Тешкотии на работното место кога имате МС

Мултипла склерозата може да ја намали продуктивноста и да влијае на когнитивните способности, принудувајќи ги луѓето со MС да ги намалат своите работни часови, да се откажат од своите работни места или да се пензионираат порано.
„Продолжив да работам во мојата компанија четири години по дијагнозата и конечно мораше да се откажам. Тоа е апсолутен кошмар.”
Така, Anna Stokes опиша како мултипла склерозата влијаела на нејзината продуктивност и на крајот на нејзиниот работен век, откако во 2012 година и била поставена дијагнозата.
Неодамнешните истражувања ги истакнуваат заморот и когнитивното оштетување како две главни причини зошто еден вработен со мултипла склероза (МС) мора да ја промени својата работа, да ги намали работните часови или да се пензионира порано.
Импликацијата од истражувањето е дека МС влијае на статусот на вработеност пред да настапи телесна попреченост.
Околу 95 отсто од пациентите со МС се жалат на замор и когнитивни тешкотии.
Други невролошки симптоми кои можат да влијаат врз вработувањето вклучуваат говорни оштетувања, проблеми со видот и тешкотии при транспортот.
Krista Brennan, поранешен извршен директор и професор на колеџ, се справуваше со замор и когнитивни тешкотии, бидејќи МС и ја уништи кариерата.
„Сѐ беше во ред но, многу ме повреди тоа што морав да се откажам од мојата работа како професор. Тоа беше мојата страст”, изјави Brennan за Healthline. “ Не се самосожалувам. Работев подолго од многу други. Среќна сум”.
„Овие извештаи се во согласност со други податоци кои истакнуваат дека таканаречените „невидливи“ симптоми на замор и когнитивно оштетување, како и намалување на продуктивноста на работното место кај лицата со МС може да имаат поголемо влијание отколку очигледната физичка попреченост“, изјави за Healthline д-р Barbara Giesser, професор по клиничка неврологија на Медицинскиот факултет David Geffen на Универзитетот во Калифорнија во Лос Анџелес (David Geffen School of Medicine at the University of California Los Angeles), и клинички директор на UCLA MS програмата.
„Стратегиите, како што се флексибилно работно време и некои други прилагодувања, можат да ги ублажат овие оштетувања“, нагласи Giesser.
Видливи ефекти од невидливи симптоми
Овие невидливи симптоми значително влијаат на работната способност.
Резултатите од истражување кое беше спроведено врз 16.000 учесници од Европа покажа дека работниот капацитет е намален за дури 74 проценти. Заморот и когнитивните тешкотии се двете главни причини.
Нучниците од UK неодамна потврдија дека когнитивното оштетување е честа појава кај лицата со МС и се појавува кај низа мисловни процеси.
Истражувањето се осврнува на опсегот на когнитивно оштетување кај лицата со МС, користејќи ја “Cambridge Neuropsychological Test Automated Battery, a touch-screen” програмата.
Сè на сè, кај 90 лица со МС биле проценета работнатата меморија, извршната функција, брзината на обработка, вниманието и епизодната меморија (episodic memory).
Најчесто беше нарушена извршната функција, каде се констатира дека со вакво нарушување биле погодени 55 проценти од учесниците.
Времетраењето и сериозноста на болеста се во тесна корелација со перформансите во сите параметри.
Кај пациентите со симптоми на депресија, исто така, е зголемена веројатноста да имаат нарушување кај брзината на обработка на податоци.
Трошоци кои произлегуваат од МС
Податоците сугерираат дека намалената продуктивност на работното место како резултат на МС или потребата од предвремено пензионирање е најголемиот фактор кој придонесува за немедицински трошоци за МС.
Губењето на приходите е исто така една од причините за зголемување на побарувањата за лицата со попреченост.
Немедицинските трошоци вклучуваат краткорочно и долгорочно отсуство од работа, скратено работно време, промена на видот на работа во помалку физички предизвикувачка и стресна природа (обично со пониски плати) и предвремено пензионирање.
Иако трошоците индивидуално варираат, овие фактори резултираат во намалена продуктивност и значителна загуба на приход кај лицата со МС.
Според податоците од 2016 година, кај пациентите со прогресивна МС, дури 67% од трошоците поврзани со болеста се должат на губењето на продуктивноста.
МС исто така, значително влијае и на отсуствувањето од работа.
Во споредба со останатите вработени, оние со МС имале повеќе од шест пати поголем број на денови за боледување. Годишните трошоци за попреченост на работодавачите беа девет пати поголеми за вработените со МС.
Научниците од Австралија се насочија кон проценка на продуктивноста и загубите поврзани со МС. Пациентите со МС биле присутни на работа за три пати повеќе отколку што биле отсутни. Авторите ја потенцираат важноста овие податоци да бидат вклучени во проценката на резултатите од вработувањето.
Од 740 вработени лица со МС, во претходните четири недели 56 проценти го загубиле работното место поради МС. Ова резултираше со годишна загуба од 4.985 американски долари по лице.
Трошоците кај работодавачите вклучуваат и загуба на квалитетни работници.
