Во Украина живеат 20.000 лица со мултипла склероза

Почитувани,
Претставник на Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза вчера учествуваше на итен состанок со Европската MС платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platform, EMSP), на кое беше разгледана актуелната состојба во Украина и пристапот до третман и нега на лицата со мултипла склероза (МС). На состанокот беше договорена заедничка стратегија и акционен план како одговор на кризата предизвикана од војната во Украина.
Во овие кризни времиња, би сакале да ја мобилизираме заедницата на МС која изрази подготвеност да придонесе во хуманитарните напори воопшто, за да се осигура дека и покрај војната, луѓето со мултипла склероза добиваат соодветна терапија, третман, ортопедски помагала и се што им е потребно.
Во Украина живеат 20.000 лица со мултипла склероза. Полското здружение за МС соопшти дека ситуацијата на границите е хаотична и во моментов не се знае кој ќе остане во Полска, а кој ќе ја напушти земјата. Она што сега е клучно е начинот на кој треба да добиеме информации за бројот на лицата со попреченост и бројот на лицата со мултипла склероза со цел да бидеме подготвени за соодветна помош.
Националното здружение за МС, како претставник на лицата заболени од мултипла склероза, будно ја следи ситуацијата, воедно е во координација со здравствените чинители и другите релевантни фактори, со цел обезбедување соодветна грижа на лицата со МС кои би престојувале во Р.С. Македонија како резултат на кризата предизвикана од војната во Украина.
За Националното здружение за МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 20. март 2019 година. Од 7. мај 2020 година, Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platform, EMSP).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.