Совети за учество на настани и присуство на собири

Што треба да земете предвид кога се подготвувате да одите на забава или настан?
Животот со мултипла склероза (МС) не треба да ве ограничува и оттргнува од забавната страна на животот. На крајот на краиштата, луѓето сè уште организираат свадби, моминските вечери сè уште се планираат, а спортски настани и социјални односи сè уште се одржуваат. Иако состојбата кај секого може да биде различна, животот со МС и учеството во настани може да биде остварливо и пријатно. Кога се подготвувам за настан, излет или забава размислувам за неколку работи (имајќи ги предвид симптомите на МС со кои се справувам).
Како одлучувате дали да кажете ДА или НЕ։
- Дали тоа ќе биде настан од кој ќе добијам позитивна енергија или ќе ме исцрпи?
- Ако е исцрпувачки, дали вреди да присуствувам? Многу работи ми го зголемија заморот, но кога ќе се навратам благодарен сум што учествував.
- Ако одлуката да присуствувам на настан ме загрижува, треба да истражам зошто е тоа така. Дали има поврзаност со мојата МС? Ако има, дали постојат некои прилагодувања кои можам да ги направам?
Откако ќе одлучам дека сакам да присуствувам, се подготвувам на следниве начини։
- Подготвувам облека која е удобна и која ми се допаѓа. Ја земам предвид удобноста на обувките и на облеката. Неколку мои пријатели се соочуваат со уринарни тешкотии (уринарна итност), па затоа носат облека која лесно се соблекува.
Сакам добро да сум подготвен за секој настан на кој присуствувам па затоа планирам се до одржувањето на настанот. Планирам претходната ноќ, во текот на денот, и непосредно пред настанот
- Направете список на работи кои треба да ги понесете со себе. Мојот список може да содржи лекови, телефон, полнач за телефонот и ментол бонбончиња.
- Проверете ја временската прогноза. Во зависност од временските услови одберете и облека во која ќе се чувствувате удобно.
- Размислете да понесете опрема за прилагодување. На пример, ако настанот се одржува во летниот период може да понесете вентилатор на батерии или наметка за ладење.
- Уживајте! Една од најдобрите работи кога учествувате во нешто забавно е тоа и да го очекувате. Ако сте под стрес фокусирајте се на деловите од настанот кои најмногу ви значат. Ова може да вклучува средба со драга личност, или посета на место кое отсекогаш сте сакале да го посетите.
Ноќта пред настанот։
- Овозможете си квалитетен сон претходната ноќ. Ништо не може да ги влоши симптомите на МС како неквалитетното спиење.
- Подгответе ја облеката која планирате да ја носите
- Спакувајте ги сите работи кои планирате да ги понесете со себе. Ако настанот се одржува преку ден понесете торба во која ќе спакувате работи како лекови, средства за заштита од сонце ако сте на отворено, облека за пресоблекување, поудобни чевли, шише вода и нешто за грицкање.
Денот на настанот։
- Сѐ што имате спакувано ставете во автомобилот. Ако не одите со автомобил поставете ја торбата до излезната врата за да не ја заборавите!
- Ако одите на вечерен настан искористете го попладнето за дремка. Ова е една од најважните работи за да си ја зачувате енергијата ако планирате да останете будни до подоцна.
- Истегнете ги нозете пред да тргнете. Ова е особено корисно ако одите на настан каде знаете дека ќе треба долго да стоите или да пешачите.
На настанот։
- Ограничете ги работите кои ви ја исцрпуваат енергијата, како што се нездравата храна и алкохолот
- Обрнете внимание на сигналите кои ви ги испраќа вашето тело. Запрашајте се։ „Дали сум уморен?“ или “Дали имам потреба да седнам, или да се напијам вода?“
- Уживајте во опкружувањето. Тоа што обрнувате внимание на погледот, звуците, мирисите и вкусовите помага да го следите настанот со поголемо внимание. Секогаш повеќе ги ценам настаните кога одвојувам време навистина да уживам во нив.
- Прославете го сознанието дека МС не ве спречува да ги правите работите кои ви значат. Можеби понекогаш изгледа малку поинаку, но најважно е што можеме да најдеме начини да уживаме во животот со МС.
Сето ова може да изгледа премногу, но преземањето на тој дополнителен чекор за планирање и подготовка ќе ви помогне да заштедите енергија и да го зголемите уживањето. Затоа планирајте навремено, планирајте често и планирајте да се забавувате!
Извор: https://www.abovems.com/en_us/home/living-with-ms/daily-life/tips-events-gatherings.html
Забелешка: Овој текст има информативен карактер и не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.