COVID-19 и Мултипла Склероза

Нови совети за лицата со МС – ажурирани на 13 октомври 2021 година

Последно ажурирање: 3 ноември

Глобални совети во врска со COVID-19 за лицата со МС

COVID-19 е нова болест која може да влијае на белите дробови, дишните патишта и другите органи. Ја предизвикува нов коронавирус (познат како SARS-CoV-2) кој се рашири во светот.

Долунаведените совети ги развија невролози кои се занимаваат со мултипла склероза како и експерти истражувачи. Се засноваат на новите докази за тоа како COVID-19 влијае врз лицата со мултипла склероза (МС) и експертското мислење. Овие совети ќе бидат обновени и ажурирани кога ќе бидат достапни понатамошни докази за COVID-19.

За да ги преземете советите како PDF документ и да ја видите целосната листа на стручни советници кои придонеле за неговиот развој, кликнете тука.

Совети за лицата со МС

Моменталните докази покажуваат дека доколку имате МС тоа не значи дека е поголема веројатноста да заболите од COVID-19, да бидете сериозно болни или да умрете од инфекција во споредба со општото население. Меѓутоа, следните групи лица со МС се повеќе склони да развијат сериозен случај на COVID-19:

  • Лица со прогресивна МС
  • Лица со МС над 60-годишна возраст
  • Мажи со МС
  • Црнци со МС и веројатно лица со МС од Јужна Азија
  • Лица со повисоко ниво на попреченост (на пример, на скалата EDSS – скалата за оценување на степенот на инвалидност, имаат резултат  6 или повеќе, а се однесува на потребата од користење бастун)
  • Лица со МС и обезност (гојазност), дијабет или болести на срцето или белите дробови.
  • Лица кои примаат терапја за модифицирање болеста ((DMT)(видете подолу).

Сите лица со МС се советуваат да ги следат насоките на Светската Здравствена Организација за намалување на ризикот од инфекција со COVID-19. Луѓето во повисоките ризични групи треба посебно внимание да посветат на овие мерки. Ние препорачуваме:

  • Да практикуваат социјална дистанца одржувајќи најмалку 1.5 метри* растојание меѓу себеси и останатите за да се намали ризикот од инфекција кога кашлаат, киваат или зборуваат. Ова е особено важно кога сте во затворен простор, но исто така се однесува и на престој на отворено.
  • Носењето маска да стане нормален дел кога сте меѓу други луѓе и погрижете се да ја користите правилно следејќи ги следните упатства.
  • Избегнувајте да одите на места каде има гужва, особено во затворен простор и ако просторијата не е доволно проветрена. Ако тоа не е можно погрижете се да носите маска и да применувате социјална дистанца.
  • Често мијте ги рацете со сапун и вода или тријте ги рацете со алкохол (најефективно е со 70% алкохол)
  • Избегнувајте да ги допирате очите, носот и устата освен ако рацете ви се чисти.
  • Кога кашлате и кивате, покријте ги устата и носот со свиткан лакт или шамиче.
  • Често чистете и дезинфицирајте површини особено оние кои редовно се допираат.
  • Разговарајте со вашиот лекар за планот за оптимално здравје преку видео консултации или посети лице в лице кога тоа е потребно. Посетите во здравствените клиники и болници не треба да се избегнуваат ако тие се препорачуваат врз основа на вашите моментални здравствени потреби.
  • Останете активни и обидете се да земете учество во активности кои ќе го зајакнат вашето ментално здравје и благосостојба. Се советува изведување физички вежби и социјални активности кои може да се одвиваат надвор и со одржување на социјална дистанца.
  • Здравствените работници и членовите на семејството кои живеат со, или редовно посетуваат лице со МС кое спаѓа во една од групите со поголем ризик, исто така, треба да ги следат овие препораки за да ја намалат можноста за внесување на инфекција со COVID-19 во домот.

*(Националните и интернационалните насоки за физичко дистанцирање се разликуваат меѓу најмалку еден метар и два метра. Луѓето треба да ги земат предвид овие насоки и да бидат свесни дека тоа се минимални растојанија, подолгите растојанија се подобри).

