Што претставува Плацебо ефект?

Плацебо (или лажен лек) е инертна (неактивна) супстанција, обично таблета, капсула или друга дозирана форма која не содржи активна состојка на лекот. На пример, плацебо апчиња или течности може да содржат скроб, шеќер или солен раствор. Користени се и физички плацебо, или „лажни“ третмани, како што се неактивни уреди за акупунктура.
Плацебо често се користи во клиничките испитувања како неактивна контрола, така што истражувачите можат подобро да го проценат вистинскиот севкупен ефект на експерименталниот третман со лекови кои се во фаза на испитување. Во овие клинички испитувања една подгрупа пациенти би добила плацебо, а една група би добила експериментален лек, но ниту една група не е свесна каков третман примила. Покрај тоа, истражувачите во студијата не би знаеле кои пациенти примиле активни, а кои плацебо третмани.
Овие студии се нарекуваат „двојно слепи (double-blind )“ и „плацебо-контролирани“, и се сметаат за златен стандард во експериментално испитување на лекови. Сепак, високите стапки на плацебо во клиничките испитувања може да бидат штетни, поткопувајќи го вистинскиот ефект на активниот третман.
Зошто се користи плацебо во студиите за лекови?
Спроведувањето на двојно слепо, плацебо контролирано клиничко испитување помага да се елиминира секоја пристрасност што може да се појави поради сознанието каква терапија примиле одредени пациенти. Еден пациент, или научник би очекувал оние кои го примаат активниот лек да имаат подобар исход од оние кои примиле плацебо, и ова сознание може да воведе пристрасност во студијата.
Вообичаено, третманот со експерименталниот лек треба да биде статистички поефикасен од плацебото за да се смета за валиден третман. Вклучувањето на плацебо група во студијата е исто така корисно во оценувањето на несаканите ефекти од третманот.
Сепак, многу клинички испитувања, како оние во истражувањето на ракот, не вклучуваат плацебо групи бидејќи би било неетички пациентите да се остават без третман. Во овие испитувања, наместо плацебо, експерименталниот лек може да се спореди со третман кој е веќе одобрен од FDA.
На пример, во една студија објавена во „The Lancet“, научниците разгледаа 21 антидепресив кои се користи за акутен третман на возрасни пациенти со сериозно депресивно нарушување. Антидепресивите биле споредувани или со плацебо, или во директни споредби еден со друг.
- Вклучени беа податоци од 522 испитувања со 116.477 учесници во систематски преглед и мета-анализа. Истражувачите откриле дека во однос на ефикасноста сите антидепресиви се поефикасни од плацебо.
- Тие, исто така, рангираа различни антидепресиви врз основа на ефикасноста и безбедноста. Преку овие податоци лекарите кои лекуваат пациенти со антидепресиви доаѓаат до податоци дека овие лекови се покорисни од користењето плацебо. Оваа студија, исто така, помогна да се рангираат активните лекови врз основа на ефективноста и безбедноста.
Што е плацебо ефект?
Истражувањата покажаа дека плацебо третманот може да има позитивен терапевтски ефект кај пациентот, иако таблетата или третманот не се активни. Ова е познато како „плацебо ефект“ или „плацебо одговор“.
Пријавено е дека плацебо ефект се јавува кај 21% до 40% од пациентите во зависност од типот на студијата. Дали постои доказ за ова?
- Во студиите за болка, со помош на скенирање на мозокот покажано е дека администрацијата на плацебо кај пациенти кои верувале дека примаат аналгетик доведува до активирање на ендогениот опиоиден систем во мозокот.
- Ендогените опиоиди, како што се ендорфините и енкефалините, се природни хемикалии произведени во телото кои ја ублажуваат болката. Аналгезијата (намалување на болката) предизвикана од плацебо ефектот зависи од активирањето на овие ендогени опиоиди во мозокот.
- Исто така, се покажа дека плацебо одговорот кај пациенти со пост-хируршка болка може да биде блокиран од опијатниот антагонист налоксон (naloxone), што дополнително му дава поддршка на плацебо ефектот. Налоксон е опиоиден антагонист кој би ги поништил ефектите на опиоидите за ублажување на болката.
- Допаминот, уште еден невротрансмитер на централниот нервен систем, исто така се покажа дека се активира во мозокот по администрацијата на плацебо кај пациенти со Паркинсонова болест.
