Светски ден на мултипла склероза 2020 – глобален извештај

Скопје, 11. август 2020 г.
Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза го споделува глобалниот извештај за неодамнешното одбележување на Светскиот ден на мултипла склероза 2020 г. (30. мај). Извештајот подетално ги прикажува преземените активности, настани и нови сознанија со кои се стекна заедницата на пациенти и засегнати лица со мултипла склероза.
Според Интернационалната МС федерација (анг. MS International Federation, MSIF), лансирањето на кампањата MS Connections беше огромен успех. Од MSIF неодамна изјавија „Не можевме да замислиме подобар почеток на тригодишната кампања. Честитки до сите ширум светот кои учествуваа“.
Повеќе за глобалната кампања можете да прочитате на следниов линк.
Оваа година, на големо задолство и огромна чест и нашето здружение активно учествуваше во кампањата која на глобално ниво ги имаше следниве достигнувања:
- вкупно регистрирани биле 1.377 активности во 109 земји (107 во 2019 година) поврзани со Светскиот ден на МС;
- учествуваа вкупно 378 организации, вклучително и 48 организации членки на MSIF;
- 5 граѓански организации учествуваа за прв пат, демонстрирајќи го достигнувањето на Светскиот ден на MС;
- во 2 држави за прв пат се одржа активност на Светски ден на MС или прв пат по неколку години: Маурициус и Малдиви;
- изненадувачки успех постигна Глобалниот МС хор во кој учествуваа околу 150 лица со МС од 33 земји од целиот свет. Со посебна гордост и ние бевме дел од „Tune in for MS“ со претставник од нашето здружение. Глобалниот МС хор е достапен на следниов линк.
Упатуваме голема благодарност до сите наши поддржувачи кои дадоа свој придонес во спроведување на годинешната кампања на светско и локално ниво. И покрај предизвиците на COVID-19, му покажавме на светот колку е навистина поврзано движењето на МС.
Уверени сме дека ќе продолжиме да работиме и вложуваме напори за подобар и поквалитетен живот на лицата со мултипла склероза.
ЗА НАЦИОНАЛНОТО ЗДРУЖЕНИЕ ЗА МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 20. март 2019 година. Од 7. мај 2020 година, Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platfrom, EMSP).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.