6 теми за кои треба да разговорате со вашиот доктор

Кога имате мултипла склероза (МС), од исклучителна важност е добрата комуникација со стручните медицински лица (доктори, медицински сестри, фармацевти, техничари, болничари итн.) кои се грижат за вас. Прашањата кои ги имате се важни, а нивните одговори можат да ви помогнат да управувате со вашата состојба подобро.
Разбирливо е секој да ги заборави своите прашања на време на прегледот кај нивниот лекар. Бидејќи проблеми со помнењето може да бидат еден од првите знаци на МС, може да имате уште поголема веројатност да ги заборавите работите кои сакате да ги прашате. Затоа, водете дневник за да ги запишете вашите прашања додека мислите на нив. Обидете се со тетратка или апликација за мобилен телефон.
Можеби имате прашања од вашето лично искуство или од нешто што сте го прочитале. Пријавете ја секоја промена која ви се случува, направете список и оставете простор да ги запишете одговорите што ги добивате.
Еве шест точки за разговор кои ќе ви помогнат да го започнете следниот состанок.
1. Предвидете што ќе ве праша вашиот лекар
Кога вашиот лекар ќе побара информации, колку попрецизен е вашиот одговор, толку подобро. Забележете што сте прашале на секој состанок за да видите дали е нешто што треба да го следите за да бидете подготвени за следниот пат. На пример, сериозноста на вашите симптоми. Вашиот лекар ќе сака да знае дали вашите симптоми се подобруваат, се влошуваат или остануваат исти.
2. Прашајте за нови симптоми
Ако сте искусиле нешто ново и сметате дека може да биде симптом на МС, забележете го и запишете колку што можете повеќе детали, како што се:
- кога за прв пат се појавил;
- колку често се случува;
- колку е сериозно;
- дали е поврзано со нешто друго.
На пример, нови тешкотии при одењето може да се појават само повремено и во деновите кога не сте спиеле добро. Детален опис на проблемот со одењето може да му помогне на вашиот лекар да одлучи за најдобрата стратегија или помагало за одење, доколку е потребно, за вашата ситуација.
3. Разговарајте за лекови и суплементи
Следете ги лековите што ги користите и евентуални несакани ефекти што може да ги доживеете. Истото важи и за сите витамини или хербални додатоци што ги земате или промена во вашата исхрана.
Ако вашиот доктор сугерира да внесете додатоци како што се рибино масло или витамини Д и А, водете евиденција за зачестеноста и дозата за да видите дали некои подобрувања се совпаѓаат со додатоците. Пред да пробате нешто ново, прашајте го вашиот доктор, затоа што некои додатоци и хербални лекови може да ги влошат симптомите или да се мешаат со вашите лекови.
4. Кога да се јавите на лекар
Ако доживеете нов симптом или ако некој стар се врати и трае подолго од неколку дена, може да имате релапс. Ако не станува збор за релапс, тоа може да биде нешто што се нарекува псевдо-релапс, а тоа е кога факторите како што се замор или предменструален синдром прават да се чувствувате полошо. Консултирајте се со вашиот лекар да ви разјасни кои ситуации налагаат преглед.
Релапсите кај МС се лекуваат со кортикостероиди, но има и несакани ефекти. И покрај тоа што стероидите ќе ве вратат во ремисија побрзо, тие нема да влијаат на долгорочната прогресија на вашата МС. Ако одлучите да не користите кортикостероиди, вашиот доктор ќе сака да биде известен за каква било промена на симптомите заради подетално следење на вашата состојба.
5. Разговарајте за други опции за третман
Може да има нешто друго што можете да направите за да помогнете во управувањето со симптомите и да ја забавите прогресијата на вашата болест. Прашајте го вашиот доктор дали има повеќе активности што може да ги преземете, како што се промени во животниот стил. На пример, ако во моментов не вежбате, започнете, но консултирајте се со вашиот доктор. Прочитајте за третманот колку што можете повеќе пред состанокот кај вашиот доктор и запишувајте. Запишете ги сите прашања за кои размислувате и понесете ги на следниот состанок.
6. Прашајте за упатување кај одредени специјалисти
Ако ве упатиле да направите дијагностички тестови за МС, покрај вашиот матичен доктор веројатно ќе посетите и невролог. Прашајте дали има и некој друг специјалист кој треба да го посетите и кој може да ви помогне. Ова може да вклучува нутриционист, невропсихолог, психолог, логопед, физиотерапевт или личен тренер. Барањето на оваа информација може да ве подготви за она што може да претстои, како и да придонесе почеток на нов третман.
Запомнете!
Прашањата што ги имате за вашата МС се важни. Водете дневник и запишете сè што произлегува од состаноците за да можете да го информирате вашиот доктор за вашата состојба. Запишете ги сите ваши прашања, така што ќе се сеќавате на нив за време на состанокот. Одржувањето на отворена комуникација помеѓу вас и вашиот доктор може да ви помогне подобро да ја управувате вашата здравствена состојба.
Извор: https://www.healthline.com/health/multiple-sclerosis/6-points-next-MS-appointment#1
Забелешка: Рубриката „Најнови информации“ е дел наменет исклучиво за вести и информации на оваа веб страница за оваа болест. Не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени во оваа рубрика не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.