Погледнете го првиот краткометражен филм за МС

Скопје, 24. октомври 2019 година
Неодамна, во Кинотеката на Македонија во Скопје, премиерно беше прикажан првиот краткометражен филм за мултипла склероза насловен „Роденденски подарок“.
Ова е прва соработка помеѓу Националното здружение за МС и Факултетот за драмски уметности во Скопје, која е одлично и успешно реализирана.
„Филмот прикажува и разработува исклучително чувствителна тема каде глумците, режисерите, сценаристите, камерманите, монтажерите и други несебично се внесоа и не штедејќи го својот потенцијал успеаја вешто да ја отсликаат реалноста и верно да ги доловат предизвиците со кои се соочуваат лицата со мултипла склероза“, изјави Ана Карајанова-Димитрушева, Претседателка на Националното здружение за МС.
Десет минутниот филм е снимен на локации во Скопје и е фокусиран на здравствените и социјалните аспекти прикажани низ призма на борбата на главната хероина Јасна со нејзината хронична болест од една страна и отсуството на емпатија од останатите од друга страна.
Во приказната прикажан е животот на млада девојка, ликовен уметник, лице кое боледува од мултипла склероза. Таа и покрај тешкотиите кои ѝ ги задава болеста со крајни сили се труди да ја исполни задачата за која е ангажирана, храбро борејќи се со исцрпувачките симптоми како резултат на нејзината болест. Кулминација во самата приказна се лошите зборови упатени од страна на Зоран, кои храбро ги дочекува Јасна која истовремено се бори на два фронта – макотрпните симптоми на мултиплата склероза и нималку пријатните зборови на Зоран како работонарачател.
Краткометражниот филм „Роденденски подарок“ има прекрасен расплет каде секој може да ја почувствува суровата реалност, гордоста, победата и покајувањето.
Погледнете го целиот филм на YouTube каналот на здружението тука.