Доделени благодарници на наши соработници

Скопје, 05. август 2020 г.
Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза, ве информира дека неодамна додели благодарници на Илија Жежов, Александра Ефремовска и Стефан Димитриески, кои во вонредна состојба на пандемија дадоа поддршка на лицата со мултипла склероза (МС).
Националното здружение ги додели благодарниците на нашите соработници за нивната посветеност, ангажман и несебична поддршка како резултат на успешно изработен пакет на внимателно одбрани вежби. Вежбите се наменети за лицата со мултипла склероза со цел подобрување на рамнотежата, моториката и сензорните функции, кои им помогнаа на пациентите со МС да останат активни и физички ангажирани во време на изолација како резултат на пандемијата на COVID-19.
Видеата со вежбите се достапни на YouTube каналот на Националното здружение за МС, па секој може да ги изработува во било кој период од денот во комфорните услови на својот дом.
Ова е доказ дека тимот составен од овие млади луѓе покажа врвна стручност и одговорност во исклучително важен сегмент кој е од голема полза на лицата кои се борат со мултипла склероза. Нивниот труд придонесе лицата со ова хронично заболување да ја одржат својата физичка спремност и да бидат активни во услови на изолација.
Цврсто сме уверени дека оваа соработка ќе продолжи и во иднина во насока на овозможување подобар квалитет на живот на лицата со МС.
ЗА НАЦИОНАЛНОТО ЗДРУЖЕНИЕ ЗА МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 20. март 2019 година. Од 7. мај 2020 година, Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platfrom, EMSP).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.