ПРОШИРЕНА ЛИСТАТА НА УСЛУГИ ЗА ПСИХОЛОШКА ПОМОШ И ПОДДРШКА НА ЛИЦАТА СО МС

Почитувани членови,
Постојаното следење и унапредување на емотивното здравје на лицата со МС е една од клучните задачи на холистичкиот пристап при оформувањето на животниот стил на овие лица. Тоа беше идејата кога Националното здружение за помош и поддршка на лицата со МС почна да го реализира проектот “Психолошка помош и поддршка за лицата со МС.” Советите и поддршката од стручни лица особено дојдоа до израз во време на COVID 19 пандемијата, кога беа реализирани неколку стотини сеанси со наши членови.
Поради големиот интерес Националното здружение за МС успеа да обезбеди и дополнителна услуга која дава можност членовите на кои тоа им е неопходно, да остварат директни непосредни сесии со психолог, кои ќе се реализираат со физичко присуство.
Оваа услуга која за членовите на Националното здружение за МС е бесплатна односно трошоците за истата во целост ги покрива Здружението, за нашите членови е достапна од месец октомври, а воедно продолжуваме со вообичаените on line сесии со психолог кои и досега беа достапни за сите членови кои имаат потреба од ваква услуга.
Повеќе информации за опфатот и начинот на користење на психолошката помош може да најдете тука.
Остануваме посветени на унапредување на услугите и развивање нови форми на поддршка и Ве охрабриме и да продолжите со користење на истите.
Искрено Ваше,
Националното здружение за помош и поддршка на лицата со МС
ЗА НАЦИОНАЛНОТО ЗДРУЖЕНИЕ ЗА МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 20. март 2019 година. Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platform, EMSP), полноправна членка на Светската алијанса на пациенти (анг. World Patient Alliance) и асоцијативна членка на Алијансата на пациентски организации (АПО).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.