Мултипла склероза и хемороиди։ причини и совети за справување

Секое лице со мултипла склероза (МС) различно ја доживува состојбата. Од оваа причина тешко е да се каже дали новите симптоми се поврзани со МС или се предизвикани од нешто сосема друго. Ако се справувате со хемороиди (отечени вени во, или околу анусот), сигурно се прашувате дали оваа состојба е предизвикана од МС.
Иако МС директно не предизвикува хемороиди, симптомите на МС може индиректно да предизвикаат нивно формирање. Прочитајте за да дознаете повеќе за хемороидите кај МС, вклучително што се тие, зошто се појавуваат и како може да се управуваат. Како и секогаш, ако развиете нов симптом разговарајте со вашиот невролог.
Што се хемороиди?
Хемороидите се појавуваат кога крвните садови или вените во анусот или ректумот отекуваат. Овие отечени вени можат да бидат внатре во аналниот канал (внатрешни хемороиди) или надвор од него, околу анусот (надворешни хемороиди).
Симптомите кои ги придружуваат хемороидите може да варираат. Некои предизвукуваат чешање и се благо непријатни, додека други може да предизвикаат значителна болка и непријатност. Кога хемороидите се отвораат (руптура) или излегуваат од внатрешноста на анусот (пролапс), може да се појави крварење. Може да делува загрижувачки ако приметите крв во тоалетната школка или на тоалетната хартија. Други можни симптоми на хемороиди вклучуваат оток околу анусот или видливи пролапсирани хемороиди.
Секогаш кога имате ректална болка или ректално крварење, треба да посетите лекар. Тој може да ја идентификува причината и да помогне во справувањето.
Што предизвикува хемороиди кај МС?
МС директно не предизвикува хемороиди, но може да предизвика проблеми со дебелото црево што потоа доведува до хемороиди.
МС се карактеризира со демиелинизација или оштетување на заштитната обвивка што ги опкружува нервните клетки во централниот нервен систем. Кога демиелинизацијата предизвикува формирање на лезии на деловите од мозокот кои ја контролираат функцијата на цревата, комуникацијата помеѓу мозокот и цревата може да се наруши.
Кога оваа комуникација е нарушена може да предизвика тешкотии со сензациите и контролата на мускулите во задниот дел и дното на анусот. Ова може да резултира со проблеми со цревата како инконтиненција (недостаток на контрола над цревата), дијареа или запек. Некои луѓе сведочат дека запекот и дијареата наизменично се менуваат.
Запекот и дијареата, особено кога траат долги временски периоди, може да доведат до хемороиди.
Имајте предвид дека МС не секогаш е одговорна за проблемите со дебелото црево како запек или дијареа. Одредени лекови, инфекции, дехидрација и проблеми со исхраната (како недостаток на растителни влакна) можат исто така да придонесат. Дополнително можеби некоја друга здравствена состојба, покрај МС, влијае на состојбата на цревата.
Управување со хемороиди
Ефикасното управување со хемороидите може да го подобри квалитетот на вашиот живот, а достапни се многу опции за третман. Вашиот лекар може да ви препорача третман кој ќе биде ефикасен за вас и компатибилен со останатите третмани кои ги користите во управувањето со МС.
Третман на запек или дијареа
Бидејќи хемороидите кај лицата со МС обично се предизвикани од дијареа и запек, ставањето под контрола на овие симптоми може да им даде шанса на хемороидите да заздрават.
Третман на запек
Постојат голем број работи кои може да се преземат при третирање на хроничен запек. Вашиот лекар може да предложи прво да направите одредени промени во животниот стил или да пробате домашни третмани, бидејќи тие често може да бидат ефикасни, а предизвикуваат минимални несакани ефекти.
Промените во животниот стил или домашните лекови кои помагаат за запек вклучуваат:
- Промена во начинот на исхрана со внесување на повеќе влакна, обично во форма на овошје, цели зрна, зеленчук, или додатоци на влакна.
- Тренирајте го телото да ги испразни цревата во одредено време секој ден
- Додавање физичка активност во вашата рутина до степен до кој ви е удобно
- Внесувајте течности, најмалку 1.5 литри дневно, по можност и повеќе
- Користење на седечка бања со топла вода
- Користење на ладни облоги на зафатената област
Ако овие предлози не се делотворни вашиот лекар може да препорача супозитории, клизма или омекнувачи на столицата.
Исто така, ако на тоалетната школка седите во свиткана положба се олеснува празнењето на цревата и се намалува потребата од напрегање.
Третман на дијареа
Дијареата не е толку честа појава кај лицата со МС. Меѓутоа кога ќе се појави, сепак може да предизвика хемороиди. Ако се справувате со хронична дијареа, вашиот лекар може да изврши физички преглед и да спроведе тестови за други состојби кои ја предизвикуваат оваа состојба, како инфекција, воспалителна болест на цревата (како на пример Кронова болест), паразити и многу повеќе.
Ако дијареата е предизвикана од прекумерно функционирање на цревата предизвикано од МС, вашиот лекар може да ви препише лекови за справување со неа.
Третман на хемороиди со препарати кои се издаваат без рецепт
Ако се справувате со хемороиди и сакате да ја ублажите болката додека ги пробувате горенаведените третмани, постојат голем број опции на препарати кои се издаваат без рецепт, а можат да ви помогнат. Доаѓаат во различни форми, вклучувајќи марамчиња, супозитории, влошки, масти и креми. Овие препарати не секогаш нудат трајна помош, но може да ја намалат болката со што се олеснува справувањето со хемороидите. Како и со секој препарат кој се издава без рецепт, разговарајте со вашиот лекар пред да го употребите.
Хируршки зафат како третман за хемороиди
Ако не можете да ги ублажите хемороидите со лекување на основната причина, или користејќи ги горенаведените методи за управување, вашиот лекар може да препорача еден од неколкуте хируршки третмани за справување со нив.
Многу од овие третмани се високо ефикасни, минимално инвазивни и се изведуваат под дејство на локален анестетик.
Во некои ретки случаи, во третманот на хемороиди може да биде потребен поинвазивен хируршки зафат, како хемороидектомија. Сепак, ова е обично последната опција, бидејќи другите третмани имаат тенденција да бидат високо ефикасни.
Извор: www.mymsteam.com/resources/ms-and-hemorrhoids-causes-and-tips-for-managing
Забелешка: Овој текст има информативен карактер и не оезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.