Мултипла склероза наспроти амиотрофична латерална склероза։ Објаснување на разликата

Забавеното и нестабилно одење би било невообичаено за млад или средовечен човек. Сигурно би било знак да посетите лекар за да утврдите дали постои некакво заболување. Дали можеби се работи за мултипла склероза (МС) или амиотрофична латерална склероза (АЛС)? И двете имаат слични имиња, но дали се работи за слични заболувања? Дали имаат слични исходи?
Всушност, иако и АЛС и МС можат да влијаат на рамнотежата и подвижноста, се работи за две различни невродегенеративни заболувања. Причините за појавата и прогресијата на овие заболувања, симптомите, третманите и прогнозите се исто така сосема различни.
Како АЛС и МС влијаат на телото?
Амиотрофичната латерална склероза (АЛС) или заболување на моторните неврони се нарекува и „Лу Геригова болест“ , по славниот бејзбол играч на „ New York Yankees“ чија кариера била скратена поради прогресивното невродегенеративно заболување. Американското здружение за АЛС ја опишува како прогресивна состојба која влијае на клетките во мозокот и ‘рбетниот мозок. Моторните неврони кои испраќаат сигнали и ги контролираат мускулите се дегенерираат, што доведува до мускулна слабост и губење на способноста за движење. Ваквото дегенерирање на нервите во ‘рбетниот столб доведува до лузни (лезии) и стврднување („склероза“) во областа на’ рбетот.
Мултипла склероза (МС) пак е воспалително автоимуно заболување. Имунолошкиот систем ја напаѓа заштитната обвивка на нервните влакна (супстанција позната како миелин), предизвикувајќи трајни лузни (лезии) или склероза на мозокот и ‘рбетниот мозок.
Едното заболување предизвикува дегенерација на моторните неврони (АЛС), а другото предизвикува воспаление (МС). И двете предизвикуваат стврднување (или склероза), но тоа се случува со два сосема различни процеси.
Кој може да заболи од АЛС и МС?
Постојат различни профили на лица на кои им е дијагностицирана АЛС или МС, а утврдени се и одредени сличности за секој од нив. Ако ги поседувате сите карактеристики на профилот, не значи и дека ќе заболите. Меѓутоа, ако спаѓате во една од овие категории, тоа може да им помогне на лекарите да ја утврдат причината за вашите симптоми и побрзо да создадат план за лекување.
Мажите имаат 20 отсто поголеми шанси од жените да развијат АЛС пред 65-годишна возраст. Просечната возраст на дијагностицирање е 55 години. Во САД, пациентите од белата раса опфаќаат речиси 75 проценти од случаите на АЛС.
Ако сте биле во воена служба, тоа исто така може да биде фактор на ризик за амиотрофична латерална склероза (АЛС). Иако не постои научен доказ зошто на поранешните припадници на војската им е дијагностицирана поголема фреквенција на АЛС, постои сомневање дека тоа може да биде поврзано со траума на главата, екстремен физички напор или изложеност на олово, токсични хемикалии или пестициди.
Кај речиси еден милион лица во сад им е дијагностицирана мултипла склероза (МС). Кај жените веројатноста од развивање на релапсно-ремитирачка МС е три пати поголема во споредба со мажите. (Поделбата според полот се однесува дури и на оние кои имаат примарно-прогресивна МС). Повеќето лица со МС се дијагностицирани на возраст од 15 до 50 години. Лицата од сите етнички групи може да развијат МС, меѓутоа кај белите луѓе од северноевропско потекло е забележана најголема фреквенција.
Што предизвикува АЛС и МС?
Причинителите за заболувањата се непознати, но генетиката може да игра фактор кај двете. Дури 10 проценти од случаите на АЛС се „фамилијарна АЛС“ и се наследени преку генетска мутација. Според клиниката Мајо (Mayo Clinic), ако некој има фамилијарна АЛС, нивните деца имаат 50 отсто шанси да ја развијат болеста.
Наследниот ризик кај МС е помал. Според Здружението за мултипла склероза на Америка има само 3 до 4 проценти шанси за развој на МС ако роднина од прв степен (родител, брат или сестра) го има заболувањето.
Иако не постои дефинитивна причина за појава на АЛС, научниците веруваат дека факторите на околината потенцијално можат да играат улога. Се чини дека пушењето кај жените (особено по менопаузата), како и изложеноста на токсични хемикалии.го зголемува ризикот.
Еколошките фактори на ризик за МС вклучуваат недостаток на витамин Д. Бидејќи витаминот Д може да се добие со изложување на сончева светлина, поголема инциденца на оваа болест се забележува во северните географски локации каде што има помалку сончева светлина, подалеку од екваторот.
Друг потенцијален фактор за појава на МС е пушењето. Според американското здружението за МС, „Жените кои пушат имаат 1,6 пати поголеми шанси да развијат МС отколку жените кои се непушачи“. Научниците, исто така, веруваат дека некои паразити може да играат улога во предизвикувањето на МС со промена на имунолошкиот систем и намалување на неговиот одговор.
