CBD и мултипла склероза, што треба да знаете?

Темите поврзани со употребата и ефикасноста на канабидиол (cannabidiol, CBD) и медицинската марихуана привлекуваат сѐ поголемо внимание кај многу луѓе, вклучително и кај лицата со мултипла склероза (МС).
Едно електронско истражување, спроведено од страна на „National Multiple Sclerosis Society“, со резултати објавени во 2017 година, покажаа дека дури 66% од пациентите со МС користеле канабис за третман на нивните симптоми. Слично истражување во 2016 година, спроведено врз пациенти со МС од Канада, покажува дека 50% би размислиле за употреба на канабис, доколку е јасен правниот статус и се достапни научни докази за делотворноста.
Најчесто поставувани прашања во врска со CBD и MС.
ШТО Е CBD?
CBD е соединение изолирано од растението канабис сатива (cannabis sativa), кое не ја содржи психоактивната хемиска состојка тетрахидроканабиол (tetrahydrocannabinol, THC), за која е познато дека го создава пријатното, возвишено чувство кај корисниците. Од оваа причина употребата на CBD законски е регулирана поинаку од марихуаната која содржи THC. CBD се екстрахира од сорти на растението канабис познати како коноп. За разлика од овие, сортите познати како марихуана имаат поголема концентрација на THC.
КАКО ДЕЛУВА CBD?
Механизмите со кои CBD влијае на телото сè уште се испитуваат. Се смета дека соединението се врзува за ендоканабиноидните рецептори и ги активира. Идентификувани се два ендоканабиноидни рецептори, CB1 и CB2. Рецепторите CB1 се наоѓаат во централниот нервен систем (мозокот и ‘рбетниот мозок), цревата, сврзните ткива, жлездите на половите органи и уште неколку жлезди. Рецепторите CB2 се наоѓаат во слезината, крајниците, тимусот и имуните клетки, додека само неколку се во мозокот.
Податоците сугерираат дека CBD навистина се врзува за рецепторите, но не ги активира директно. Наместо тоа, се чини дека модулира или го прилагодува начинот на кој рецепторите реагираат на стимулација од други соединенија, како што е на пример THC.
ДАЛИ УПОТРЕБАТА Е ЛЕГАЛНА?
Во Македонија се одобрени и достапни производи (масло) од канабис, кои содржат различен процент на CBD. Овие производи се достапни во аптеките ширум државата.
Во САД, употребата на CBD законски е регулирана посебно во секоја од државите, без разлика дали се користи во медицински цели или рекреативно. Федералното законодавство ги легализираше производите добиени од коноп но, одделни држави имаат своја посебна регулатива.
Оние држави каде што за полнолетните граѓани е дозволен секаков вид употреба на канабис и канабиноиди, се нарекуваат „зелени држави” (green states).
Државите каде единствено е легализирана медицинската марихуана и е потребен лекарски рецепт за употреба, се нарекуваат „килибар држави” (amber states).
„Килибарно-црвени“ (Amber-red) држави се оние кои единствено дозволуваат производи со CBD добиени од коноп, под стриктно пропишани услови, вклучително и производите за медицинска употреба. Кај некои држави од оваа група, овие производи можат да се користат единствено под надзор на медицинско лице.
„Црвените држави” (red states) целосно ја забрануваат употребата на канабис и производи од канабис, без разлика на намената.
„CBD Oil Review” има информации за законите во врска со употребата на канабис во секоја држава.
Во Европа и Велика Британија, иако законите варираат, повеќето држави ја легализираа употребата и продажбата на производи со CBD.
Во Канада, ситуацијата не е толку јасна. Иако минатата година земјата го легализираше рекреативниот канабис, многу производи со CBD не беа вклучени во оваа регулатива. Според изјавата на канадскиот министер за правда, производите од канабис ќе бидат легални за продажба приближно една година по стапување на сила на Законот за канабис, на 17 октомври 2018 година.
КАКО СЕ КОРИСТИ CBD?
CBD е достапен во различни варијанти, вклучувајќи орални капсули, орални спрејови, интраназални спрејови (со употреба на диспанзер, како кај некои лекови за алергија) и масла.
