ТРИ ГОДИНИ НАЦИОНАЛНО ЗДРУЖЕНИЕ ЗА МС
Идејата да направиме чекор напред кон достоинствен живот на лицата со МС беше основниот мотив да им дадеме јасен облик на нашите замисли, кога пред три години го создадовме Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза. Бидејќи за достоинствен живот треба да изградиме достоинствени поединци, нашиот фокус беа, и до денес се токму потребите на лицата со МС.
Граѓанското здружување во нашиов простор бараше свежи идеи во пристапот кон лицата со МС, членовите на нивните семејства и кон јавноста. Токму затоа решивме да пратиме поинаква порака со начинот на кој ги креираме и презентираме нашите активности. Се трудиме информациите кои ги пласираме да бидат актуелни и стручни за секогаш да бидете во тек со најновите достигнувања за МС. Релевантноста на Националното здружение за МС беше препознаена и од нашите здравствени власти со кои комуницираме на радовна основа за прашањата поврзани со терапиите и третманот на пациентите со МС.
Јакнењето на свеста за мултипла склерозата кај општата популација е областа која за нас е вистински предизвик. Затоа се одлучивме преку мултимедијални содржини да ги сензибилизираме граѓаните за секојдневието на лицата со МС. Краткометражниот филм „Роденденски подарок“ со приказната за МС, реализиран во соработка со Факултетот за драмски уметности – Скопје, е најдобар доказ дека ентузијазмот и професионалноста во креирањето на еден производ секогаш водат кон целта. Впрочем, бројните филмски признанија на реномираните светски фестивали говорат дека пораката на ова парче уметност е пренесена и разбрана.
Креирањето на содржини и услуги кои се лесно достапни за сите членови не направи препознатливи меѓу лицата со МС, што беше клучно во доба на COVID 19 пандемијата, кога на испит беше ставено целото општество. Активносите и резултатите од проектите за „Психолошка и психотерапевтска поддршка на лицата со МС “, „Виртуелен МС советник“, „Правна помош и поддршка за лица со МС“ се покажаа како вистински погодок во вистинско време. Редовното одбележување на Светскиот ден на Мултипла склероза, Националните денови на МС и на месец септември како месец за подигање на свеста за МС беа исполнети со стручно – едукативени и промотивни настани за значењето на третманот на МС и за нашето делување воопшто.
Нашата web страна и профилите на Националното здружение за МС на социјалните медиуми, се сигналот кој го примаме од Вас за успешноста на она што го работиме. Сите наши заложби се насочени кон тоа од секој наш член да направиме одговорен човек, свесен за својата положба во општеството во кое живее, но и мотивиран создавач на своето поубаво секојдневие. Резултатите нема да дојдат сами, затоа веруваме дека ако секој се вложи во подобрување на општеството во областа каде работи или каде чувствува дека може да даде, оваа тригодишна приказна ќе има многу светли продолженија.
Искрено ваше,
Национално здружение за помош и поддршка на лицата со мултипла склероза
За Националното здружение за МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 20. март 2019 година. Од 7. мај 2020 година, Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platform, EMSP).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.