НЕДОСЛЕДНОСТИ ПРИ ОСТВАРУВАЊЕТО НА ПОВЛАСТУВАЊЕТО ЗА БЕСПЛАТНИ ПАРКИНГ УСЛУГИ

Лицата со попреченост, меѓу кои и лицата со мултипла склероза согласно одлуките на поголем дел од единиците на локалната самоуправа имаат можност да ги користат паркинг услугите на јавните паркиралишта низ државата под повластени услови, односно да користат бесплатен паркинг.
Националното здружение за помош и поддршка на лицата со МС ја поздравува ваквата добра практика која е особено значајна за мобилноста на лицата со МС, но во исто време укажува на еден проблем кој се јавува на некои од паркиралишта во Скопје и низ другите градови од државата.
Имено, неретко лицата со попреченост се соочуваат со плаќање на казна за паркирање (без билет) бидејќи овластените лица – полициски службеници бараат, и покрај добиената картичката за бесплатен паркинг, возилата на лицата со попреченост да бидат означени со посебна ознака – налепница дека се работи за возило на лице со попреченост, бидејќи не можеле да утврдат дали возилото е ослободено од плаќање на паркинг. Според нашите сознанија, не постои посебна регулатива која ја утврдува оваа обврска за издавање и поседување на налепница. За волја на вистината, дел од јавните претпријатија имаат електронски систем на евиденција на издадени картички за повластено користење на паркинг услугите како и сопствени вработени лица – контролори кои вршат проверки дали возилата се евидентирани во системот, независно од тоа дали возилото е означено со посебна ознака. Така се избегнува можноста за злоупотреба на услугите и се олеснува работата на полициските службеници, кои често посегнуваат по неоснованото изрекување на казна за овие лица.
Ваквото барање за истакнување на посебни ознаки- налепници, би било разбирливо доколку тие би се издавале од овластен субјект (државен орган, јавно претпријатие или друго овластено правно лице) на стандардизиран начин кој за истите би водел евиденција. Но, бидејќи такво нешто не постои, лицата со попреченост се упатувани низ разни институции, агенции, министерства, други организации да бараат такви ознаки.
Со оглед на тоа што ниту еден од овие субјекти нема овластување да издава вакви налепници, лицата се принудени да набавуваат импровизирани нестандардни ознаки од различни продажни места. Ова, освен што претставува несоодветен начин и непотребно малтретирање за лицата со попреченост, отвара простор за бројни злоупотреби на овие ознаки од сопственици на возила коишто не се лица со попреченост да можат со едно обично купување на налепница да бидат ослободени од плаќање на паркинг.
За да се избегнат ваквите несакани ситуации и да се олесни пристапот до бесплатните паркинг услуги, апелираме да се изнајде соодветен начин на евиденција и контрола на возилата на лицата со попреченост кои користат ослободување од плаќање на паркинг услугите. Тоа би можело да се изведе на два начина. Потребно е сите јавни претпријатија кои управуваат со паркинзите да имаат интегриран електронски систем за евиденција возилата на лицата со попреченост кои имаат картички за повластено користење на паркинг услугите, до кој систем ќе имаат пристап овластените лица од министерството за внатрешни работи, како непречено и ефикасно би ги вршеле проверките. Другото решение би било да се утврди единствен стандардизиран начин на издавање и евиденција на потребите ознаки- налепници за овие возила, така што ќе се овласти еден субјект на целата територија на државата кој единствено преку подрачните одделенија/ канцеларии ќе може да ги издава овие налепници.
Веруваме дека овие предлог -решенија ќе придонесат за подостапни паркинг услуги на лицата со попреченост и остануваме отворени за соработка со сите институции и организации за решавање на ваквите проблеми.
ЗА НАЦИОНАЛНОТО ЗДРУЖЕНИЕ ЗА МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 20. март 2019 година. Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platform, EMSP), полноправна членка на Светската алијанса на пациенти (анг. World Patient Alliance) и асоцијативна членка на Алијансата на пациентски организации (АПО).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.