Најзастапено е маслото од канабис. Составено е од CBD, заедно со масло носач, како што е маслото од семе од кокос или коноп. Може да се аплицира како тинктура под јазикот, да се проголта како додаток во исхраната, измешано со пијалок, или да се нанесе локално на кожата.
Може да се користи и со испарување, со употреба на еден вид електронска цигара (vaporizer). Ваквиот начин на употреба имаше централно место во вестите во САД, во текот на 2019 година. Поради испарувањето се сметаше дека маслото содржи THC, како и адитиви кои ги оштетуваат белите дробови, како што е витаминот Е ацетат. Стотици луѓе се разболеа, а повеќе од десетина починаа. Заради ваквите сомнежи, центрите за контрола и превенција на болести, и FDA во САД, дадоа препорака против ваквиот начин на користење на маслото со CBD.
Не е до крај јасно дали сите формули на CBD се подеднакво ефикасни. Постои дебата околу тоа кои од нив се најефикасни во потенцијалното лекување на симптомите на МС.
МОЖЕ ЛИ CBD ДА ГИ УБЛАЖИ СИМПТОМИТЕ НА МС?
Некои докази сугерираат дека CBD, кај одреден број пациенти ги ублажува симптомите на МС но, придобивките од употребата на канабис кај лицата со МС сè уште се испитуваат. Достапните податоци покажуваат дека екстракт од канабис, со приближно 1: 1 соодносна CBD и THC, кој се користи како орален спреј може да ги намали болките и грчевите во мускулите кај лицата со МС.
Сепак, потребни се дополнителни истражувања за да се утврди дали лесно достапните производи на CBD, како што се масла, спрејови и прехранбени продукти, помагаат во ублажување на симптомите на МС, како и дали е целосно безбедна употребата на овие производи.
Во САД, Федералната трговска комисија (анг, Federal Trade Commission) неодамна испрати писма до неколку компании, предупредувајќи ги да не рекламираат дека со употреба на нивните производи со CBD може да се лекува, спречи или третира болест, вклучително и МС.
ДАЛИ СИТЕ ПРОИЗВОДИ СO CBD СЕ ИСТИ?
Постојат многу формули кои содржат CBD достапни на интернет или преку други извори. Сепак, не доволно законски регулираната природа на пазарот на CBD доведува до тоа да не се сите формули исти, па дури и не сите го содржат она што е назначено на производот.
Според податоците од едно истражување спроведено на Медицинскиот факултет при универзитетот во Пенсилванија, САД во 2017 година, од 84 производи со CBD купени преку интернет, повеќе од една четвртина содржат помалку канабидиол отколку што е наведено, а 18 содржат THC. Според научниците, речиси 70% од производите опфатени во истражувањето биле погрешно обележани.
Ваквата варијабилност создава тешкотии при внесување на константна доза и ја отежнува проценката дали и колку некој од овие производи е ефикасен.
КОИ СЕ НЕСАКАНИТЕ ЕФЕКТИ?
Генерално, CBD добро се толерира но, може да предизвика и несакани ефекти како сува уста, дијареја, намален апетит и замор. Соединението исто така може да предизвика интеракција со одредени лекарства, како што се терапиите против згрутчување на крвта.
Дури и да се легални, многу е важно да се консултирате со вашиот лекар пред да почнете со употреба на производите од канабис.
ДАЛИ ИМА ОДОБРЕНИ ЛЕКОВИ КОИ СОДРЖАТ CBD?
FDA сѐ уште нема одобрено било каква формулација за CBD како третман за МС. Досега FDA одобри еден лек базиран на CBD за лекување на епилепсија и два лекови добиени од CBD за лекување на симптоми поврзани со AIDS.
Во Велика Британија и неколку други европски земји, лекот наречен „Sativex (nabiximols)” е одобрен за лекување на мускулни грчеви кај лицата со МС. Компанијата која ја разви оваа терапија спроведува клинички испитувања во САД, така што би можела да побара одобрување од FDA.
Извор: https://multiplesclerosisnewstoday.com/news-posts/2019/09/20/cbd-oil-and-multiple-sclerosis/
Забелешка: Рубриката „Најнови информации“ е дел наменет исклучиво за вести и информации на оваа веб страница за оваа болест. Не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени во оваа рубрика не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.