Совети за трудници со МС

Засега нема конкретен совет за жени со МС кои се бремени. Општи информации за COVID-19 и бременост има од Светската здравствена организација. Важно е да се напомене дека COVID-19 може да доведе до предвремено породување и сериозна болест за мајката.

Совети во врска со терапијата за модифицирање на болеста (DMT) за МС

Многу лекови кои ја модифицираат болеста (анг. disease modifying therapies, DMTs) за МС функционираат преку потиснување и модифицирање на имуниот систем. Некои лекови за МС може да ја зголемат веројатноста од развој на компликации од COVID-19, но овој ризик треба да се балансира со ризиците од престанок или одложување на третманот.

Препорачуваме лицата со МС кои во моментот земаат DMT да продолжат со нивниот третман, освен ако нивниот доктор не им посоветува да престанат да го земаат.

Лицата кои развиваат симптоми на COVID-19 или се тестирани позитивни на инфекцијата треба да разговараат за нивната МС терапија со нивните здравствени работници или здравствени професионалци кои се запознаени со нивниот третман.

Пред да почнат каков било нов DMT или да го променат постоечкиот DMT, лицата со МС треба да разговараат со нивниот здравствен работник која терапија е најдобриот избор за нивните индивидуални околности. Оваа одлука треба да ги земе предвид следните информации:

  • Текот и активноста на МС.
  • Ризиците и бенефитот кои обично се поврзани со различни опции за третмани.
  • Дополнителни ризици поврзани со COVID-19 како на пример:
  • Присуство на одредени фактори за посериозен случај на COVID-19, како поголема возраст, обезност (гојазност), претходна белодробна или кардиоваскуларна болест, прогресивна МС, расна/етничка припадност со повисок ризик, итн, како што е наведено погоре.
  • Актуелниот или очекуваниот иден ризик од COVID-19 во локалната област.
  • Ризик од изложеност на COVID-19 поради животниот стил на пример дали се во можност да се самоизолираат или работат во високо-ризична средина.
  • Моменталните докази на потенцијалната интеракција меѓу некои третмани и сериозноста на COVID-19.
  • Претходна инфекција со COVID-19
  • Достапност и пристап до вакцина за COVID-19.

Докази за влијанието на DMT во однос на сериозноста на COVID-19

Интерфероните и glatiramer acetate најверојатно нема да влијаат негативно на сериозноста на инфекцијата со COVID-19. Постои прелиминарен доказ дека интерфероните може да ја намалат потребата од хоспитализација заради COVID-19.

Доказот кој е на располагање предлага дека кај лицата со МС кои земаат dimethyl fumarate, teriflunomide, fingolimod, siponimod и natalizumab немаат зголемен ризик од развој на посериозни симптоми од COVID-19. Малку е веројатно дека и лицата со МС кои земаат ozanimod или ponesimod ќе имаат зголемен ризик, бидејќи се претпоставува дека е сличен на siponimod и fingolimod.

Постојат извесни докази дека терапиите кои се насочени кон CD20 – ocrelizumab и rituximab – може да се поврзат со зголемена шанса да развијат посериозен облик на COVID-19. Меѓутоа, овие терапии сепак треба да се земат предвид како опција за третман на МС за време на пандемијата. Луѓето со МС кои земаат (ofatumumab или ublituximab кои функционираат на истиот начин) треба да бидат особено внимателни во однос на горенаведениот совет за да се намали ризикот од инфекција.

Потребни се повеќе податоци за употребата на alemtuzumab и cladribine за време на пандемијата со COVID-19 за да се направи некаква проценка во однос на нивната безбедност.

Препораките за одложување на втора или понатамошна доза на alemtuzumab, cladribin, ocrelizumab и rituximab поради ширењето на COVID-19 се разликуваат од земја до земја. Луѓето кои ги земаат овие лекови и треба да ја примат следната доза треба да ги консултираат нивните здравствени работници во однос на ризиците и придобивките од одложување на третманот. Луѓето сериозно се советуваат да не престанат со третманот без совет од нивниот доктор.

