Пет чекори кои треба да ги преземете доколку не сте задоволни со вашиот тековен третман за МС

Иако не постои лек за МС, достапни се многу третмани кои можат да ја забават прогресијата на болеста, да ги контролираат жариштата и да управуваат со симптомите. Некои третмани може да бидат делотворно кај вас, додека некои не. Доколку не сте задоволни со вашиот тековен третман, можеби би сакале да пробате нешто друго.
Постојат многу причини кои би ве натерале да размислите за промена на третманот. Лекарствата кои ви се пропишани, и ги користите, може да имаат несакани ефекти кои создаваат чувство на вознемиреност, или можеби ви изгледа дека веќе не се ефикасни. Можеби се соочувате со предизвици при аплицирање на терапијата, како што е нередовно земање на лекот, или проблеми при процесот на инјектирање.
Достапни се различни опции за третман на МС. Доколку не сте задоволни со вашиот тековен план за лекување, погледнете ги овие пет чекори кои можете да ги преземете за да го промените.
- Проценете ја ефикасноста на вашиот тековен третман
Можеби сакате да ја смените терапијата затоа што не сте сигурни дали лекот кој го земате е ефикасен. Прашајте го вашиот лекар како можете да откриете дали лекот кој го земате е ефикасен. Не прекинувајте ја терапијата и не менувајте ја пропишаната доза, без претходно да се консултирате со вашиот лекар.
Терапијата можеби делува правилно, дури и ако ви се чини дека симптомите останале непроменети. Ова се случува заради тоа што лекарствата спречуваат развој на нови симптоми, додека го држат воспалението под контрола. Можеби симптомите кои ги имате не се повратни (реверзибилни), а пропишаната терапија спречува влошување на состојбата и појава на нови симптоми.
Понекогаш не треба да се менува лекот, туку дозата. Консултирајте се со вашиот лекар дали сегашна доза треба да се зголеми. Исто така, проверете и дали ја земате вашата терапија на правилен начин, како што е пропишано.
Ако сè уште мислите дека вашиот тековен третман не делува, бидете сигурни дека сте му оставиле доволно време. На лекарствата за МС потребен им е период од 6 до 12 месеци за да почнат да делуваат. Ако ја користите пократко време, вашиот лекар може да препорача да почекате пред да размислувате за промена на терапијата.
- Што точно би сакале да промените?
Без оглед на причината за промена на терапијата, мора точно да му објасните на вашиот лекар што е тоа што сметате дека не делува кај тековниот третман. Можеби лекот што го користите влијае на вашето расположение, или се неопходни редовни тестови за функцијата на црниот дроб. Можеби и покрај тоа што сте добиле обука за самоинјектирање на вашите лекови, сепак се плашите од задачата и сакате да преминете на алтернативно, орално внесување на лекот. Повратните информации за вашиот тековен третман можат да му помогнат на вашиот лекар да препорача друга опција што е подобра за вас.
- Водете сметка за промените во начинот на живот
Промените во вашиот секојдневен живот понекогаш можат да влијаат на вашиот третман. Кажете му на вашиот лекар за сè што е различно, како што се начинот на исхрана, активностите или начинот на спиење.
Факторите во начинот на исхрана како внесување на сол, животинска маст, шеќер, храна сиромашна со растителни влакна, црвено месо и пржена храна се поврзани со зголемување на инфламацијата (воспалението), што доведува до влошување на симптомите на МС. Ако сметате дека имате релапс, причината можеби не е во неделотворноста на вашата терапија, туку во неправилната исхрана.
Информирајте го вашиот лекар за какви било промени во животниот стил што можат да влијаат на вашиот третман, така што заедно ќе можете да донесете правилна одлука.
- Побарајте нови испитувања
Зголемени лезии на скенирањето со МР и влошени резултати од невролошкиот преглед се два сигнали дека можеби е потребна промена на терапијата. Консултирајте се со вашиот лекар дали е добро да направите нови испитувања за да се утврди дали е потребна промена.
- „S.E.A.R.C.H.”
Акронимот „S.E.A.R.C.H.” делува како водич за избор на најдобар третман на МС, заснован на следниве фактори:
- безбедност (safety)
- ефикасност (effectiveness)
- пристап (access)
- ризици (risks)
- прикладност/комфор (connvenience)
- резултати/исходи по здравјето (health outcomes)
Американското здружение на лица со МС (The Multiple Sclerosis Association of America) обезбедува податоци базирани на принципот „S.E.A.R.C.H.” кои можат да помогнат да го одредите најдобриот третман за вас. Размислете за секој од овие фактори и разговарајте за нив со вашиот лекар.
ЗАКЛУЧОК
Постојат повеќе опции за третман на MС. Ако сакате да го промените вашиот тековен третман, бидете јасни зошто, така што вашиот лекар ќе може да ви помогне да изберете друг третман што е подобар за вас.
Понекогаш третманот делува како што е предвидено, дури и ако не забележите какви било промени. Пред да ја промените терапијата, консултирајте се со вашиот лекар дали можеби во вашиот случај се работи токму за ова.
Додека ги разгледувате опциите, продолжете да ја земате пропишаната терапија и не менувајте ја дозата додека не разговарате со вашиот лекар.
Извор: https://www.healthline.com/health/multiple-sclerosis/steps-unhappy-ms-treatment#The-takeaway
Забелешка: Рубриката „Најнови информации“ е дел наменет исклучиво за вести и информации на оваа веб страница за оваа болест. Не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени во оваа рубрика не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.