Резултати од анкетата за воведување членарина

Со цел да ги унапредиме нашите услуги и да обезбедиме одржливо функционирање на здружението, спроведовме анкета за воведување годишна членарина.
Во анкетата учествуваа вкупно 74 испитаници, а резултатите покажуваат јасна поддршка за оваа иницијатива.
На прашањето дали се согласуваат да плаќаат годишна членарина од 1.000 денари:
- 71.6% од испитаниците се изјасниле дека се согласуваат и би плаќале членарина во предложениот износ
- 21.6% од испитаниците изјавиле дека би плаќале, но сметаат дека износот треба да биде понизок
- Мал процент од испитаниците не се согласуваат со воведување на членарина
Овие резултати укажуваат на високо ниво на свесност и подготвеност кај МС заедницата да го поддржи работењето на здружението, како и на потребата да се разгледаат флексибилни модели на членарина кои ќе бидат прифатливи за сите.
Воведувањето на членарина ќе овозможи:
- подобрување и проширување на услугите
- поголема достапност и приоритет за членовите
- долгорочна одржливост на активностите на здружението
Нашата организација останува посветена на транспарентно работење и креирање решенија кои се во интерес на сите членови.
За Националното здружение за МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 11. март 2019 година. Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platform, EMSP), полноправна членка на Светската алијанса на пациенти (анг. World Patient Alliance), асоцијативна членка на Интернационалната МС федерација (анг. MS International Federation) и полноправна членка на Националната Алијанса на пациентски организации (НАПО).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.
Повеќе за здружението на следниов линк.