Совети во однос на трансплантација на матични клетки

Автологниот третман на хематопоетични матични клетки (анг. Haematopoietic Stem Cell Treatment, аHSCT) опфаќа интензивна хемотерапија. Ова сериозно го нарушува имуниот систем за извесен временски период. Лицата кои неодамна биле подложени на таков третман треба да размислат да го продолжат периодот на изолација за време на ширењето на COVID-19 на најмалку 6 месеци. Лицата кои треба да се подложат на таков третман да размислат за можноста да ја одложат процедурата во консултација со нивниот здравствен работник. Ако е препорачан ваков третман, хемотерапијата треба да се даде во просторија изолирана од други хоспитализирани пациенти.

Медицински совет за релапси и други здравствени проблеми

Лицата со МС треба да бараат медицински совет ако искусат промени во здравјето кои навестуваат релапс или други основни проблеми како што е инфекција. Ова може да се направи со помош на алтернативите на личните посети во ординацијата (како на пример, телефонски или видео консултации) ако е на располагање таквата опција. Во многу случаи, можно е да се справиме со релапсите во домашни услови.

Употребата на кортикостероиди за лекување на релапси треба внимателно да се разгледа и да се употреби само за сериозни релапси. Постојат докази дека примањето на високи дози на кортикостероиди во месецот пред да се заболи од COVID-19 го зголемува ризикот од посериозна инфекција која наложува болничко лекување. Онаму каде што е можно, одлуката да ја донесе невролог кој е искусен во лекувањето на МС. Луѓето кои примаат терапија со кортикостероиди за релапс треба да бидат особено внимателни и може да размислат да се самоизолираат најмалку еден месец за да се намали нивниот ризик од COVID-19. Имајте на ум дека откако некој е заразен со COVID-19 кортикостероидите може да се користат за лекување на COVID-19 за да се ослаби прекумерниот имунолошки одговор што честопати се нарекува „цитостатска бура“ (cytokine storm).

Лицата со МС треба да продолжат со рехабилитирачки активности и да останат активни колку што е можно тоа за време на пандемијата. Ова може да се стори преку сесии од далечина онаму каде што е тоа можно или во клиники доколку тие ги преземат сите безбедносни заштитни мерки за да се спречи ширењето на COVID-19. Лицата загрижени за нивното ментално здравје треба да побараат совет од нивниот здравствен работник.

Вакцина против грип 

Вакцината против грип е безбедна и се препорачува за луѓето со МС. За земјите кои влегуваат во сезона на грип, препорачуваме луѓето со МС да примат вакцина против сезонски грип таму каде што е достапна.

Вакцини против COVID-19 и МС

Во овој дел, ќе ги разгледаме актуелните типови на вакцини и ќе разговараме за времето на вакцинација и администрацијата на терапијата за модифицирање на  болеста. Со оглед на сериозноста на COVID-19 – кој носи ризик од смртност од 1-3%, како и ризик за сериозни заболувања и продолжено лошо здравје за многумина – сакаме да ги нагласиме овие клучни точки:

  • Сите лица со МС треба да се вакцинираат против COVID-19 (под услов да немаат познати алергии на некоја од компонентите на вакцините)
  • Лицата со МС треба да се вакцинираат веднаш штом вакцината ќе им биде достапна.
  • Дури и откако сте ја примиле вакцината, важно е да ги следите упатствата на вашата земја во врска со носењето маски (во затворен и отворен простор), социјалното растојание, правилата за социјално групирање и миењето раце.

Во различни земји ширум светот се користат неколку вакцини против COVID-19, а нови редовно се одобруваат. Наместо да ја оценуваме секоја вакцина поединечно, подолу дадовме информации за главните типови вакцини против COVID-19 кои се користат и се развиваат. Ова упатство се заснова на достапни информации и ние ќе го ажурираме кога ќе станат достапни нови податоци. Ширењето на вирусот SARS-CoV-2 е под влијание на новите варијанти на COVID-19 и тековните студии истражуваат колку добро актуелните вакцини за COVID-19 штитат од овие нови варијанти.

