Илија Жежов, физиотерапевт – наш нов соработник

Скопје, 10. април 2020 година
Националното здружение за МС соопштува дека тимот на соработници и поддржувачи континуирано се зголемува. Од неодамна тимот се збогати со уште еден соработник чија улога е од исклучителна важност за одржување на здравствена состојба на лицата со мултипла склероза (МС). Илија Жежов е реномиран физиотерапевт, чија долгогодишна работа на оваа проблематика е ценета, вреднувана и признаена од страна на огромен број пациенти.
Остварената соработка е во насока на обезбедување на начин на одржување на целокупната состојба на пациентите со МС, со цел активирање на организмот и одржување на телесна и мускулна подготвеност. Од таа причина Националното здружение за МС, иницираше, во соработка со физиотерапевтот Илија Жежов подготовка на видеоматеријал со пакет вежби за подобрување на рамнотежата, моториката и сензорните функции наменета за лицата со МС.
Ќе бидат снимени соодветни вежби со кои ќе бидат опфатени три категории на пациенти со МС со лесна, средна и потешка форма. Медицински вежби ќе бидат изведени и објаснети од страна на г-ѓа Александра Ефремовска под надзор на физиотерапевт.
Благодарение на нашата соработка, во иднина ќе објавуваме и текстови и информации на нашата веб страница со цел споделување на корисни совети и едукација на актуелни теми и новитети по однос на физикалната терапија и пациентите со МС.
Видеата со вежбите ќе бидат објавувани на Youtube каналот на Националното здружение за МС, па ќе можете да ги гледате и вежбате во било кое време од денот во комфорните услови на Вашиот дом.
Согледавме дека токму во овој период на изолација како резултат на пандемијата од коронавирусот потребно е лицата со мултипла склероза да бидат активни и насочени кон одржување на сопственото здравје, па од тие причини ја остваривме оваа соработка која веруваме дека ќе биде од голема полза на лицата со мултипла склероза.
Националното здружение за МС се грижи за вашите потреби, ги согледува и се труди да излезе во пресрет со цел подобрување на квалитетот на животот на лицата со МС.
Чувајте се и грижете се за сопственото здравје!
За Националното здружение за МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 20. март 2019 година.
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.
Повеќе за здружението на следниов линк.