ВАЖНА ИНФОРМАЦИЈА ВО ВРСКА СО ПРОЕКТОТ ПСИХОЛОШКА ПОМОШ И ПОДДРШКА НА ЛИЦАТА СО МС

Почитувани членови,
Националното здружение за помош и поддршка на лицата со МС веќе три години го спроведува проектот “Психолошка помош и поддршка за лицата со МС” и со задоволство може да сведочиме за бројните позитивни реакции од задоволните корисници.
Меѓутоа, за жал нашата анализа на имплементацијата на проектот покажува дека одреден број на термини кои се резервирани од страна на членови на Здружението, не се искористени, односно лицата не се јавиле во договореното време или ја откажале сесијата непосредно пред почетокот, односно во несоодветно време кога терминот дополнително не може да биде пополнет. Со ваквите постапки не само што се прави непотребен трошок на Здружението кое ги исполнува обврските кон стручните лица и ги покрива трошоците, туку многу поважно – се завзема простор за консултации кој секако може да биде искористен од друг член кој има неодложна потреба од истиот.
Поради тоа силно апелираме до сите членови на исклучително одговорен однос при користење на психолошката помош и поддршка. Особено е важно јавувањето во закажаниот термин или навремено откажување на истиот од членовите кои претходно секако го усогласиле времето според нивните барања и можностите на стручниот тим. Несоодветното користење може да ја загрози достапноста на услугите што ќе биде на штета на оние кои имаат нужна потреба од психолошка помош и поддршка.
Затоа, укажуваме дека во иднина Здружението ќе престане со овозможување на психолошката помош за оние членови кои на ваков начин ќе ја злоупотребат оваа услуга и истите ќе мора самите да ги покријат трошоците за услугата.
Остануваме посветени на унапредување на услугите и Ве охрабриме одговорно да ги користите истите, со цел заедно да обезбедиме одржливост на нашите услуги.
Искрено Ваше,
Националното здружение за помош и поддршка на лицата со МС
ЗА НАЦИОНАЛНОТО ЗДРУЖЕНИЕ ЗА МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 20. март 2019 година. Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platform, EMSP), полноправна членка на Светската алијанса на пациенти (анг. World Patient Alliance) и асоцијативна членка на Алијансата на пациентски организации (АПО).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.