Не знаеме колкав број од лицата вклучени во клиничките испитувања на вакцините против COVID-19 имале МС па затоа нашите упатства се засноваат на податоци  добиени од клиничките испитувања на вакцините кај општата популација, истражување за ефектите од други видови вакцинација на лица со МС, и нови податоци кои се појавуваат за безбедноста и ефективноста на вакцините COVID-19 посебно за лицата со МС.

Вакцините против COVID-19 на Astrazeneca и Johnson & Johnson (J&J) – важно ажурирање

Свесни сме дека некои земји ја паузираат употребата на вакцините за COVID-19 на Astrazeneca и Johnson & Johnson (J&J), а други земји издадоа специфични здравствени предупредувања. Вакцините Astrazeneca и во помала мера J&J се поврзани со редок несакан ефект, познат како тромбоза и тромбоцитопенија индуцирана од вакцината, што може да доведе до згрутчување на крвта. Овие згрутчувања на крвта може да се појават во мозокот (тромбоза на церебрална венска синусна тромбоза „ cerebral venous sinus thrombosis“ – CVST), во нозете или стомакот (длабока венска тромбоза „ deep vein thrombosis“ – ДВТ) или во белите дробови (пулмонална емболија „ pulmonary embolism“). Лицата кои примиле вакцина Astrazeneca или J&J и имаат силна главоболка, стомачни болки, болки во нозете или отежнато дишење во рок од три недели по вакцинацијата, треба веднаш да побараат лекарска помош.

Истрагата е во многу рана фаза, но во моментов се чини дека не постои дополнителен ризик од згрутчување на крвта за лицата со МС. Експертската група на MSIF продолжува да ја следи ситуацијата и ние брзо ќе ги пренесеме сите потенцијални безбедносни проблеми специфични за оние кои живеат со МС.

Видови вакцини против COVID-19 и како тие функционираат

Вакцините функционираат со користење на дел од вирусот кој ја предизвикува болеста (како што е неговиот генетски код или „шилест протеин“ (spike protein), или инактивирана или ослабена верзија на вирусот, за да поттикнат одговор од човечкиот имунолошки систем. За возврат ова предизвикува телото да произведува антитела и Т-клетки (посебна популација на бели крвни зрнца) за да се бори против вирусот, спречувајќи го да навлезе и да ги инфицира другите клетки во телото. Овие вакцини не водат до никакви генетски промени во нашите тела, нема да навлезат во мозокот и нема да го променат генетскиот код на фетусот. Во моментов има пет различни типови на вакцина против COVID-19 во употреба или во развој кои функционираат на различни начини (примери подолу). Корисни информации за вакцини против COVID-19 може да се најдат на следниот линк։ https://covid19.trackvaccines.org/

  1. mRNA вакцините имаат генетски код за „spike“ протеинот на коронавирус направен во вид на mRNA (тип на привремена генетска порака) која се формулира во ситни масни капки. mRNA го насочува производството на „spike“ протеинот кој е забележан и насочен од имунолошкиот систем (кој создава антитела и Т-клетки).
    • Pfizer-BioNTech (Comirnaty)
    • Moderna (Moderna mRNA)
  2. Нереплицираните вирусни векторски вакцини го имаат генетскиот код за „spike“ протеинот во вирусен вектор. Овие вектори најдобро ќе ги објасниме како обвивка и механизам за испорака на вирусот (најчесто од аденовирус), но им недостигаат делови кои му се потребни на вирусот за да се реплицира и затоа никогаш не можат да предизвикаат инфекција. Слично како mRNA вакцините, вакцините со вирусни вектори го насочуваат производството на „spike“ протеинот така што тој може да се детектира и да биде насочен од страна на имунолошкиот систем.
    • AstraZeneca/Oxford (AZD1222)
    • Serum Institute of India (Covishield)
    • Gamaleya Research Institute (Gam-COVID-Vac or Sputnik V)
  3. Вакцините со деактивиран вирус користат деактивирана форма на целиот коронавирус. Коронавирусот е „убиен“ така што не може да влезе во клетките и да се реплицира и не може да предизвика инфекција со COVID-19. Имунолошкиот систем го препознава целиот вирус, иако е деактивиран.
    • Sinovac (CoronaVac)
    • Sinopharm (BBIBP-CorV)
  4. Протеинските вакцини го имаат самиот протеин на коронавирус (не генетскиот код), заедно со нешто што го зајакнува имунолошкиот систем (додаток „adjuvant “) за да се осигура дека „spike“ протеинот е насочен.
    • Novavax (NVX-CoV2373)
  5. Живите ослабени вакцини користат ослабен, но вирус кој сѐ уште се реплицира. Ваквите вакцини делуваат така што предизвикуваат блага инфекција кај лица со вообичаена имунолошка функција. Тие можат да бидат опасни кај лица со компромитиран имунолошки систем, па затоа не би биле погодни за многу лица со МС поради начинот на кој делуваат некои третмани за модифицирање на болеста. Во моментов (јуни 2021 година), не се користат живи ослабени вакцини против COVID-19 – тие само се истражуваат.

