ПРАВО НА НАДОМЕСТОК ЗА ПОМОШ И НЕГА ОД ДРУГО ЛИЦЕ

Текстот на Правилникот каде е регулирано правото на надоместок за помош и нега од друго лице ви е достапен на официјалната веб страница на Националното здружение за МС, во делот на Закони и прописи, односно на следниот линк
Правото на надоместок за помош и нега од друго лице можете да го остварите доколку сте лице со умерена, тешка или длабока интелектуална попреченост, лице со потешка и најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице, како и лице со трајни промени во здравствената состојба, така што не може само да ги врши основните активности од секојдневниот живот. Ова право се остварува по навршени 26 години возраст на лицето.
За остварување на ова право најпрво обратете се до Вашиот матичен лекар кој ќе ве упати на потребните специјалистички прегледи и други медицински третмани. Врз основа на целокупната медицинска документација (извештаи, отпусни писма и слично) од соодветниот лекар- специјалист, Вашиот матичен лекар ќе Ви издаде мислење за потребата од помош нега од друго лице, чиј составен дел е и Бартеловиот индекс (кој е еден вид непосредна процена на Вашата општа здравствена состојба и ниво на функционалност). Потоа, ќе бидете упатени на преглед од стручни комисии за да се утврди потребата од помош и нега од друго лице и нејзиниот обем. Комисии се составени од тројца доктори специјалисти или супспецијалисти од следниве области: интерна медицина, неврологија, психијатрија, физикална медицина и рехабилитација, ортопедија или офталмологија и функционираат во повеќе здравствени установи низ Републиката,
Врз основа на непосредниот преглед и медицинската документација Комисијата издава Наод, оцена и мислење за потребата од помош и нега од друго лице, кој го доставува до Вас и до Вашиот матичен лекар. Во мислењето Комисијата ја утврдува и потребата како и датумот кога евентуално треба да се јавите на повторен преглед. (тоа може да биде за период од 6 или 12 месеци, односно една или две години). Доколку Комисијата оцени дека постојат трајни промени во здравствената состојба, може да издаде и траен наод и мислење без потреба од повторен преглед
Откако ќе добиете позитивно мислење од Комисијата потребно е до надлежниот Центар за социјална работа според Вашето живеалиште заедно со барањето за остварување на правото на надоместок за помош и нега од друго лице да ги доставите следните документи:
- важечка лична карта или дозвола за престој на странец или друго лице согласно закон;
- мислење од матичен лекар за потребата од помош и нега од друго лице со Бартелов индекс;
- отпусно писмо со специјалистички извештај и друга медицинска документација (не постари од 6 месеци)
- копија на трансакциска сметка
Цетарот за социјална работа во рок од 60 дена од поднесувањето на барањето со комплетните документи донесува Решение со кое одлучува дали имате право на бараниот надоместок, го утврдува износот, времетраењето на користењето и потребата од повторен преглед кој треба да се изврши најдоцна до точно утврдениот датум. Во спротивно се губи правото на надоместокот и потребно е целата постапка да се повтори.
Доколку со Решението Вашето барање е одбиено, (што вообичаено е случај ако претходно имате добиено негативно мислење од Комисијата која ја утврдува потребата од помош и нега од друго лице), во тој случај имате право на жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка по работен однос во втор степен.
Во постапката по жалба Вашата документација, вклучително и негативното мислење од Комисијата ги разгледува Второстепена комисија која одлучува за потребата од помош и нега без непосреден преглед.
Врз основа на Мислењето на Второстепената комисија Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка по работен однос во втор степен одлучува по поднесената жалба во рок од 60 дена од добивањето на сите списи од предметот. Доколку е усвоена жалбата Центарот за социјална работа носи ново Решение за признавање на Вашето паво на надоместок на помош и нега од друго лице, а доколку жалбата е одбиена може да потнесете тужба до Управниот суд во рок од 30 дена од приемот на второстепената одлука.