Кои климатски услови се најповолни ако живеете со мултипла склероза?

Лицата со мултипла склероза (МС) често чувствуваат дека нивните симптоми се поврзани со одредени климатски услови. За повеќето препорачливо е да живеат во предели со умерена клима, без екстремно студени зими или претопли лета.
Мултипла склероза (МС) е невролошка состојба која предизвикува болка, заматен вид и недостаток на мускулна координација. Лицата кои живеат со МС се свесни дека симптомите често варираат. Кај некои симптомите се влошуваат кога престојуваат во многу студени климатски услови, додека кај други неповолно може да влијае топлата клима. Идентификувањето на најповолната клима може да биде начин да го дополните вашиот план за лекување.
Ако живеете со МС не постојат совршени климатски услови но, постои истражување кое дава увид во тоа како екстремните температури можат да влијаат на вашата состојба.
Која е најповолната клима ако живеете со МС?
Помеѓу 60% и 80% од лицата со МС имаат симптоми чувствителни на температура. Кај овие лица, симптомите може привремено да се влошат поради зголемување или намалување на телесната температура. Дури и многу мала промена на температурата (околу половина степен) може да ја ограничи способноста на нервите погодени од МС да пренесуваат сигнали до мозокот.
Кај поголемиот дел од лицата со МС кои се справуваат со симптоми чувствителни на температура, топлото и влажното време влијаат негативно. Поретко се случува влошување на симптомите како резултат на престој на отворено на ниски температури. Од оваа причина климатските услови со умерени до ниски температури се препорачуваат како подобри за управување со симптомите на МС.
Зошто студената клима може да биде подобра за лицата со МС?
Поверојатно е дека симптомите на МС ќе се влошат заради зголемување отколку заради намалување на телесната температура. Промените кај сетилото за вид поврзани со зголемувањето на телесната температура имаат и клиничко име, „Утов феномен“ (Uhthoff’s Phenomenon).
Ако живеете во клима која има тенденција да биде помалку влажна и има пониски температури, помала е веројатноста времето да предизвикува влошување на вашите симптоми.
Важно е да се запамети дека влошените симптоми предизвикани од топлото време се привремени и, колку што е познато, не предизвикуваат напредување на МС секој пат кога ќе ви се покачи телесната температура поради престој на отворено, вежбање или треска.
Исто така, важно е да се знае дека топлината не предизвикува исти симптоми кај секого, а и студот може да предизвика одредени тешкотии. Некои лица со МС се соочуваат со зголемена спастичност и болка кога престојуваат на пониски температури.
Совети за управување со МС ако живеете во топли климатски услови
Климата се смета за „топло-влажна“ ако има повеќе од 50cm3 врнежи годишно, а температурата во текот на најтоплите 6 месеци од годината е постојано над 22,7°C. Овој тип на клима најверојатно ќе предизвика привремено влошување на симптомите на МС.
Ако живеете во потопла клима, а преселувањето не е опција, постојат прилагодувања кои можете да ги направите за да го намалите влијанието на топлината врз симптомите на МС.
Еве неколку идеи։
- Одржувајте се доволно хидрирани и освежени, и пијте ладни пијалаци колку што е можно почесто
- Ограничете го престојот на отворено кога температурите се повисоки
- Размислете да набавите елек за ладење
- Не се откажувајте од физичка активност, но ако сте во можност вежбајте во базен со ладна вода.
- Кога ќе почувствувате дека телесната температура ви се покачува туширајте се со млака вода
Консултирајте се со вашиот медицински тим за дополнителни идеи за справување со специфичните климатски услови во вашето место на живеење.
Како да ги одберете најповолните климатски услови ако живеете со МС
Можеби размислувате да се преселите на место со по поволни климатски услови за вас. Ако е така има неколку работи кои треба да ги земете предвид.
Топлината не влијае врз секого на ист начин. Ако влошувањето на симптомите на МС е директно поврзано со поминувањето време на отворено на повисоки температури, преселбата во поладна клима може да помогне. Меѓутоа ако сте новодијагностицирани, и ако високите температури досега не влијаеле на влошување на симптомите, тогаш можеби нема да биде потребна итна преселба предизвикана единствено од вашата дијагноза.
Исто така, треба внимателно да ги разгледате добрите и лошите страни на секое менување на местото на живеење. Ако моментално живеете во кругот на блиски луѓе кои го разбираат начинот на кој МС влијае на вашиот живот, или сте задоволни од вашиот медицински тим кој ви помага со управувањето на МС, веројатно ќе има смисла да останете блиску до нив – особено ако екстремно топли се само неколку денови од годината. Размислете за овие компромиси додека одлучувате дали треба да го смените местото на живеење како стратегија за управување со МС.
Најчесто поставувани прашања
Дали топлината влијае на ист начин кај сите лица со МС?
Не. Некои луѓе сведочат дека кога нивната телесна температура се зголемува дури и малку, симптомите на болка, спастичност и заматен вид значително се влошуваат. Ова е вообичаено, но не се случува кај сите лица со МС. Научниците проценуваат дека повеќе од 20% од лицата со МС можеби нема да доживеат никаква промена на симптомите поврзана со високите температури.
Дали топлината предизвикува оштетување на нервите кај лицата со МС?
Не. Зголемувањето на телесната температура може да предизвика влошување на симптомите, но тоа е привремено. Колку што им е познато на научниците, изложеноста на топлина не предизвикува забрзано напредување на МС.
Дали студената клима е подобра за лицата со МС?
Кај некои лица со МС студената клима може да влијае на подобрување на состојбата но, други пак доживуваат влошување на симптомите поради изложеност на ниска температура. Познато е дека спастичноста кај некои луѓе е поврзана со изложеност на студ. Се проценува дека околу 15% од лицата со МС се чувствителни на студ што предизвикува привремено влошување на симптомите. До денес, можеме да кажеме дека располагаме со многу поцелосни податоци за тоа како студот влијае на МС, отколку за тоа како топлината може да влијае на симптомите на МС.
Заклучок
Лицата со МС често доживуваат температурна чувствителност што може привремено да ги влоши нивните симптоми. Зголемувањето на телесната температура е поверојатно да го предизвика овој ефект. Влажноста исто така може да влијае. Од оваа причина некои лица со МС го менуваат местото на живеење и се селат во места со умерена и ладна клима со што си помагаат во управувањето со симптомите на МС.
Ако сте загрижени како климатските услови влијаат врз симптомите на МС, треба да се консултирате со Вашиот медицински тим. Може да добиете дополнителни идеи и стратегии за третман кои можат да ви помогнат да го минимизирате начинот на кој флуктуирачките температури влијаат врз вас на секојдневна основа.
Извор: https://www.healthline.com/health/best-climate-for-multiple-sclerosis
Забелешка: Овој текст има информативен карактер и не оезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.