Следното упатство се однесува на mRNA вакцините, вирусен вектор кој не се реплицира, инактивиран вирус или протеин COVID-19 (типови 1-4 наведени погоре).

Лицата со МС треба да се вакцинираат против COVID-19

Науката ни покажа дека mRNA вакцините против COVID-19 (Pfizer-BioNTech и Moderna) се безбедни и ефикасни. Како и другите медицински одлуки, одлуката за вакцина најдобро се носи во партнерство со вашиот здравствен работник. Треба да ја набавите вакцината за COVID-19 веднаш штом биде достапна. Ризиците од инфекција со COVID-19 ги ​​надминуваат сите потенцијални ризици од вакцината. Покрај тоа членовите на истото домаќинство и блиски контакти исто така треба да примат mRNA вакцина за COVID-19 (Pfizer-BioNTech или Moderna) како би се намалило влијанието на вирусот.

Кај вакцинацијата против COVID-19 со повеќето достапни вакцини потребни се две дози, а кога е тоа случај, треба да ги следите упатствата на вашата земја за времето на втората доза. (Во некои земји, може да ви биде понудена трета доза ако сте категоризирани дека имате тешка имуносупресија. Ќе треба да ги следите упатствата на вашата земја за времето на третата доза).

Кај вакцината Johnson & Johnson (J&J) потребна е единечна доза. Која вакцина и да ја примите, потребни се 2 недели по примањето на единствената или втората доза пред да се сметате за имунизиран (заштитен).

Ако сте имале COVID-19 и сте се опоравиле треба да примите и вакцина, бидејќи лицата кои прележале инфекција со COVID-19 во минатото може повторно да се заразат. Вообичаена пракса е пред да се вакцинирате да почекате додека се опоравите од болеста. Но, сепак треба да се вакцинирате што е можно поскоро по закрепнувањето, следејќи ги владините упатства во вашата земја.

Не знаеме колку долго вакцинираното лице е заштитено од COVID-19 иако податоците од клиничкото испитување покажуваат дека заштитата е многу висока, најмалку неколку месеци. Во наредните години може да бидат потребни повторени дози на вакцините COVID-19, слично на вакцината против грип.

Нема докази дека лицата со МС се изложени на поголем ризик од компликации од mRNA, вирусен вектор што не се реплицира, инактивиран вирус или протеин COVID-19 вакцини (1-4), во споредба со општата популација.

Нема претпочитана вакцина за оние кои живеат со МС.

Ниту една од моментално достапните вакцини не содржи жив вирус и нема да предизвика заболување со COVID-19. Овие вакцини најверојатно нема да предизвикаат релапс или да ги влошат вашите хронични МС симптоми.

Сепак, лицата со МС треба да избегнуваат примање живи ослабени вакцини (5). Со оглед на тоа што во иднина може да има развиени вакцини за COVID-19 кои ја користат оваа технологија, важно е да знаете која вакцина за COVID-19 ви се нуди.