Симптоми на АЛС и МС
Тешкотиите со одење, слабост, грчеви во мускулите, ослабена координација, сопнување и тешкотии со џвакање, голтање и зборување може да бидат симптоми на АЛС и на МС. Бидејќи постои преклопување на симптомите, само темелното невролошко тестирање може правилно да ја дијагностицира секоја состојба.
Луѓето со АЛС ја губат способноста да ги контролираат мускулите бидејќи нервните клетки во мозокот и ‘рбетниот мозок прогресивно дегенерираат. Иако не сите лица кои имаат АЛС ги пријавуваат истите симптоми или стапка на прогресија, првичните симптоми вклучуваат нарушен говор, отежнато движење, испуштање предмети, општ замор или чувство на тежина или слабост во рацете, стапалата или нозете. Симптомите на АЛС може да вклучуваат и непредизвикано смеење, плачење или зевање.
Типично, луѓето со АЛС не пријавуваат никакви когнитивни симптоми, бидејќи процесот на болеста се ограничува на клетките на предниот дел на ‘рбетниот мозок и не влијае на мозокот. Меѓутоа, во подоцните фази на АЛС, може да се појават и одредени когнитивни проблеми.
Раните симптоми на МС исто така во голема мера варираат. Вообичаени симптоми на МС вклучуваат замор, вртоглавица, визуелни нарушувања и чувство на вкочанетост или пецкање. За разлика од оние со АЛС, лицата со МС може да имаат и симптоми кои влијаат на когнитивната функција.
Дијагностицирање на АЛС или МС
Многу од симптомите на МС и на АЛС имитираат други состојби, така што вашиот лекар ќе треба да го започне дијагностичкиот процес со невролошки преглед. Тој, исто така, ќе ве праша за вашата семејна медицинска историја, работната историја, како и за потенцијалните еколошки влијанија на кои сте биле изложени.
Ако неврологот се сомнева на АЛС, дополнителното дијагностичко тестирање може да вклучи МР или КТ скенирање на мозокот и ‘рбетот, електромиографски тест за спроводливост на нервите и анализи на крвта и урината за да се исклучат други болести и да се тестира присуството на метали. Лекарот исто така може да побара биопсија на нервно и мускулно ткиво и повремено лумбална пункција. Бидејќи не постои конкретно дефиниран тест за дијагностицирање, американското здружение за АЛС препорачува да се побара второ мислење од овластен специјалист за АЛС.
Ако вашиот лекар се сомнева во мултипла склероза, тој ќе побара и невролошки преглед. Дијагностичкото тестирање за МС може да вклучува МР, евоцирани потенцијали и анализа на цереброспиналната течност. За да се исклучат други заболувања како лупус и Сјогренов синдром, или можни инфекции и недостатоци во исхраната, се спроведуваат анализи на крвта.
АЛС и МС се две различни заболувања, но има ретки случаи кога е поставена двојна дијагноза.
Третман на АЛС и МС
Додека научниците продолжуваат со потрагата по лек за двете болести, во моментов не постои лек ниту за МС ниту за АЛС. Забележан е одреден успех во продолжувањето на животниот век на лицата со АЛС. Терапиите со лекови може да ги третираат симптомите на запек, болка, депресија и непредизвикани прикази на емоции кои често ја придружуваат АЛС. Физикалната терапија и говорната терапија, во комбинација со нутриционистичката поддршка и поддршката за дишењето, може да ја минимизираат болката при згрчување на мускулите додека ја максимизираат мобилноста и способноста за комуникација.
Третманите за МС се делат во три категории: Терапиите за модифицирање на болеста може да ја забават прогресијата. Со помош на третмани може да се ублажат симптомите на влошување на состојбата. Достапни се и други лекови за управување со симптомите на МС за подобрување на функцијата и квалитетот на животот.
Прогноза на АЛС и МС
АЛС е секогаш континуирано прогресивна болест, но лицата со некои типови на МС може да имаат периоди без симптоми помеѓу релапсите.
Според американското здружение за АЛС, „Стапката со која болеста напредува може да биде доста променлива од еден до друг случај. Иако просечниот животен век по дијагностицирањето со АЛС е три до пет години, некои луѓе живеат пет, десет или повеќе години“. Можеби најпознатиот случај на долготраен живот со АЛС е теоретскиот физичар Стивен Хокинг, кој живеел со АЛС повеќе од 50 години.
Со прогресијата на АЛС засегнати се мускулите кои се користат за одење, голтање, џвакање, зборување и дишење. Во доцните фази на болеста, со почетокот на парализата потребна е помош при хранењето па дури и дишењето. АЛС е фатално заболување. По едно лице починува на секои 90 секунди како последица од АЛС.
Во моментов, лицата дијагностицирани со МС обично имаат животен век за седум години помал од општата популација. Истражувањето објавено од Универзитетот во Јута (University of Utah ) открива дека смртта обично не е предизвикана од МС директно, туку од компликации предизвикани од неподвижност, хронични инфекции или нарушено голтање и дишење. Сепак, со континуирано истражување, очекуваниот животен на лицата на кои им е дијагностицирана МС или АЛС век се подобрува.
Извор: www.mymsteam.com/resources/ms-vs-als-understanding-the-difference
Забелешка: Овој текст има информативен карактер и необезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.