Пареза – видови, причини, симптоми и третман

Што треба да знаете за парезата?
Пареза е состојба при која доаѓа до заслабнување на мускулното движење. За разлика од парализата, лицата со пареза сè уште имаат одредена контрола над погодените мускули.
Пареза се јавува како последица на оштетување на нервите, што може да биде предизвикано од различни фактори или состојби.
Продолжете да читате, а ние ќе се обидеме да објасниме посуштински што е пареза, што ја предизвикува и како може да се третира.
Што е пареза?
Пареза е состојба во која доаѓа до заслабнување и нарушување на мускулните движења. Исто така, понекогаш може да сретнете дека се нарекува „лесна парализа“ или „делумна парализа“.
Иако парезата влијае на вашата мускулатура, таа обично се јавува поради оштетување на нервите.
Движењето на мускулите во нашето тело е контролирано од многу голема и развиена мрежа на нерви. Ако дел од оваа мрежа е оштетен, мускулите во погодената област може да не работат правилно.
Постојат неколку фактори кои можат да предизвикаат пареза, а исто така постојат и повеќе различни видови пареза. Парезата често е категоризирана според пределот на телото кој е зафатен.
Која е разликата помеѓу пареза и парализа?
Парезата се карактеризира со мускулна слабост. Лицата со пареза сè уште можат да ги движат погодените мускули но, сепак овие движења се послаби од вообичаените.
Парезата е различна од парализата. Лицата со парализа воопшто не се во состојба да придвижат одредени мускули, или мускулни групи.
Исто така, може да сретнете дека кај парезата се користат и наставки за да се разграничи кој дел од телото е зафатен. На пример, лице со монопареза има мускулна слабост што влијае само на едниот екстремитет.
Соодветната замена за терминот парализа е „плегија“. Користејќи го истиот пример, лице со моноплегија има парализа што влијае само на едниот екстремитет.
Причини и видови на пареза
Постојат многу различни фактори кои можат да предизвикаат оштетување на нервите што резултира со пареза.
Неколку примери на причини за пареза:
- повреда на главата
- повреда на `рбетниот мозок
- притисок врз ‘рбетниот мозок или нервите како резултат на воспаление, коскени израстоци или тумор
- мозочен удар
- напади
- мултиплa склероза (МС)
- церебрална парализа
- дијабетес
- одредени инфекции, како што се Епстеин Бар вирусот(Epstein-Barr virus) и сифилис
- Жилиан Баре синдромот (Guillain-Barré syndrome)
- амиотрофична латерална склероза (АЛС)
Како што постојат многу потенцијални причини за пареза, има и повеќе различни видови на пареза.
Подолу се дадени неколку примери на различни видови на пареза:
- Монопареза е мускулна слабост што влијае на едниот екстремитет, како што се ногата или раката.
- Парапареза е мускулна слабост која ги погодува двете нозе.
- Хемипареза е мускулна слабост што влијае на едната страна од вашето тело, како што се левата рака и левата нога.
- Квадрипареза е мускулна слабост која ги погодува сите четири екстремитети.
- Белова парализа (Bell’s palsy) е состојба што доведува до привремена слабост на мускулите на лицето, што може да предизвика “свенување” на лицето и болка.
- Пареза на гласните жици, влијае на движењето на вашите гласни жици. Состојбата често доведува до омекнат глас или засипнатост, како и чувство на губење здив при зборување.
- Гастропареза е состојба кога поради мускулна слабост се нарушува празнењето на желудникот. Тоа е поврзано со симптоми како гадење, повраќање, надуеност и чувство на ситост.
- Тодова пареза (тodd’s paresis) е вид на пареза што се јавува после напад. Често се поврзува со пареза на едниот екстремитет (монопареза) или на едната страна од телото (хемипареза).
- Невросифилис се јавува кога инфекција на сифилис го напаѓа нервниот систем. Може да предизвика пареза, како и главоболки, промени во однесувањето и деменција.
- Спастична пареза е состојба што предизвикува прекумерна мускулна активност и спастичност. Тоа се должи на оштетување на нервите што честопати произлегуваат од состојби како мозочен удар, МС и церебрална парализа. Ова може да доведе до болки, како и тешкотии при активности како одење или облекување.
Кои се најчестите симптоми?
Мускулната слабост е главниот симптом на пареза.
Други вообичаени симптоми вклучуваат:
- мускулна вкочанетост
- чувство на трнење (иглички)
- намалена чувствителност во погодениот предел
Некои видови на пареза може да имаат малку поинакви или дополнителни симптоми.
Симптомите на пареза може да се појават одеднаш, како во случај на повреда на главата или ‘рбетниот мозок. Во други случаи, како што е на пример МС, симптомите се појавуваат постепено.
Во зависност од причината, симптомите може да бидат привремени или трајни. Тие исто така може прогресивно да се влошуваат, доведувајќи до парализа, како што е случај кај АЛС (амиотрофична латерална склероза).
Достапен третман
Третманот за пареза зависи од причинителите. Фокусот се става на овозможување на основните услови, како и подобрување на квалитетот на живот во целина.
Примери за достапен третман:
- Физикалната терапија користи техники како што се вежби за подобрување на подвижноста, флексибилноста и опсегот на движење, и стимулирање на нервите и мускулите.
- Работната (окупациона) терапија може да ве научи на стратегии за полесно извршување на вашите секојдневни активности додека се справувате со пареза.
- Помагалата се уреди кои што можат да помогнат кон вашата поголема подвижност. Пример:
- водилки
- инвалидски колички
- потпорни помагала
- специјализирани држачи и фаталки
- технологија со гласовно активирање
- Медикаментите во некои случаи можат да помогнат во лекување на состојбата што предизвикува пареза. Пример:
- антимикробни лекови за инфекции
- кортикостероиди за да се намали воспалението што врши притисок врз нервите
Заклучок
Парезата претставува ослабнување на одреден мускул, или мускулна група. Во литературата може да се сретне и како делумна или лесна парализа. За разлика од парализата, луѓето со пареза сè уште можат да ги движат своите мускули но овие движења се послаби од вообичаените.
Пареза се јавува при оштетување на нервите. Кога тоа ќе се случи, мускулите кои се контролирани од погодениот нерв може да не функционираат правилно.
Постојат различни причини за пареза, вклучувајќи повреди, мозочен удар, воспаление на ‘рбетниот мозок и состојби како МС.
Во моментов лек за пареза не постои. Некои видови на пареза се привремени и ќе исчезнат со текот на времето, додека други може да бидат трајни. Сепак, третманите кои се фокусираат на причинителот може да помогнат во подобрување или целосно повлекување на парезата.
Врз основа на вашите потреби, заедно со вашиот терапевт можете да откриете кои третмани се најпогодни за вас. Соодветниот третман може да ви помогне во справувањето со вашата состојба, во подобрувањето на подвижноста и квалитетот на животот.
Забелешка: Рубриката „Најнови информации“ е дел наменет исклучиво за вести и информации на оваа веб страница за оваа болест. Не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени во оваа рубрика не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.