ХРАНА ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ЛИБИДО И ХРАНА ЗА ПЛОДНОСТ

Со векови наназад, но и до ден денешен потрагата по афродизијачки еликсири, односно волшебни стапчиња за појачување на сексуалноста не е новост. Чинам дека во ова време на брзо темпо на живеење потребата од брзи решенија на било кој проблем е сé поголема. Сакаме брзо да ослабеме, сакаме брзо да ни ги снема брчките на лицето, сакаме брзо да ги решаваме сите проблеми. Секако сакаме брзо и да го решиме и проблемот со сексуалноста и со импонтенцијата. Во потрагата по вакви брзи решенија на проблемите се посегнува по многу видови лекарства, чаеви, други напитоци од сомнителен карактер, а потоа последиците можат да бидат и фатални.
Здраворазумната мисла ќе наметне логично прашање: Како да не дојдам до проблемот, како да ја сочувам својата сексуална моќ и плодноста по триесетата, четириесеттата година?
Решението е едноставно и токму заради тоа и не му се дава доволно внимание. Решението е во промена на стилот на живеење а пред сé промена на начинот и видот на исхрана. Здравата природна храна, чистата вода, одморот, добриот квалитетен сон, движење низ природа, дружење со позитивни луѓе, ќе придонесе за намалување на стресот, а со тоа ќе се одржи и добар хормонален баланс кој ќе резултира со добра сексуална активност. Има многу примери за успешно подобрување на состојбата кај многу членови од ЦД Диет Клубот со промена на начинот на исхрана во изминатите 20-тина години. Многу од нив станаа родители, по прв или втор пат.
Секако дека постојат и одредени здрави намирници кои дополнително може да придонесат за појачување на сексуалноста кај жените, како и кај мажите.
Еве неколку примери:
Често следниве кулинарски зачини зависно од количината во која се конзумираат умеат да бидат добри стимуланси за сексуалната активност: од житарките – зобот (avena sativa), лукот (allium sativum), шпарглите (asparagus officinalis), зелената салата (lactuca sativa), магдоносот (petroselinum sativum), сувото овошје, како сирови бадеми, сирови семки од тиква, урми, смокви, грозје, сливи итн, нането, рузмарин (rosmarinus officinalis), мускатно оревче (myristica fragrans), бибер (piper nigrun).
Со задоволство ќе ви препорачам секојдневно користење на овие здрави сексуални стимуланти со еден конкретен предлог за вечера или ручек.
Направете свежа салата од марула која ќе ја зачините со дресинг од ладно цедено маслиново масло, лукче , магдонос, ќе додадете сирови семки од тиква, суво грозје и на крај ќе ја посолите со ѓумбир во прав. Како десерт нека ви биде еден грст од суво овошје и бадеми, оревчиња. Овој едноставен оброк ако го практикувате секојдневно барем три недели ќе почувствувате навистина позитивни ефекти во вашата сексуалност.
Покрај овие сексуално стимулативни продукти, постојат продукти кои може да се категоризираат како афродизијаци.
- Женшенот (panax ginseng) е билка која е автентична за просторите на Кореа и Кина. Таа се користи традиционално со илјадници години како стимулативно средство кое влијае на нервниот систем и сексуалната активност. Бидејќи има супстанции кои ги потикнуваат лачењето на машките хормони, нормално ја зајакнува сексуалната моќ кај мажите. Не смеат да го користат жени, посебно трудници, а тоа го напоменува и професор Израел Брекман од академија на науки на стариот Советски Сојуз.
- Мускатно оревче (myristica fragrans) е ароматичен зачин кој се додава на бешамел сос и на други сосови за да се добие продорен мирис. Но, многу малку се знае дека ако се користи во поголема количина тоа е отров кој може да предизвика халуцинации. Значи ова е билка со антидепресивен ефект, па кога е добро дозирана има убаво афродизијачко дејство.
- Корен мака (лepidium meyenii или peruvian ginseng) – афродизиjакот од Андите – една од суперхраните од цивилизацијата на Инките. Маката го стимулира работењето на хипоталамусот кој е одговорен за сексуалните хормони и кај женското и кај машкото тело. Какаото го зголемува дејството на маката за повеќепати, па ви предлагам секој ден да го конзумирате следниов напиток: едно мало лажице какао (може варено, но може и во млака вода да се додаде едно мало лажиче мака, да се заслади со мед или рогач и да се пороси со цимет.
- Ѓумбир (zingiber officinale) е корен кој е застапен најмногу во Кина и сите азиски земји. Јас би го нарекла и корен на животот, бидејќи нема ниту еден негативен ефект, а може и треба да го користи секој без разлика на возраста. Ако за некој продукт може да се каже дека се препорачува за се, тоа важи секако за неговото величество ѓумбир. Се користи како додаток на пикатни јадења во дејство на разубавувач на вкусовите но и зголемувач на либидото. Има афродизијачко дејство благодарејќи на силната арома која доаѓа од присуството на есенцијални маснотии. Се користи во повеќе форми, свежиот користете го во готвењето и салатите, но и за правење на чај. Сувиот да го практикувате како чај, додаток на супи, поросете ги салатите но може да го користите и кандираниот како грицки.
Сите овие продукти и многу други како нив помагаат во нормализирање на сексуалната активност но во основа проблемот се решава со севкупна промена на начинот на исхрана. Еве неколку совети во таа насока:
- Наместо сокови (газирани и негазирани), наместо млеко, наместо јогурт, пијте чиста негазирана вода (повремено да се пие алкална вода со над 7,5 pH фактор).
- Наместо чоколади, кекси, бонбони, сладоледи….. конзумирајте суво овошје во неограничени количини како суво грозје, смокви, урми, сливи…
- Наместо грицки: чипсови, грисини, смоки… конзумирајте јаткасти сирови плодови и сирови семки: бадеми, лешници, ореви, семки тиква, сончоглед, лен, интегрален сусам, пуканки.
- Наместо тешки и масни меса, кашкавали, сирења, сувомеснати производи, конзумирајте риба, печурки, морски плодови, дивеч.
- Наместо лиснати теста, бели лебови, бурек, конзумирајте интегрален леб, интегрален ориз, компир.
- Наместо брза храна користете готвена храна: грав, грашок, леќа, боранија, зелка, турли тава…
- Наместо многу кафиња, цигари, алкохол, почнете да пиете чаеви: зелен чај со ѓумбир, чај од ѓумбир со лимон, чај од брусница со ѓумбир и придружете мешавина од сирови јаткасти плодови (бадем лешник, орев) и суво овошје со чајот.
Вратете се на природната исхрана и ќе ви се вратат сите нормални и природни функции на телото. Вреди напорот за да се направат промените кои ќе ви го разубават животот.
Пишува: сертифициран нутриционист, консултант Цвета Динева од ЦД диет клуб Скопје, контакт тел. 02 3214 099 или 078 363 903.