Националното здружение за МС e членка на Меѓународната Федерација за мултипла склероза (MS International Federation)

Националното здружение за МС со големо задоволство и гордост објавува дека на 04.09.2023 година, официјално стана членка на најголемата светска организација за мултипла склероза, MS International Federation, Меѓународна Федерација за мултипла склероза.
Посебна чест претставува да се биде дел од светската заедница на мултипла склероза (МС) која е единствена глобална мрежа на организации за МС, луѓе погодени од МС, волонтери и персонал од целиот свет, составена од 48 МС организации од целиот свет.
Во официјалното известување кое го добивме ни посакуваат добредојде во MS International federation, а понатаму беше наведено следното: „Со огромно задоволство ве известуваме дека одборот на MSIF едногласно ја одобри апликацијата за членство на Националното здружение за МС. Беа импресионирани од квалитетот на апликацијата и работата што организацијата ја изгради од нејзиното основање пред 4 години.“
За Меѓународната Федерација за МС (MSIF)
Ја обединуваме работата на организациите за МС за да им помогнеме на луѓето погодени од МС ширум светот. Ги зајакнуваме тие организации во земјите каде што има мала поддршка за лицата со МС. Ние правиме кампања за зголемена свест за болеста, обезбедуваме информации за нашите членови и поддржуваме меѓународно истражување за подобри третмани и начини за управување со болеста.
Нашата мисија е да го инспирираме, мобилизираме и здружиме светот за да го подобриме квалитетот на животот на сите погодени од МС и да ставиме крај на МС засекогаш.
Повеќе информации за MSIF имате на следниот линк.
За Националното здружение за МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 20. март 2019 година. Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platform, EMSP), полноправна членка на Светската алијанса на пациенти (анг. World Patient Alliance), членка на Меѓународната федерација за мултипла склероза (MS International Federation) и асоцијативна членка на Алијансата на пациентски организации (АПО).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.
За да дознаете повеќе за здружението посетете ја веб страницата.