Дали кафето може да помогне во олеснување на заморот кај МС?

Пиењето кафе секој ден се чини дека им помага на луѓето со мултипла склероза (МС) кои имаат помал степен на инвалидитет во совладување на заморот, како што се изјаснила група пациенти во прашалник, според кој кофеинот им овозможил подобро да се концентрираат на задачите и да го задржат вниманието, се наведува во студијата.
Истражувачите сугерираат дека редовната потрошувачка на кафе „за одбрани пациенти“ може да биде начин за олеснување на заморот поврзан со МС.
Студијата „The Effect of Coffee and Caffeine Consumption on Patients with Multiple Sclerosis-Related Fatigue” беше објавенa во списанието Nutrients.
Замор е вообичаен симптом на МС, кој влијае на над 70% од луѓето со оваа болест. Овој симптом не е чувство на замор, но, според една студија од 2008 година, се дефинира како екстремна исцрпеност што се јавува ненадејно или може да биде предизвикана од фактори како активност, стрес, инфекции или дигестија.
Претходната студија објави дека 14% од пациентите со МС го сметаат заморот како најлош симптом, а 55% сметале дека е меѓу симптомите што најмногу влијаат на нив.
И покрај негативниот ефект врз животот на пациентите, не постојат јасни терапевтски препораки за справување со замор кај МС. Терапиите без лекови и здрав начин на живот станаа важни алтернативи за спречување на заморот. Едноставни пристапи како пиење кафе исто така може да имаат позитивен ефект.
Кафето е составено од повеќе од 1.000 состојки, вклучително и кофеинот. Кофеинот е добро познат по тоа што го стимулира централниот нервен систем (мозок и ‘рбетниот мозок) и промовира краткорочно подобрување на вниманието. Исто така има и позитивно влијание врз сознанието и меморијата.
Поради својата структура, кофеинот може да ја премине крвно-мозочната бариера – мембрана што го заштитува централниот нервен систем од циркулирачка крв и може да го намали ефектот на аденозин, невротрансмитер кој има смирувачки ефект. Невротрансмитерите се супстанции произведени како одговор на нервните сигнали кои делуваат како хемиски трансмитери.
Истражувачите од болницата на Универзитетот во Регенсбург во Германија испитувале како консумирањето кафе може да помогне во олеснување на заморот кај луѓе со МС.
Тие ги проценија навиките за консумирање кафе кај пациенти со МС, како корисните, така и штетните ефекти од неговото дневно консумирање врз заморот.
Вкупно, 124 пациенти со МС пополниле прашалник за употребата на кафе. Нивниот замор беше проценет со помош на скори за тежина на замор (анг. Fatigue Severity Score, FSS), кој се движи од девет до 63, со повисоки оценки кои укажуваат на потежок замор и скала за поспаност на Epworth (анг. Epworth sleepiness scale, ESS). Прашањата се однесувале и на проблемите со заспивање и спиење во текот на ноќта и дали пациентите се чувствувале добро и одморено наутро.
Четириесет и шест пациенти (средна возраст од 49 г.) биле класифицирани дека чувствуваат замор, додека 78 други (средна возраст од 45 г.) биле класифицирани „без замор“. Не биле утврдени значителни разлики во однос на возраста, полот, дијагнозата (вид на МС) или навики за консумирање кафе.
Стапките на невработеност беа значително повисоки во групата замор (56,5%) споредено со групата „без замор“ (21,8%). Четириесет и три пациенти се изјасниле дека не работат за време на анализата, вклучувајќи 29 кои не биле во можност да работат поради МС.
Средната оценка на групите на Скалата за статус на инвалидитет (EDSS) – метод за процена на инвалидитет во МС, со повисоки оценки со поголема инвалидност – беше 2,5, што укажува на низок степен на инвалидитет.
Меѓу групата „замор“, 39,1% од пациентите имале EDSS од 4,0 или повисока (индикатор за значителна попреченост), како и 19,2% пациенти во групата „без замор“. Не се пронајдени значителни разлики во навиките на консумација кафе kaj различен степен на EDSS од 0, под 4 или 4 и погоре.
Триесет и четири пациенти се изјасниле дека имаат проблеми со спиењето, но не е откриена поврзаност со конзумирањето кафе. Слично на тоа, 66 пациенти (53,2%) пријавиле будење повеќе од еднаш навечер, без корелација со навиките за пиење кафе.
Во просек, овие луѓе пиеле 2,67 шолји кафе дневно, при што една чаша е дефинирана како 150 ml. Повеќето пациенти пријавиле да пијат до четири шолји кафе на ден, додека 14 воопшто не консумирале кафе.
Мнозинството (79,9%) го пиеле своето кафе во текот на денот или пред 6 часот, а 8,1% пиеле кафе навечер. Оние што пијат кафе подоцна од 6 часот, се консументи кои пиеле поголема количина кафе (во просек 6,6 чаши дневно). Тимот не нашол никаква поврзаност помеѓу пиењето кафе доцна и проблеми со спиењето.
Речиси половина од овие лица (58 пациенти или 46,8%) изјавиле дека имаат потреба од кафе за да го започнат денот како причина за консумирањето, додека 32 (25,8%) изјавиле дека не чувствуваат никакви ефекти од пиење кафе.
Не се пронајдени значителни разлики помеѓу дневниот внес на кафе и резултатите од EDSS или вредностите на FSS. Како и да е, истражувачите забележале дека консументите на кафе со поблаго до средно ниво на инвалидност, EDSS помеѓу 0 и 4, имале подобра концентрација и внимание и по структурирана дневна рутина.
Може да се претпостави дека овие пациенти можат да имаат корист од ефектите од консумацијата на кафе заради нивните сè уште зачувани когнитивни резерви, утврдија истражувачите.
Консумацијата на кафе исто така не донесе значајни несакани ефекти.
„Во нашата група, не може да се најде негативно влијание на потрошувачката на кафе или кофеин врз квалитетот на спиењето и не се забележани сериозни несакани ефекти“, пишуваат истражувачите.
„Пациентите со МС со EDSS повисок од 0, но понизok од 4, забележале најсилен ефект од консумацијата на кафе врз нивните когнитивни способности, главно во однос на поголем ментален капацитет и по структурирана дневна рутина“, додаваат тие.
„Бидејќи кафето нема сериозни несакани ефекти, како и во отсуство на ефикасна терапија за замор, потрошувачката на кафе може да има терапевтски пристап кај одредени пациенти кои чувствуваат замор како резултат на МС“, сугерираше тимот.
Извор:
Забелешка: Рубриката „Најнови информации“ е дел наменет исклучиво за вести и информации на оваа веб страница за оваа болест. Не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени во оваа рубрика не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.