По вакцинацијата не треба да се изолирате. Вакцините може да предизвикаат несакани ефекти, вклучувајќи треска или замор, кои не треба да траат повеќе од неколку дена по вакцинацијата. Треската може привремено да ги влоши вашите симптоми на МС, но тие треба да се вратат на претходните нивоа откако треската ќе се повлече. Дури и ако имате несакани ефекти од првата доза, важно е да ја примите втората доза од вакцината (за вакцини за кои се потребни две дози) за таа да биде целосно ефикасна. Несаканите ефекти, како што се треска, непријатност во мускулите и замор, се знак дека вакцината делува (го поттикнала вашето тело да реагира против вирусот и затоа почнува да ве заштитува).

Безбедно е да се прими вакцина против COVID-19 кога сте на третман за модифицирање на болеста за МС

Продолжете со терапијата за модифицирање на болеста (DMT) освен ако вашиот здравствен работник не ве советува да го запрете или одложите третманот. Наглото прекинување на третманот кај некои терапии за модифицирање на болеста (DMT) може да предизвика сериозно влошување на симптомите.

Некои DMT може да ја намалат ефикасноста на вакцините против COVID-19

Постојат некои докази дека луѓето кои земаат некои типови на DMT (fingolimod, siponimod, ozanimod, ponesimod, ocrelizumab, rituximab, ofatumumab) може да имаат намален одговор на антителата на вакцините против COVID-19. Податоците засега се ограничени, но со оглед на нашето разбирање за овие третмани се во согласност со она што го очекуваме.

Забележете дека има низа различни тестови за антитела кои се користат за мерење на одговорите на вакцинитепротив COVID-19. Во моментов не постои глобален договор за тоа кое антитело е најдобро за следење на одговорите на вакцините и предвидување на заштитата од COVID-19.

Ако примате еден од овие DMT и направите тест за антитела, може да покаже низок или никаков одговор. Ова не значи дека вакцината е неефикасна. Антителата се само еден дел од имунолошкиот одговор на вакцинацијата. Постојат и други компоненти на имунолошкиот систем кои се активираат од вакцината и можат да придонесат за вашата заштита. Вакцините против COVID -19 може да ги активираат и Т-клетките, кои исто така би можеле да заштитат од COVID -19. Овој одговор на Т-клетките не се мери во тестовите за антитела. Сепак, лицата кои примаат некои од наведените DMT, можеби имаат помала заштита од вакцинацијата. И покрај ова, силно ги советуваме луѓето да се вакцинираат, но имајте предвид дека сепак би можеле да бидете подложни на инфекција и заради тоа преземете мерки на претпазливост против инфекцијата со COVID-19.

Одложувањето на почетокот на DMT, или менувањето на времето на DMT, е стратегија за да се овозможи вакцината да биде целосно ефикасна.

Ако сте во можност да планирате кога ќе ја примите вакцината ве молиме разговарајте со вашиот лекар како и дали да го координирате времето на вакцинација со времето на вашата доза DMT – ако сте на DMT каде што тоа е релевантно (види  подолу на страницата). Ова треба да помогне да се осигури дека вакцината е што е можно поефикасна во генерирање на имунолошки одговор на коронавирусот. Со оглед на потенцијалните сериозни здравствени последици од болеста COVID -19, примањето на вакцината кога ќе ви стане достапна може да биде поважно од оптимално темпирање на вакцината со вашиот DMT.

Лицата со МС кои се имунокомпромитирани треба да добијат дополнителна доза од вакцина против COVID-19 доколку им се понуди.

Лицата со МС кои се целосно вакцинирани*, но земаат одредени DMT, може да се квалификуваат за дополнителна доза вакцина против COVID-19, во зависност од специфичните препораки во вашата земја. Дополнителна доза е наменета за подобрување на одговорот на имунокомпромитирани лица на нивната прва и втора доза на вакцина.

