат збунувачки симптоми
Во амбиент на презафатена амбуланта од приватната пракса лекарите се потпираат на хеуристички методи за да бидат во можност да донесуваат брзи одлуки кај секој пациент. Но, хронично болните пациенти не одговараат на хеуристичките методи и наместо тоа се појавуваат со „збунувачки“ симптоми. Најдобро решение? Испратете го овој збунувачки куп месо и коски назад на улица од каде што дошол.
Причини за нивното неразумно однесување
Во написот на Dr. Val Jones со наслов „Во одбрана на лекарите: Зошто се однесуваме несоодветно“ и „како да се справат со нас кога го правиме тоа“, таа објаснува четири главни причини зошто лекарите се идиоти:
- Уплашени сме
- Постојано не вознемируваат
- Исцрпени сме
- Веројатно бевме кретени уште од почеток.
Страв
Дел од стравот, претпоставува Dr. Jones, произлегува од глупавото верување на лекарите дека со многуте алатки и техники кои ги акумулирале за да го спасат секој пациент што го лекуваат можат да ја „измамат смртта“. Кога следи неизбежниот неуспех тие меѓусебно се обвинуваат, ризикуваат да бидат осудени од колегите, а најарогантните меѓу нив го истураат гневот врз пациентите.
Постојани вознемирувања
„Hen-pecking“ е уште еден термин за тривијални, но неопходни работи кои ги вознемируваат лекарите додека се обидуваат да имаат сериозен разговор со пациентот. Некој пациент со рецепти за лекови за потпишување може да влезе и да ги прекине, или друг лекар може да влета на вонредна консултација. Постојаните прекини може да го променат пристојниот лекар во кретен – или кретен лекар во уште поголем кретен.
Исцрпеност
Исцрпеноста најмногу се однесува на недостаток на сон кај хирурзите и лекарите од ургентните одделенија. Недостатокот на сон секого го прави „раздразлив, нерасположен, невнимателен, непријателски настроен – и невиден кретен“.
Личности од типот А
Во еден искрен, несоодветен пасус Dr. Jones истакнува дека „…запишувањето во медицинско училиште е исклучително конкурентно. Кандидатите се рангирани според резултатите од тестовите, а не според тоа колку се сочувствителни и шармантни. Така, најуспешните обично се жестоко конкурентни личности од типот А. Ако тие не биле целосно формирани кретени пред дипломирањето, стануваат целосно формирани по лишувањето од сон, константното вознемирување и стравот од неуспех“.
Како да изградите сојузништво со вашиот лекар
Па, како да се справиш со кретен за да не се однесува несоодветно? Dr. Val Jones ја предлага следнава листа։
- Бидете подготвени за посетата. Понесете ја последната листа на лекови, запишете прашања и вашите симптоми.
- Имајте разбирање за нашето доцнење. Можеби причина за доцнењето е претходниот недоволно подготвен пациент.
- Бидете „адекватен“ пациент. Држете се до планот за лекување кој го разработивме за вас.
- Ако сметате дека е потребно, посетете друг лекар. Ако е невозможно да се соработува со вашиот лекар, најдете друг.
Хм, ова се работи кои пациентите со МС веќе ги знаат! Dr. Jones сака да истакне уште една работа:
„…да се биде кретен не е секогаш лоша работа, бидејќи ако на вашиот близок му треба медицински шампион, тогаш чудовиштето што исфрла оган додека зборува е веројатно одличен застапник!“
Извор: https://multiplesclerosis.net/living-with-ms/why-doctors-dismiss-what-you-can-do
Забелешка: Овој текст има информативен карактер и не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.