Заедно кон посилно и поодржливо Здружение

– Одлука донесена со поддршка од членството
Почитувани,
На седниците одржани на 10 јуни 2026 година, Собранието и Извршниот одбор на Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза донесоа одлуки за воведување годишна членарина и утврдување на нејзината висина.
Одлуките се донесени по претходно спроведена анкета меѓу членовите и поддржувачите на Здружението, со цел да се обезбеди пошироко учество во процесот на одлучување и да се утврди подготвеноста на заедницата да придонесе кон одржливоста на организацијата.
Имајќи ги предвид резултатите од анкетата и финансиските можности на лицата со мултипла склероза, Извршниот одбор донесе одлука согласно која минималниот износ на годишната членарина изнесува 800 денари, при што членовите можат доброволно да уплатат и повисок износ.
Средствата обезбедени преку членарината ќе се користат за:
- реализација на програмските активности на Здружението;
- обезбедување услуги и поддршка за лицата со мултипла склероза и нивните семејства;
- организација на едукативни, информативни и хуманитарни активности;
- застапување на правата и интересите на лицата со МС;
- покривање на административните и оперативните трошоци на организацијата.
Воведувањето на членарина ќе придонесе за подобрување и проширување на услугите, поголема достапност и поволности за членовите, како и долгорочна одржливост на активностите на Здружението.
Членарината може да се уплати на следната трансакциска сметка:
Примател: Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС
Банка: НЛБ Банка АД Скопје
Трансакциска сметка: 210-073427800184
Цел на дознака: Членарина
Ви благодариме за довербата и поддршката. Заедно создаваме посилно, поодржливо и поактивно здружение кое ќе продолжи да работи во интерес на сите лица со мултипла склероза.
За Националното здружение за МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 11. март 2019 година. Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platform, EMSP), полноправна членка на Светската алијанса на пациенти (анг. World Patient Alliance) и асоцијативна членка на Националната Алијанса на пациентски организации (НАПО).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.