ИМУНИЗАЦИЈА (ВАКЦИНАЦИЈА)

Денес, многу лица со мултипла склероза (MС) се загрижени во врска со безбедноста на рутинските вакцини, како и имунизацијата потребна за патување во други земји. Информациите за секоја од наведените вакцини, се засновани врз најдобрите достапни докази.
Општи препораки
Академијата за неврологија (анг. The Academy of Neurology), во соработка со Immunization Panel of the Multiple Sclerosis Council for Clinical Practice Guidelines, неодамна објавија докази и препораки по однос на имунизацијата кај лица со МС. Заклучоците се следни:
- доказите даваат поддршка на стратегијата за минимизирање на ризикот од стекнување на инфективни болести кои можат да стимулираат појава на релапси (напади или егзацербации) кај МС.
- вакцините за грип, хепатитис Б, варичела и тетанус се безбедни за лицата со МС.
Во 2017 година се направи систематски преглед на објавените студии за улогата на вакцините во ризикот за појава на релапси кај MС:
- нема промена во ризикот од прогресијата на МС по вакцинирање против сезонски грип, хепатитис Б, хуман папиломавирус (ХПВ), морбили-заушки-рубеола, вариола, тетанус, BCG (против туберкулоза), полио или дифтерија;
- нема зголемен ризик од релапс по вакцинација против сезонски грип.
Одлуките за потенцијалните придобивки и ризиците од дадена имунизација треба да се направат во консултација со здравствените работници, вклучувајќи го и вашиот матичен доктор и невролог.
Посебна претпазливост
- лицата кои се соочуваат со сериозен релапс кој влијае врз нивната способност да вршат активности од секојдневниот живот, треба да ја одложат вакцинацијата до 4-6 недели по појавата на релапсот.
- деактивираните вакцини, генерално се сметаат за безбедни кај лицата со МС, вклучувајќи ги и оние кои примаат лекови кои ја модифицираат болеста (анг. DMTs).
- живи или живи-атенуирани вакцини генерално не се препорачуваат кај лицата со MС.
- лицата кои примаат имуносупресивна терапија, како што е azathioprine, mitoxantrone и/или кортикостероидна терапија, треба да се консултираат со невролог пред да примат било каква вакцина од живи вируси.
- лицето не смее да прими вакцина базирана на живи вируси доколку користи alemtuzumab.
- сите препорачани живи и живи-атенуирани вакцини треба да се администрираат најмалку 4 недели пред да започне третманот со ocrelizumab. Не треба да се даваат никакви живи-атенуирани или живи вакцини за време на третманот или после третманот се додека вашиот лекар не ви каже поинаку. Кога е можно, лицето треба да прими било какви неживи вакцини најмалку 2 недели пред да започне со третман со ocrelizumab. Доколку сакате да добивате било какви неактивни вакцини, вклучувајќи сезонска вакцина против грип, додека се лекувате со ocrelizumab, разговарајте со вашиот лекар. Ако сте бремени или планирате да забремените по примање на ocrelizumab разговарајте со вашиот лекар за вакцинирање за вашето новороденче, бидејќи може да бидат потребни некои мерки на претпазливост.
- не треба да примате живи или живи-атенуирани вакцини во период од 4 до 6 недели пред вашиот третман со cladribine. Не би требало да примате вакви вакцини за време на третманот со cladribine се додека вашиот лекар не ви каже поинаку.
- треба да избегнувате да примате живи вакцини за време на третманот со siponimod*. Siponimod треба да се прекине 1 недела пред и 4 недели по добивањето на жива вакцина. Ако добиете жива вакцина, може да се разболите од болеста за која сте се вакцинирале. Вакцините, исто така, може да не го дадат саканиот ефект кога се даваат за време на третманот со siponimod.
- експертите за МС не се едногласни по однос на ризиците од вакцинација кај лицата со MС, чијшто близок член на семејството примил вакцина која вклучува живи вируси. Сепак, потребно е семејството да разговара со неврологот како најдобро да се справат со оваа ситуација.
Информации за одредени специфични вакцини
2018-2019 вакцина против сезонски грип
Составот на U.Sl вакцината за грип се ревидира годишно од страна на Центрите за контрола на болести и се ажурира со цел да се совпадне со циркулирачкиот сој на вирусот на грип.