„Морав да ја напуштам работата заради MС”, изјави за Healthline Kathy Reagan Young, долгогодишен директор за маркетинг, дијагностицирана со МС во 2008 година. „Потребно ми е да можам да ги извршувам работните обврски од каде било, како болнички кревет или почесто од мојата фотеља“.
АDА и правата на пациентите
Вработените со МС се заштитени со Американскиот закон за попреченост “American Disabilities Act (ADA) “, а во Калифорнија и со Законот за фер вработување и домување “the Fair Employment and Housing Act”.
Работодавачите кои не прават разумни напори да вработат лице со компликации од МС, можат да платат големи казни.
„МС е попреченост. Тоа е главна животна окупација “, рече Jackек Schaedel, партнер и копретседател на “Labor and Employment Practice” во Scali Rasmussen, адвокатска фирма во Лос Анџелес.
„За разлика од повеќето закони за антидискриминација, каде стои дека треба да се однесувате еднакво кон луѓето, овој закон вели дека треба да направите разумно прераспределување на вработениот за да може да ја извршува својата работа“ , изјави Schaedel за Healthline. “Разумните прераспределби не наметнуваат непотребни тешкотии. Не може да станува збор само за тоа дека ви се зголемени трошоците, или дека не располагате со високо квалитетен работник. Тешкотиите се создаваат кога ќе се соочите со неуспех, а заради вас се соочуваат и останатите”.
Според законот, одговорност на работодавачот е да изнајде начин како да му помогне на работникот да биде продуктивен.
Прилагодувањата може да го направат работниот простор поудобен, користејќи гласовно контролирани апликации, диктати, обезбедување помошник за пренесување тешки работи или за пишување.
“Нечија работа може да биде да одржи предавање. Не е негова работа да ги носи книгите до училницата”, вели Schaedel.
Тој додадва дека во фокусот е личноста, а не болеста.
„Ако компанијата не може да го прими вработениот, тогаш едноставно не може“, рече Schaedel. „Но, ако може, тогаш мора”.
Кога еден вработен ќе биде дијагностициран со МС, Schaedel предлага компанијата да работи со него како би се утврдило како да се продолжи понатаму.
„Прашајте го вработениот што е потребно за да ја заврши својата работа“, рече тој.
Лекување на симптоми на работното место
Многумина од лицата со МС бараат помош во справувањето со замор и когнитивно оштетување, во форма на лекарства, промена во животниот стил и алтернативни третмани.
Еден третман кој станува се попопуларен е медицинската марихуана. Медицинската марихуана е легална во Калифорнија, но работодавците не ја дозволуваат нејзината употреба врз основа на пресудата за случајот на Врховниот суд во Калифорнија во 2008 година.
Во 2013 година, Министерството за правда (Department of Justice ) направи исклучок за државите Washington и Colorado, каде рекреативната употреба на марихуаната е легална, со изјавата „тие ќе го одложат преиспитувањето на нивните закони за легализација во овој момент“.
Оваа политика на управување беше сменета од администрацијата на Trump во јануари.
Пациентите додека работат можат легално да користат пропишани лекарства, кои обично се препишуваат за симптоми на MС, се додека тие не ја попречуваат нивната работа.
Започнување на нов живот
МС предизвикува луѓето со оваа болест да ги редефинираат своите животи.
„Не се предадов“, рече Stokes, која по дијагнозата се пресели од Arizona, дома во North Carolina. “Оваа година се обидов да ја научам техниката витраж, и во деновите кога сум способна, ми претставува вистински умствен одмор. Изработките во оваа техника ми помагаат во борбата со моето чувство на безвредност, откако ја загубив финансиската независност, страста и ентузијазмот за работа и делување на отворен простор”.
Stokes за Healthline изјави дека посетува и локална установа за ментално здравје за групна терапија користејќи медитација како форма на ослободување од стрес.
Brennan започна повторно да работи.
По промената на исхраната и начинот на живеење, нејзината енергија и бистрина се вратија. Таа се врати на училиште да совлада уште еден степен, и во моментов му помага на нејзиниот сопруг во неговиот маркетинг бизнис.
„Не е она што го правев некогаш, но тоа е она што го правам сега“, рече таа.
Како резултат на подобрувањето на здравјето, Brennan неодамна отвори своја консултантска компанија “fastingjourney.com”, за да ги води луѓето низ наизменичното постење, нешто што го користеше при справување со заморот и тешкотии во процесот на размислување.
Young стана правен застапник на лица со МС. Таа започна бизнис преку интернет и најде цела индустрија за застапување на пациенти, околу која сега гради нова професионална кариера.
„Сакам да им помогнам на другите хронично болни пациенти да најдат пристојна работа од дома, можности за застапување на пациенти, и да споделам искуства и совети околу тоа како да започнат свој бизнис преку интернет“, рече таа.
Извор: https://www.healthline.com/health-news/difficulties-of-your-job-with-multiple-sclerosis#1
Забелешка: Рубриката „Најнови информации“ е дел наменет исклучиво за вести и информации на оваа веб страница за оваа болест. Не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени во оваа рубрика не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.