Студиите за одговор на вакцината против COVID-19 кај лицата со МС покажаа намален или отсутен одговор на антитела кај оние кои користат одредени терапии за модификација на болеста (DMT). Лицата со МС кои користат одредени DMT (ова ќе зависи од специфичните препораки во вашата земја, но веројатно ќе биде: (fingolimod, siponimod, ozanimod, ponesimod, alemtuzumab, cladribine, ocrelizumab, ofatumumab, and rituximab) може да имаат корист од дополнителна доза на вакцина против COVID- 19, обично 28 дена или повеќе по примањето на единечната доза од вакцината J&J или втората доза од кој било друг тип на вакцина. Ако оваа дополнителна доза е релевантна за вашата ситуација и е достапна во вашата земја, разговарајте со вашиот лекар за да го одредите најдоброто време за да ја добиете дополнителната доза.

*Целосно вакциниран = откако сте ја примиле единечната доза од вакцината J&J или втората доза од кој било друг вид вакцина.

Дури и откако сте ја примиле вакцината, важно е да продолжите да преземате мерки на претпазливост против COVID -19

Дури и кога сте вакцинирани, сè уште можете да бидете инфицирани со COVID -19 и да го пренесете на други. Ова е уште поверојатно за оние на DMT кои би можеле да ја намалат ефикасноста на вакцините (fingolimod, siponimod, ozanimod, ponesimod, ocrelizumab, rituximab, ofatumumab). Најбезбедниот пристап е да се осигурате дека блиските луѓе се целосно вакцинирани и дека продолжувате да носите маски, да практикувате социјално дистанцирање, да ги миете рацете и да ги следите упатствата на вашата земја за тестирање за COVID -19 кога е потребно.

Совети за вакцинација на млади лица

Следното упатство за млади се однесува на вакцините моментално одобрени за употреба за оваа возрасна група и треба да се прочита заедно со општите совети погоре.

Младите на возраст од 12-17 години треба да се вакцинираат против COVID -19.

Науката ни покажа дека вакцините против COVID-19 се безбедни и ефикасни. Некои земји препорачуваат вакцинација против COVID-19 за сите деца и адолесценти на возраст од 12 години и постари (кои немаат „контраиндикации“ – медицинска причина што ги спречува да ја примат вакцината) користејќи една од вакцините против COVID-19 која е овластена за оваа возрасна група. Вакцинацијата на оваа возрасна група нѐ носи чекор поблиску до ставање крај на пандемијата и е дополнителен слој на заштита за најранливите меѓу нас.

Младите се изложени на ризик од тешка болест предизвикана од COVID -19

Случаите на инфекција со COVID -19 се зголемуваат кај децата и адолесцентите. Додека повеќето инфекции со COVID -19 кај децата и адолесцентите се благи, некои инфекции се тешки, па дури и фатални. Покрај здравствените ризици поради инфекција со COVID -19, децата и адолесцентите се изложени на ризик од мултисистемски воспалителен синдром (Multisystem inflammatory syndrome in children  MIS-C) две до шест недели по инфекцијата со COVID -19. MIS-C е состојба кога различни делови од телото може да се воспалат вклучувајќи го срцето, белите дробови, бубрезите, мозокот, кожата, очите или гастроинтестиналните органи. MIS-C е сериозен дури и смртоносен, иако со навремена и често интензивна нега повеќето млади луѓе со MIS-C преживуваат. Ризиците од COVID-19 и MIS-C ги надминуваат сите потенцијални ризици од вакцината.

Младите лица со МС треба да се вакцинираат против COVID -19

Важноста на вакцинацијата против COVID -19 за младите лица со МС ги отсликува советите за оваа возрасна група воопшто, како и советите за возрасните со МС. Иако досега нема докази дека младите лица со МС доживуваат потешка инфекција со COVID -19, ниту дека се изложени на поголем ризик од MIS-C во споредба со младите луѓе кои немаат МС, вакцинацијата силно се охрабрува.

Домаќинството и членовите на семејството на лицата со МС треба да се вакцинираат против COVID -19

Луѓето кои живеат во исто домаќинство како и секое лице со МС, исто така треба да се вакцинираат – вклучително и млади луѓе на возраст над 12 години. Вакцинацијата на цело домаќинство го намалува ризикот од ширење на COVID -19 помеѓу луѓето во близок контакт едни со други.

