Обезбедени ортопедски помагала за потребите на лицата со МС и Клиниката за неврологија, Скопје
Почитувани,
Во текот на месец јуни беше објавен почетокот на сорабвотката со Хуманитарната организациуа за медицински помагала од Луксембург Lētz Care a.s.b.l. од Луксембург, на која беа договорени деталите и начинот со цел да се излезе во пресрет на потребите на лицата со мултипла склероза.
Набргу потоа, во месец јули по спроведена анкета веќе имавме бројка и видови помагала кои им се потребни на лицата со МС. Со помош на одлична логистика (транспорт, царински формалности, сместување, чување) крајните корисници беа известени за начинот на подигнување на потребното ортопедско помагало. Секако тука да не изоставиме да ги спомнеме Lētz Care a.s.b.l., Delamode Macedonia, Мондано Спорт и многуте прекрасни луѓе кои ни излегоа во пресрет и помогнаа во реализацијата на донацијата.
Крајот на јули, август и почетокот на септември, во рамки на овој проект, на лицата со МС беа доделени повеќе од 30 ролатори, 20 инвалидски колички, а воедно ЈЗУ Универзитетската клиника за неврологија, Скопје доби дигалка за пациенти, тоалетно столче, тоалетна количка, 5 ролатори, 5 инвалидски колички кои се потребни за непречено опслужување на пациентите и одвивање на работниот процес.
Националното Здружение за МС продолжува со редовните активности, како и дејствување секогаш во изнаоѓање решенија во насока на целосно задоволување на интересите и потребите на лицата со МС, а работата ја темели на обезбедување најдобри услуги и третман за своите членови.
За Националното здружение за МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 11. март 2019 година. Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platfrom, EMSP), полноправна членка на Светската алијанса на пациенти (анг. World Patient Alliance), асоцијативна членка на Интернационалната федерација за МС (анг. MS International Federation) и членка на Националната Алијанса на пациентски организации (НАПО).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.
За да дознаете повеќе за здружението посетете ја нашата веб страница.