- 2018-19 година Центрите за контрола и превенција од болести (анг. Centers for Disease Control and Prevention, CDC) препорачуваат сезонска вакцина против грип за сите постари лица од 6 месеци. Сезонската вакцина против грип е темелно проучена кај лицата со МС и се смета за сосема безбедна, без оглед на лекови кои ги примаат. Лицата со MС треба да користат неактивирана вакцина против грип и да ја избегнат живата, атенуирана вакцина (во вид на спреј за нос).
Вакцина против вирусот на хепатитис Б (ХБВ)
- Вакцината против хепатитис Б се препорачува за сите деца, адолесценти и возрасни лица кои се изложени на потенцијален ризик на оваа загрозувачка болест. Хепатит Б е сериозна болест која може безбедно да се спречи со вакцинација.
- Лица кои се изложени на ризик вклучуваат: секојa работа што вклучува контакт со човечка крв, лица со дијабетес кои имаат помалку од 60 години, лица кои имаат интимни односи или живеат во иста куќа со лице со хепатитис Б и оние кои имаат интимни односи со повеќе од еден партнер. Дополнително, луѓето кои живеат или патуваат надвор од земјата повеќе од 6 месеци во годината, исто така, им се советува да ја примат оваа вакцина.
- Во 2002 година, Институтот за медицина на Националната академија на науките (анг. National Academy of Sciences’ Institute of Medicine, IOM) утврди дека не постои поврзаност помеѓу вакцинацијата против хепатит Б и почетокот на МС. Според 2017 systematic review of vaccine safety in MS, заклучуваме дека вакцината против хепатитis Б не го зголемува ризикот за развој на МС.
Вакцина против Хуман папилома вирус (Gardasil®)
- Оваа вакцина е наменета за спречување на HPV 6, 11, 16 и/или 18 поврзани со појава на рак на грлото на матката, цервикални дисплазии, вулварни и вагинални дисплазии, како и condyloma acuminate (кондиломи) кај девојчиња и жени на возраст од 9 до 26 години.
- Еден приказ на случај (Waldemann et al., 2009) опишува почеток на акутен дисеминиран енцефаломиелитис кое се јавува после втора вакцинација со Gardasil и Sutton et al. (2009) пријавиле пет пациенти со мултифокални или атипични демиелинизирачки сиднроми во тек на 21 ден од втората или третата имунизација (од кои три претходно имале клинички изолирани епизоди на невролошка дисфункција). Сепак, една неодамнешна голема студија на пациентите во Данска и Шведска не покажала зголемен ризик за развој на МС, кај околу 800.000 лица кои ја примиле оваа вакцина. На употребата на Gardasil треба да претходи дискусија помеѓу пациентот и лекарот по однос на придобивките и ризиците.
Пневмококна вакцина (Prevеnar® 13-PCV13)
- PCV13 заштитува од 13 видови на пневмококни бактерии;
- Една доза на PDV13 се препорачува кај сите возрасни лица постари од 65 години кои претходно не ја примиле вакцината.
- Пневмококната вакцина е деактивирана и безбедна за лицата со MС.
- Според препораките на Американската академија за неврологија за вакцинирање на лицата со MС, пневмококната вакцина треба да се земе предвид кај лица со компромитирана белодробна функција, вклучувајќи ги и оние кои трајно користат инвалидска количка или се во кревет.
Вакцина против сипаници
- Додека ваквата вакцина не е проучена кај луѓе со MС, таа треба да биде достапна за секое лице со MС директно изложено на големи сипаници, бидејќи ризиците поврзани со невакцинирање би биле премногу сериозни.
Студии за безбедност и ефикасност на вакцините кај лица со MС
Некои, но не и сите, вакцини се проценети за нивната безбедност и ефикасност кај лицата со МС:
- Студија за вакцини кај лица со мултипла склероза, објавена во 2001 година во New England Journal of Medicine, покажа дека вакцинацијата за тетанус, хепатитис Б или грип не го зголемува краткорочниот ризик од појава на релапси кај лица со MС.
- Студија од National Immunization Program of the Centers for Disease Control and Prevention, објавена во Archives of Neurology во 2003 година, покажа дека вакцинацијата против хепатитис Б, грип, тетанус, мали сипаници или рубеола не го зголемува ризикот за развој на МС или оптички невритис (кој често е прв симптом на МС).