Препораки за тајмингот на DMT и вакцините против COVID-19

Одлуката за тоа кога да се прими вакцината против COVID-19 треба да вклучува проценка на вашиот ризик од COVID-19, (видете ја листата блиску до почетокот на овој совет за групите кои се повеќе изложени на ризик) и моменталната состојба со вашата МС. Ако ризикот од влошување на симптомите на МС го надминува ризикот од COVID -19, не менувајте го распоредот за DMT и примете ја вакцината кога ќе ви стане достапна. Ако вашата МС е стабилна, земете ги предвид следните прилагодувања во администрацијата на вашиот DMT за да ја подобрите ефикасноста на вакцината. Овој предложен распоред не секогаш е возможен и примањето на вакцината кога ќе ви стане достапна може да биде поважно од темпирањето на вакцината со вашиот DMT. Консултирајте се со вашиот лекар за да го одредите најдобриот распоред за вас.

Interferons, glatiramer acetate, teriflunomide, monomethyl fumarate, dimethyl fumarate, diroximel fumarate, natalizumab Ако сакате да започнете со еден од овие DMT за прв пат не одложувајте заради примање на вакцината против COVID-19. Ако веќе земате еден од овие DMT не се потребни никакви прилагодувања на вашата администрација на DMT.
Fingolimod, siponimod, ozanimod, ponesimod Ако сакате да започнете со еден од овие лекови размислете за целосно вакцинирање* две до четири недели пред да започнете со fingolimod, siponimod, ozanimod or ponesimod. Ако веќе земате еден од овие лекови продолжете да го земате како што е пропишано и вакцинирајте се штом вакцината ќе ви биде достапна.
Alemtuzumab Размислете за целосно вакцинирање* најмалку четири недели пред да започнете со употреба на Alemtuzumab. Ако веќе земате Alemtuzumab, размислете да се вакцинирате најмалку 24 недели по последната доза. Кога е можно, продолжете со Alemtuzumab најмалку четири недели по целосното вакцинирање*.
Oral cladribine Размислете за целосно вакцинирање* две до четири недели пред да започнете со cladribine. Ако веќе земате cladribine, моментално достапните ограничени податоци не сугерираат дека времето на вакцината во однос на вашето дозирање на cladribine би направило значителна разлика во одговорот на вакцината. Примањето на вакцината кога ќе ви стане достапна може да биде поважно од координирањето на времето на вакцината со вашиот третман со cladribine. Ако треба да го следите вашиот следен план за лекување, продолжете со cladribine две до четири недели по целосното вакцинирање*.
Ocrelizumab, rituximab Размислете за целосно вакцинирање* две до четири недели пред да започнете со ocrelizumab или rituximab. Ако веќе примате ocrelizumab или rituximab, размислете да се вакцинирате најмалку 12 недели по последната доза на DMT. Кога е можно, продолжете со ocrelizumab или rituximab најмалку 4 недели по целосното вакцинирање*.
Ofatumumab Rазмислете за целосно вакцинирање* две до четири недели пред да започнете со DMT. Ако веќе земате ofatumumab, нема податоци за моменталното насочување на времето на вакцината во однос на вашата последна инјекција со DMT. Кога е можно, продолжете со инјекциите на ofatumumab две до четири недели по целосното вакцинирање*.
High-dose steroids (високи дози стероиди) Размислете за добивање на инјекцијата на вакцината три до пет дена по последната доза на стероиди.

*Целосно вакциниран – откако сте ја примиле единечната доза од вакцината J&J или втората доза од кој било друг вид вакцина.

Имајте предвид дека заштитата од вакцината се јавува 2 недели по единечната доза на вакцината J&J или втората доза од кој било друг тип на вакцина.

Други корисни линкови поврзани со COVID-19.

Забелешка: Рубриката Најнови информации е дел наменет исклучиво за вести и информации на оваа веб страница за оваа болест. Не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте  ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени во оваа рубрика не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.

Направи Донација

Придонеси кон подобра и поефикасна работа на здружението.

Приклучи се

Стани член на националното здружение.

База на знаење

Најди ги информациите кои ти требаат.

Корисни Документи

Најди ги потребните документи.