Наближува Светскиот ден на мултипла склероза

Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза ќе се вклучи во одбележување на Светскиот ден на мултипла склероза на 30. мај 2019 година во ЕУ Инфо центарот, Скопје со почеток во 11 часот.
Мотото на годинешното одбележување на Светскиот ден е „Мојата невидлива МС“. Целта е да ја подигнеме свеста за невидливите симптоми на мултипла склероза (МС) и нивното негативно влијание врз квалитетот на живот на лицата кои се соочуваат со оваа болест. Кампањата ќе ги поттикне сите погодени од МС да ги споделат нивните невидливи МС симптоми и да пренесат што би сакале другите да знаат и разберат за „болеста со 1000 лица“, сé со цел да ги предизвикаат општите заблуди и да им помогнат на луѓето да размислат како да им понудат соодветна поддршка. На тој начин општата јавност ќе се запознае со големиот број на исцрпувачки симптоми со кои секојдневно се соочуваат лицата со МС, а општата јавност не ги гледа.
Преку кампањата сакаме да го споделиме искуството на лицата со мултипла склероза пред влијателните личности и лица кои носат одлуки во нашето општество, со цел обезбедување на помош и поддршка на лицата со МС и нивните семејства, како на пример достапност до навремен и адекватен третман, стопирање на прогресијата на болеста и унапредување на квалитетот на живот.
На настанот ќе се обратат Ана Карајанова Димитрушева, претседателка на Националното здружение за МС, доц д-р Венко Филипче, Министер за здравство, м-р Ден Дончев, директор на Фондот за здравствено осигурување и науч. сор. д-р Иван Барбов, директор на Универзитетската клиника за неврологија – Скопје.
Подолу е покана за настанот.
Во чест на одбележувањето на Светскиот ден во вечерните часови во портокалова боја ќе бидат осветлени и објектите на Владата на Република Северна Македонија и Археолошкиот музеј во Скопје.
Светскиот ден за МС се одбележува секоја година на иницијатива на MS International Federation.
Ве повикуваме да бидете и Вие дел од овој настан, заеднички да влијаеме врз оние кои носат одлуки за да направат позитивни промени кај лицата со мултипла склероза.