Драмски театар Скопје и Националното здружение за МС потпишаа Меморандум за соработка

Поддршка, инклузија и култура достапна за сите
НУ Драмски театар Скопје и Национално здружение за МС, потпишаа Меморандум за соработка со цел овозможување поголема социјализација и полесен пристап до културни настани за лицата со мултипла склероза.
Со оваа соработка, Драмски театар Скопје обезбедува:
- 100% попуст на билет за лицето со МС
- 50% попуст на билет за едно лице придружба
За користење на поволностите, потребно е членовите да приложат потврда или членска легитимација како доказ за членство во здружението.
Пред посета на Драмски театар пожелно е да се информирате за бројот на расположливи билети на телефонскиот број на билетарата 076/434343. Исто така, можете да ги резервирате билетите и детално да се информирате за условите за престој, посебно доколку сте корисник на ортопедско помагало.
Овој меморандум претставува значаен чекор кон создавање на поинклузивно општество и овозможување еднаков пристап до културата и уметноста за сите граѓани.
Драмски театар Скопје и Националното здружение за МС остануваат посветени на развивање активности и иницијативи кои ќе придонесат за подобар квалитет на живот, социјална вклученост и културно учество на лицата со мултипла склероза.
За Националното здружение за МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 11. март 2019 година. Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platform, EMSP), полноправна членка на Светската алијанса на пациенти (анг. World Patient Alliance), асоцијативна членка на Интернационалната МС федерација (анг. MS International Federation) и полноправна членка на Националната Алијанса на пациентски организации (НАПО).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.
Повеќе за здружението на следниов линк.