- Една мала студија, објавена во Archives of Neurology во 2011 година, кај лица со релапсно ремитентна МС кои добиле вакцинација против жолта треска пред да патуваат, утврдиле значително зголемен ризик од појава на релапси на МС во тек на шест недели по вакцинација во споредба до преостанатиот, двегодишниот период на следење. За лицата со МС кои мора да патуваат во области каде што жолтата треска е честа појава, зголемениот ризик од релапс треба внимателно да се измери во однос на веројатноста за изложеност на жолта треска – што е потенцијално фатална болест.
- Студија кај скоро четири милиони девојки и жени идентификувани во државните регистри за пациентите во Данска и Шведска, објавени во Journal of the American Medical Association, не покажала зголемен ризик за развој на МС помеѓу речиси 800.000 жени кои добиле четири валентна хуман папилома вирус вакцина, со цел превенција на рак на грлото на матката.
- Преглед на податоци од комплетната електронска медицинска здравствена евиденција на Kaiser Permanente Southern California помеѓу 2008 и 2011 година, објавена во JAMA Neurology, не најде долгорочна поврзаност на вакцините со MС или било која друга демиелинизирачка болест на централниот нервен систем.
Студии за вакцини со специфични лекови кои ја модифицираат болеста
- Слепа, рандомизирана, мултицентрична, плацебо-контролирана студија, објавена во Neurology во 2015 година, ја проценила ефективноста на вакцината против грип кај пациенти лекувани со fingolimod. Истражувачите откриле дека повеќето пациенти со МС лекувани со fingolimod биле способни да дадат имун одговор на вакцината, а мнозинството ги исполнило критериумите што укажуваат на заштита. Сепак, стапките на одговор биле намалени во споредба со пациентите лекувани со плацебо. Севкупно, имаше намалување на вакцинираните имунолошки реакции кај пациентите третирани со fingolimod.
- Една студија објавена во Neurology во 2013 година го испитуваше ефектот на teriflunomide врз ефикасноста и безбедноста на вакцината против грип и покажа дека пациентите лекувани со teriflunomide генерално имаат ефективни имунолошки одговори на вакцинацијата со сезонски грип. Истражувачите заклучија дека teriflunomide генерално не влијае негативно врз способноста на пациентите со MС да ги покренат имуните одговори на вакцинацијата против грип.
- Една мала студија на случаи, објавена во Neurology во 2013 година, ја проценила имунокомпетентноста кај пациентите по третман со alemtuzumab преку мерење на ниво на антитела на неколку вакцини пред и по третман. Истражувачите заклучија дека серумските антитела против вообичаените вируси остануваат забележливи после третманот, а имало задржана способност да се постави имунолошки одговор против новите антигени по третманот со alemtuzumab.
Резиме Табела со препораки за вакцина
Вакцина |
Тип | Употреба кај лица со МС |
инјектабилна сезонска вакцина против грип | деактивирана | се смета за безбедна |
Flu-Mist® вакцина против грип | жива-атенуирана | не се препорачува |
Вакцина против Human papilloma virus (HPV) | деактивирана | веројатно безбедна |
вакцина против хепатитис Б | деактивирана | се смета за безбедна |
вакцина против сипаници-заушки-рубеола | жива-атенуирана | веројатно безбедна кај лица кои не примаат имуносупресивна терапија |
Prevnar® 13 пневмококова вакцина | деактивирана | се смета за безбедна |
Полио (детска парализа) | деактивирана | веројатно безбедна |
Беснило | деактивирана | веројатно безбедна; бенефитот е поголем од ризиците |
Тетанус | деактивирана | се смета за безбедна; може да превенира поајава на релапси |
Вакцина против жолта треска | жива-атенуирана | може да не биде безбедна, не смее да се употребува кај лица кои примаат имуносупресивна терапија |
Zostavax® вакцина против херпес зостер |
жива-атенуирана |
веројатно безбедна за било кое лице кое имало вали сипаници |
Адаптирано од Williamson EML, Chahin S, Berger JR. Vaccines in multiple sclerosis. Curr Neurol Neurosci Rep 2016; 16:36.
* не е регистриран во Република Северна Македонија
Забелешка: Рубриката „Најнови информации“ е дел наменет исклучиво за вести и информации на оваа веб страница за оваа болест. Не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени во оваа рубрика не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.