Мултипла склероза: Како функционира нервниот систем

Имам теорија дека едукацијата води кон зајакнување, самодоверба, а тоа придонесува луѓето да бидат добри застапници сами за себе и со тоа да го подобрат здравјето во целина. За здравствените работници, при посета на пациентот во ординација, не секогаш е едноставно да објаснат сложени заболувања како што е мултипла склероза. Има премногу прашања и теми на кои што треба да се обрне внимание при прегледот и заради тоа неретко едукацијата за болеста е занемарена или целосно изоставена со цел да се даде доволно време на прашањата поврзани со конкретната состојба на пациентот.
По дијагностицирањето, истражување на сè што е достапно во врска со МС
Мојата прва реакција по поставената дијагноза МС, беше да се изложам на што повеќе информации во врска со болеста и да научам што повеќе. Мојата предност беше во тоа што веќе бев медицинска сестра на неврологија, и имав речиси десетгодишна обука од областа на човечка биологија, анатомија, физиологија и патологија. Како и да е, просечна личност дијагностицирана со сериозна невролошка болест нема големи познавања од областа на неврологијата. Не можам ни да замислам колку сложено би било да се дојде до сознанија и да се разбере болеста, препуштени сами на себе, без било какви претходни познавања. Покрај сè, дури и некои доктори и медицински сестри кои ги познавам имаат одбивност кон неврологијата заради тоа што е прилично сложена тема за совладување и специјализација.
Учење на невролошките концепти за полесно да се разбере МС
Овие концепти, убедена сум, дека ви се природни затоа што според нив го живееме секојдневниот живот. Личното искуство секогаш е најдобриот начин да се дојде до знаење! Ќе се обидам да ве научам на основните начела на неврологијата со надеж дека ќе стекнете подлабоки сознанија околу тоа што е МС и како таа влијае на вас. Ако некогаш сте имале симптоми од типот “што ли беше сега ова”, тогаш оваа статија е за вас!
Што всушност претставува нервниот систем и која е неговата функција
За почеток, основите: нервниот систем е поделен на два дела, централен нервен систем (ЦНС), и периферен нервен систем (ПНС). Наједноставно е ако го замислиме нервниот систем како дрво. ЦНС ги претставува корените и стеблото, составени од мозокот и ‘рбетниот мозок. ПНС ги претставува гранките на дрвото составени од нерви кои што патуваат низ нашите органи, жлезди, мускули и низ нашата кожа. Генерално, главната улога на нервниот систем е да ги организира сите клетки во нашиот организам да си ги исполнуваат своите задачи. Се однесува како претпоставен и како лидер на вашиот организам. Мозокот сам по себе не може да земе мегафон и да извикува наредби. Тој комуницира со неговата армија од клетки преку електрични и хемиски сигнали. Овие сигнали патуваат од нервниот систем преку нервните влакна па се до клетките каде што задачата се пренесува.
Нерниот систем никогаш не спие
Нервниот систем никогаш не спие, постојано собира информации и реагира на нив со неверојатна брзина. На пример, кога вашиот стомак е празен тој испраќа сигнал кој мозокот го препознава како глад, а вие станувате свесни дека треба да јадете. Некои сигнали автоматски се детектираат и се реагира на нив без вие воопшто да треба да размислувате. Тие се познати како рефлекси.
Што е рефлекс?
Добар пример би бил да речеме ако допрете жешка рингла, чувството патува низ вашите нерви се до ‘рбетниот мозок. Ова предизвикува брза реакција и мускулите се згрчуваат и ја тргаат дланката настрана. Вашиот мозок истовремено ја обработува незгодата и тоа ве тера да кажете: “Уф, тоа беше жешко”
Секоја задача која што му е поставена на нашето тело, свесно или несвесно, мора да пропатува низ нервниот систем за да биде исполнета. Оваа информација обично патува со толку голема брзина што ние и не сме свесни колку е сложен целиот процес.
Сензорни и моторни нерви
Периферниот нервен систем (ПНС) е составен од сензорни и моторни нерви. Улогата на сензорните нерви е опишана во самото нивно име. Тие чувствуваат што се случува во нашето тело со прибирање на информации од кожата, мускулите, коските, зглобовите, и органите како што се бешиката, стомакот и белите дробови. Тогаш тие овие информации ги препраќаат на централниот нервен систем (ЦНС) за обработка и издавање наредби за реакција. Откако (ЦНС) ќе ги даде наредбите, понатаму работа на моторните нерви е да ги исполнат. Ова се основните принципи според кои нашите тела функционираат и реагираат но, исто така е и место каде настанува и прекин на комуникацијата и почнуваат да се појавуваат проблемите кај лицата со МС.
Објаснување за нарушената функција на бешиката кај лица со МС
Нарушената функција на бешиката е одличен пример. Сензорните нерви понекогаш се “пречувствителни” и му испраќаат информација на мозокот дека бешиката ни е полна многу порано од кога таа навистина е полна и резултатот од тоа е таканаречена хиперактивна бешика која постојано ни испраќа сигнал дека треба да уринираме. Во друг случај пак нервите не успеваат навреме да ги приберат информациите и не успеваат да го известат мозокот дека бешиката е полна и тоа може да резултира во неконтролирано или испрекинато уринирање. Моторните нерви исто така можат да влијаат на бешиката. Како што знаеме бешиката е мускул, а ние зависиме од мускулите за да ја задржиме урината. Слабост во мускулите исто така може да доведе до неконтролирано уринирање. Понатаму како дополнување и слабоста на нозете може да ни создаде тешкотија навреме да стигнеме до тоалетот.
Всушност тоа се основите…
Забелешка: Рубриката „Најнови информации“ е дел наменет исклучиво за вести и информации на оваа веб страница за оваа болест. Не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени во оваа рубрика не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.