Нова студија: Одењето може да се подобри кога е комбинирано со музика

Резиме
- При спроведувањето на мала студија за рехабилитациска техника наречена ритмичка аудитивна синхронизација (rhythmic auditory cueing) лицата со МС го синхронизираа одењето со музика во побрзо темпо од вообичаениот ритам на чекорење. Тие забележаа намалување на физичкиот и когнитивниот замор кога чекореа во ритамот на музиката.
- Резултатите сугерираат дека спојот на чекорење и ритмичка музика може да биде ветувачка стратегија во третманите за справување со тешкотиите при одење кај лицата со МС. Следејќи ги овие резултати истражувачкиот тим исто така проучува како музиката може да биде полезна во подобрување на способноста за учење како и при тешкотии во рамнотежата кај лицата со МС.
- Тимот („Lousin Moumdijan, Peter Feys, PhD“ и нивните колеги од „University of Ghent, Belgium“) ги објави резултатите од истражувањето во „Neurorehabilitation and Neural Repair“.
Детали
Позадина։ Тешкотијата при одење, со абнормална шема на одење како највидлива причина е меѓу најчестите ограничувања на мобилноста кај лицата МС. Истражувањата сугерираат дека лицата со МС може да имаат корист од зголемувањето на нивната физичка активност, но проблемите со одењето и заморот се потенцијални пречки. Истражувачите од Универзитетот во Гент (Белгија) работеа на начини за зголемување на физичката активност и целокупната мобилност преку поттикнување на одење. Тие одлучија да се обидат да го поврзат одењето со звуци, како што се музика или метроном (уред кој произведува звучен клик или друг звук во редовен интервал), како пристап за подобрување на способноста за одење. Оваа техника наречена „аудитивна синхронизација“ сѐ повеќе се истражува како алатка за подобрување на тешкотиите со одење кај лицата со мозочен удар, Паркинсонова болест и други нарушувања.
Студија։ Тимот во истражувањето вклучи 28 лица со МС со благо до умерено моторно нарушување, и 29 лица во контролната група кои немаат МС. Отпрвин од учесниците беше побарано да пешачат една минута во вообичаено темпо на чекорење. Потоа чекореа додека слушаа музика и / или метроном (со различно темпо) по 3 минути во секое темпо, со период на одмор од 3 минути помеѓу обидите. За да се измери дали одењето е синхронизирано со ритамот на музиката / метрономот се користеа сензори поставени на зглобовите, глуждовите и преку градите. Научниците, исто така извршија мерење како интервенцијата влијае на перцепцијата на учесниците за физичкиот и когнитивниот замор и дали когнитивното нарушување влијае на синхронизацијата во движењето.
Учесниците во истражувањето кои живеат со МС беа во можност да го синхронизираат чекорењето со музика или метроном при различно темпо, вклучувајќи и повисоко од вообичаеното темпо на одење. Испитаниците без когнитивно нарушување покажале највисок степен на синхронизација кога чекореле во темпото на метрономот, додека лицата со когнитивно нарушување подобро го синхронизирале чекорењето во ритамот на музиката. Учесниците забележале дека чувствуваат помал физички и когнитивен замор кога чекорат во ритамот на музиката во споредба со метрономот.
Тимот (Lousin Moumdijan, Peter Feys, PhD) и нивните колеги ги објавија резултатите од истражувањето во „Neurorehabilitation and Neural Repair“.
Заклучок։ Резултатите од оваа мала студија сугерираат дека спојот на одење со ритмичка музика може да биде ветувачка стратегија во третманите за справување со тешкотиите при одење и зголемување на физичката активност кај лицата со МС. Овој тим исто така проучува како музиката може да биде полезна во подобрување на способноста за учење како и при тешкотии во рамнотежата кај лицата со МС.
Забелешка: Овој текст има информативен карактер и не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.