Свесност за фармаковигиланца – резултати од анкета

Скопје, 07.07.2019 гoдина
Следењето на безбедносниот профил на лековите е од исклучително значење бидејќи овозможува заштита на пациентите, преку обезбедување на важни и актуелни информации за безбедноста на лековите на здравствените работници, како и почитување на регулаторните барања за безбедност на пациентите.
Со цел да се испита свесноста за фармаковигиланца (несакани реакции предизвикани од лекови и пријавување на истите) помеѓу пациентите со мултипла склероза неодамна на ФБ групата „МС Македонија“ беа спроведени три доброволни анкети. Со оглед дека за ниту една не беа објавени резултатите досега, решивме тоа да го направиме сега.
Првата анкета беше со наслов „Дали досега сте имале несакана реакција предизвикана од лекови?“. Во неа учествуваа вкупно 28 лица со мултипла склероза кои имаа можност да одберат еден од трите можни одговори. Така што, 75% од испитаниците одговориле дека досега почувствувале несакана реакција предизвикана од лек за мултипла склероза, 39% одговориле дека тоа е многу често (еднаш неделно), додека само 25% од испитаниците никогаш досега не почувствувале несакана реакција во тек на лекувањето на мултиплата склероза. Резултатите графички се прикажани на слика 1.
Слика 1. Резултати од анкетата „Дали досега сте имале несакана реакција предизвикана од лекови?“
Втората анкета беше со наслов „Дали доколку сте имале несакана реакција предизвикана од лек, истата сте ја пријавиле?“. Во неа учествуваа вкупно 28 лица со мултипла склероза кои користеле терапија за мултипла склероза. Испитаниците имале можност да одберат еден од четирите можни одговори. Загрижува фактот дека повеќе од 90% од лицата со МС кои примаат лекови досега почувствувале несакана реакција предизвикана од лек. Повеќе од половина (57%) од испитаниците одговориле дека секогаш ги пријавувале несаканите реакции предизвикани од лек, додека 14% одговориле дека никогаш не ги пријавуваат несаканите реакции. Резултатите графички се прикажани на слика 2.
Слика 2. Резултати од анкетата „Дали доколку сте имале несакана реакција предизвикана од лек, истата сте ја пријавиле?“
Третата анкета беше со наслов „Дали знаете каде треба да пријавите несакана реакција предизвикана од лек?“ Во неа учествуваа вкупно 36 лица со мултипла склероза. Испитаниците имале можност да одберат еден од трите можни одговори. Загрижува фактот дека 72% од лицата со мултипла склероза не знаат или не се сигурни каде можат да пријават несакана реакција предизвикана од лек. Само 22% од испитаниците одговориле дека знаат каде да пријават несакана реакција. Резултатите графички се прикажани на слика 3.
Слика 3. Резултати од анкетата „Дали знаете каде треба да пријавите несакана реакција предизвикана од лек?“
Заклучоци од трите анкети во кои учествуваа лица со мултипла склероза се следни:
- 75% од испитаниците одговориле дека досега почувствувале несакана реакција предизвикана од лек за МС
- 57% од испитаниците одговориле дека секогаш ги пријавувале несаканите реакции предизвикани од лек за МС
- 72% од испитаниците не знаат или не се сигурни каде можат да пријават несакана реакција предизвикана од лек
Забелешка: во трите анкети не учествувале истите испитаници, учеството било доброволно, бројот на учесници бил мал и имало ризик за субјективност во одговорите.