Кај мултипла склероза времето е од суштинско значење

Мултипла склероза (МС) е неизлечива хронична болест при која имуниот систем ги уништува ткивата во мозокот и ‘рбетниот мозок и е водечка причина за попреченост предизвикана од нетрауматски причини, кај млади и средовечни луѓе во многу развиени земји. Иако, сè уште не е пронајден лек за МС, постојат терапии кои можат да го променат текот на болеста, со намалување на прогресијата и забавување на развојот на симптоми на попреченост, и ова бара широко прифатена и итно усвоена терапевтска стратегија која нуди најдобри шанси за зачувување на мозочното ткиво и ‘рбетниот мозок во раниот тек на болеста.
Уште во раната фаза на болеста, когнитивните процеси, емоционалната благосостојба, квалитетот на животот, секојдневните активности и работоспособноста може да бидат под влијание на оштетувањата кои се појавуваат во мозокот и ‘рбетниот мозок. Како болеста се развива, се зголемува и степенот на попреченост, како што е отежнато движење, а со тоа се наметнува големо оптоварување на лицата со МС и нивните семејства. Ова доведува и до економски загуби поради намалениот работен капацитет.
Кога лицата со симптоми кои укажуваат на МС ќе се јават на прв преглед кај невролог за дијагностицирање и одредување терапија, неретко поминува подолг временски период. За жал, ова е сè уште случај и покрај фактот дека дијагнозата сега се поставува 10 пати побрзо отколку во 80-тите години на минатиот век, а исто така има и обемни докази дека раната терапија е поефикасна од доцната терапија.
Раната интервенција е клучна. Соодветни прилагодувања во начинот на живот, терапија што може да ја намали прогресијата на болеста и разгледување на опциите за брза транзиција кон друга терапија доколку следењето открие дека тековната е недолотворна, се клучните елементи на оваа стратегија. Исто така, клучно за успешна контрола е и вклучувањето на лицата со МС во проактивно донесување одлуки во справувањето со болеста. Здравствените работници треба да ги охрабрат пациентите да ја преземат својата улога во информирано и заедничко донесување одлуки за третманот, како и да практикуваат начин на живот погоден за здравјето на мозокот.
Редовното следење на болеста и формалното евидентирање на добиените информации, претставува основа на стратегијата. Резултатите од клиничките прегледи и скенирањето на мозокот, ќе овозможат персонализиран третман за секое лице со МС, и ќе обезбедат долгорочни докази од секојдневната клиничка пракса,кои може да ги користат регулаторните тела, телата кои се занимаваат со проценка на здравствената технологија, партиципантите во здравствениот систем, како и здравствените работници, за полесна проценка и утврдување на терапевтските стратегии.
Големиот временски период од појавата на првите симптоми до првиот преглед од страна на специјалист е чест случај и може да трае подолго од една година. Ова укажува на потребата од подигнување на нивото на свесност за симптомите на МС кај општата популација.
Кога некому ќе биде дијагностицирана хронична, непредвидлива, прогресивна, неизлечива болест како што е МС, тоа има огромни лични импликации, вклучително и намалени можности за вработување, зголемена анксиозност и ментален напор, како и изложување на долгогодишна терапија.
Во минатото дијагностичките критериуми за МС се потпираа само на она што може директно да се забележи. За клиничка дијагноза на МС потребни беа најмалку два акутни клинички релапси.
Раната дијагноза значи дека е достапен и ран третман, со што би се подобрила долгорочната прогноза кај лицата со МС, со намалување на последователното оштетување на централниот нервен систем (ЦНС) и спречување на непотребни клинички релапси или зголемување на степенот на попреченост.
Одложувањето и ненавременото дијагностицирање на МС треба да биде сведено на минимум, бидејќи може да доведе до развој на неповратна попреченост.
МС предизвикува неповратно оштетување на мозокот и ‘рбетниот мозок. Иако механизмите за обновување и ремоделирање на централниот нервен систем овие оштетувања некое време можат делумно да ги компензираат, на подолг рок дури и овие механизми веќе не се во состојба да се справат со штетата предизвикана од воспалителната активност на болеста.
Од тука, ефикасен третман – третман за модифицирање на болеста (анг. Disease modifying treatment, DMT) и прилагодување на начинот на живот мора да се воведат веднаш по дијагностицирање на болеста, со цел да се заштити невролошката резерва, и да се зачува мозокот во најдобро можно здравје.Овој пристап е во согласност со принципите на здравјето на мозокот, утврдени од Светската невролошка федерација и промовирани од Светската алијанса на мозок, на полето на бројни области на мозочни заболувања и ментално здравје.
Терапевтската стратегија кај МС треба да има за цел да зачува што е можно повеќе мозочни и когнитивни резерви, со примена на DMT, да го забави текот на болеста и да го прилагоди начинот на живот погоден за здравјето на мозокот.
Забелешка: Рубриката „Најнови информации“ е дел наменет исклучиво за вести и информации на оваа веб страница за оваа болест. Не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени во оваа рубрика не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.