ФАРМАКОЛОШКИ ТРЕТМАН НА МУЛТИПЛА СКЛЕРОЗА

Почнувајќи од 1993 година, пациентите со мултипла склероза (МС) имаат можност да ја лекуваат својата болест со таканаречени лекови кои ја модифицираат болеста (анг. DMT, Disease Modifying Therapies). За жал, сé уште не постои лек за излекување на МС, па целта на постоечките лекови е превенција и стопирање на инвалидитетот кој потенцијално може да го предизвика оваа болест.
MС се смета за автоимуна болест, што значи согласно патогенезата присутни се воспаление и невродегенерација кои се менуваат во тек на болеста. Нарушени се нормалните имунолошки механизми кои вклучуваат Б- и Т- лимфоцити, интеракции помеѓу нив, како и антитела. Тоа резултира со оштетување на миелинската обвивка или на клетките што произведуваат миелин, т.н. олигодендроцити. Лековите кои ја модифицираат болеста влијаат на воспалителниот процес на болестa, со цел да се ограничат оштетувањата на централниот нервен систем (ЦНС) и ‘рбетниот мозок.
Иако, точните причини за појавата на MС се сé уште непознати, сѐ поголемиот успех на лековите во менување на текот и на сериозноста на болеста, го зајакна концептот дека во основата на МС е нарушување на имунолошкиот систем.
Третман на мултипла склероза
Во третман на мултипла склероза се користат два вида на третмани: фармаколошки и симптоматски.
- Фармаколошки третман
Треба да напоменеме дека не постојат лекови кои имаат можност да ја поправат веќе направената штета, но фармаколошкиот третман всушност овозможува превенција и спречување на натамошна прогресија на болеста.
Кортикостероидите, се лекови кои се користат повремено, само при појава на релапс. Целта на временски ограничениот третман со кортикостероиди е да се намали воспалението и симптомите на МС, како да се постигне побрзо заздравување.
Лекови за третман на МС се лекови кои ја модифицираат болеста (анг. DMT, Disease Modifying Therapies), со цел директно влијание како би се постигнало намалување на бројот на релапси, намалување на бројот на појава на нови демиелинизирачки лезии, а воедно би резултирало со стопирање на прогресијата на болеста.
Првите лекови за третман на релапсна ремитентна форма на МС (РРМС) беа одобрени за употреба во светот во 1990-тите години, додека за најтешката форма на мултипла склероза, примарно прогресивната форма на МС (ППМС), до 2018 година немаше одобрен лек. За третман на секундарно прогресивна МС (СПМС), во моментов не постои одобрен лек, иако бројни студии ветуваат дека таквиот третман ќе биде достапен во следните неколку години.
Денес, за среќа голем дел од лековите за третман на МС се регистрирани и достапни во нашата држава (Слика 1).1 Од дидактична гледна точка лековите можеме да ги поделиме на лекови од прва линија и лекови од втора линија. Но, можеби попрактично е да ги поделиме на ниско ефикасни, средно ефикасни и високо ефикасни.
Прва линија на лекови за третман на РРМС се: interferon beta, interferon alpha, glatiramer acetate, teriflunomide и dimethyl fumarat. Втората линија на терапија за РРМС се состои од natalizumab, fingolimod, ocrelizumab, alemtuzumab и cladribine. Засега единствен лек за третман на ППМС е ocrelizumab.
Генерално, лековите од прва линија имаат поприфатлив безбедносен профил, имаат помалку несакани ефекти, но имаат пониска ефикасност додека другите лекови (од втора линија) имаат повисока ефикасност, но со поголем број на потенцијални несакани ефекти.
Цел на третманот
Основна цел на третманот е да се ограничи нарушувањето на имунолошкиот систем, и на тој начин да се спречат воспалителните процеси што предизвикуваат оштетување на миелинот на ЦНС. Покрај спречување на релапсите, целта е да се спречи или барем да се одложи акумулацијата на инвалидитетот и развој на прогресивна форма на MС.
Намалување (контрола) на активноста на болеста
- превенција на релапси2
- превенција на акумулација на инвалидност2
- намалување на интензитет на симптоми3
- оптимизација на квалитетот на живот3
Стопирање на активноста на болеста
- забавување или запирање на активноста и прогресијата на болеста
- превенција и обновување на невролошкото оштетување
- задржување на здравјето на пациентите
Ефект на третманот во одржување на мултиплата склероза
Третманот треба да започне што е можно порано, со цел да се постигне целосниот ефект на терапијата и да се оствари подобар квалитет на живот. Без оглед на начинот на дејството на лекот, употребата на лек овозможува намалување на активноста на болеста, кое на долг рок дава голем број на позитивни резултати и придобивки.
Покажано е дека лицата кои користат лек, имаат можност да го намалат бројот на невролошки оштетувања, бројот на релапси, бројот на нови мозочни лезии и да ја стопираат прогресијата на инвалидитетот, односно да постигнат минимизирање на активноста на болеста (анг. disease free). Исто така, лицата со МС кои биле лекувани покажале повисоко задоволство од квалитетот на живот и поголема можност за вршење на секојдневните задачи.
Да резимираме, при избор на терапија треба да се земе предвид типот на МС, активноста на болеста (анг. disease activity), потенцијалните несакани ефекти од лекот, другите придружни заболувања (ако се присутни), преференца на лекарот и пациентот.
Референци:
- Регистар на лекови, достапно на: https://lekovi.zdravstvo.gov.mk/. пристапено: 11.07.2019 г.
- Fox EJ, Rhoades RW. Curr Opin Neurol 2012;25(suppl 1):S11‒9.
- Giovannoni G, Rhoades RW. Curr Opin Neurol 2012;25(suppl 1):S20‒7.
Забелешка: Рубриката „Најнови информации“ е дел наменет исклучиво за вести и информации на оваа веб страница за оваа болест. Не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени во оваа рубрика не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.