Сепак, дури и кога пациентите знаат дека примаат плацебо, може да има корисни ефекти.
Студијата објавена во „Scientific Review“ покажа дека отвореното плацебо (OLP) може да го намали заморот кај пациенти излекувани од рак. Тие, во 21 – дневно рандомизирано контролирано испитување го споредија OLP со вообичаен третман „treatment as usual (TAU)“ кај пациенти излекувани од рак кои се справуваат со замор.
Научниците откриле дека учесниците во плацебо групата пријавиле подобрување од 29% во сериозноста на заморот, и 39% подобрување во квалитетот на животот нарушен поради замор, во споредба со оние кои биле третирани со TAU. Слични намалувања на заморот и подобрување на квалитетот на животот беа откриени кога групата TAU беше префрлена на OLP, 21 ден пред крајот од студијата.
Сепак, некои студии добија поинакви резултати. „Cochrane Review“ објави дека од 202 испитувања кои споредувале плацебо со никаков третман, плацебото не дава големи здравствени придобивки, но имал скромен ефект врз резултатите пријавени од пациентите, како што се болка и гадење, иако резултатите биле променливи.
Авторите објаснија дека набљудуваните варијации во плацебо ефектот може да се објаснат со разликите во дизајнот на испитувањата, и како пациентите биле информирани за нивните третмани.
Што е ноцебо ефект?
Ноцебо ефектот е спротивен од плацебо ефектот — негативен психолошки ефект на третман без терапевтска активност. Ова може да се случи кога плацебото се администрира придружено со сугестија дека болеста на пациентот ќе се влоши. Високите ноцебо ефекти, исто така, може да го отежнат толкувањето на резултатите од клиничките испитувања.
Несаканите дејства на лековите не мора да се должат на самиот лек, туку може да бидат предизвикани од психолошки ноцебо ефекти.
Дали е етички да се користи плацебо?
Во клиничката пракса лекарите може да препишат плацебо третмани со или без знаење на пациентите дека примаат неактивна терапија. Терапевтската употреба на плацебо или лажни третмани во медицината е многу контроверзна.
Плацебото се користи во третманите за нарушување на спиењето, анксиозност, хронична болка, гастроинтестинални и други нарушувања.
Психолошки, пациентот може да биде охрабрен дека прима третман за кој верува дека ќе има корисен ефект, а за возврат плацебото всушност може да обезбеди одредено олеснување. Сепак, ефектот нема да се должи на фармаколошкото дејство кое се припишува на хемискиот состав на лекот.
Во една анкета, само 3% од американските лекари изјавиле дека користеле шеќерни таблети како плацебо, 41% рекле дека користеле лекови против болка кои се издаваат без рецепт, а 38% рекле дека за своите пациенти користеле витамини како плацебо третман. 68% од лекарите го опишаа плацебото како потенцијално корисен лек за нивните пациенти, а приближно две третини од лекарите сметаа дека практиката е етичка.
Во друга студија, лекарите користеле намалени дози на антиинфламаторни лекови измешани во комбинација со плацебо за успешно лекување на пациенти со псоријаза. Комбинирањето на активниот лек со плацебо може да биде ефикасно кај болести кои ја вклучуваат менталната состојба и имунолошкиот систем, вклучувајќи:
- Астма
- Мултипла склероза
- Хронична болка
Намалувањето на дозите на активните лекови и комбинирањето со плацебо третман исто така може да ги намали несаканите ефекти, потенцијалот за зависност и трошоците.
Заклучок
- Плацебо (или лажен лек) е неактивна супстанција, обично таблета, капсула или друга дозирана форма која не содржи активна состојка на лекот и нема фармаколошко дејство.
- Истражувањата покажаа дека плацебо третманот може да има позитивен терапевтски ефект кај пациентот, иако таблетата или третманот не се активни. Ова е познато како „плацебо ефект“ или „плацебо одговор“.
- Резултатите од спроведените студии се разликуваат во тоа колку ефикасен може да биде плацебо ефектот како терапевтски третман. Плацебото се користи во третманите за нарушување на спиењето, анксиозност, хронична болка, гастроинтестинални и други нарушувања.
Извор: https://www.drugs.com/article/placebo-effect.html
Забелешка: Овој текст има информативен карактер и не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.