Како МС поинаку влијае на жените: 5 работи кои треба да ги знаете

Преглед
МС е многу поприсутна кај жените отколку кај мажите. Жените имаат најмалку два до три пати поголеми шанси да развијат МС, известува „the National Multiple Sclerosis Society“. Некои студии сугерираат дека јазот е уште поголем.
МС може да влијае на жените и мажите на различни начини. Одвојте момент за да дознаете за некои од клучните разлики.
Состојбата се развива со различни стапки
Иако жените имаат поголема веројатност да развијат МС, кај мажите состојбата има тенденција да напредува побрзо и да стане потешка.
Според прегледот на истражување објавено во 2015 година, жените со МС имаат тенденција да доживеат побавен когнитивен пад од мажите. Тие имаат и пониски стапки на смртност.
МС има различни ефекти врз расположението и квалитетот на животот
Неодамнешниот преглед покажа дека во споредба со мажите со МС, жените со оваа состојба имаат помала веројатност да доживеат депресија или апатија. Од друга страна, жените имаат поголема веројатност да развијат анксиозност.
МС може негативно да влијае на квалитетот на животот и кај жените и кај мажите. Но, некои истражувања сугерираат дека кај луѓето со оваа состојба, жените имаат тенденција да пријавуваат повисок квалитет на живот поврзан со здравјето. Ова сугерира дека жените може да имаат предност кога станува збор за ментално и емоционално прилагодување на состојбата.
МС може да влијае на сексуалните односи на различни начини
Поради физичките, психолошките и социјалните ефекти, МС може да влијае на сексуалниот живот на една личност. Вообичаено е и мажите и жените со оваа состојба да пријават предизвици поврзани со сексот. Но, постојат некои разлики.
Жените со МС имаат поголема веројатност да се соочат со намалена сексуална желба или интерес во споредба со мажите. За споредба, мажите повеќе ги загрижува нивната способност да го задоволат сексуалниот партнер.
Во едно меѓународно истражување објавено во 2016 година, приближно 30 отсто од мажите и 42 отсто од жените со МС изјавиле дека недостатокот на сексуален интерес претставува тешкотија за нив. Приближно 30 отсто од мажите и 36 отсто од жените рекле дека постигнувањето оргазам претставува предизвик. И околу 29 отсто од мажите и 20 отсто од жените рекле дека задоволувањето на сексуалниот партнер е предизвик.
Жените и мажите може да имаат различни навики во управување со состојбата
За да се намали ризикот од попреченост и да се промовира квалитетот на животот, важно е лицата со МС да практикуваат квалитетно управување со состојбата. Тоа значи земање лекови како што е пропишано, развивање стратегии за грижа за себе, одржување силни мрежи за социјална поддршка и преземање проактивен пристап за учење и управување со состојбата.
Некои истражувања сугерираат дека може да има разлики во тоа како мажите и жените самостојно управуваат со МС. На пример, една студија од 2015 година покажа дека жените постигнале значително повисоки резултати од мажите. Од друга страна, една студија од 2017 година покажа дека кај жените, за разлика од мажите, е помала веројатноста дека ќе ги следат пропишаните планови за лекување.
Бременоста може да направи разлика
Бременоста може да има забележителни ефекти врз МС. Кога жените се во второто и третото тромесечје од бременоста, тие имаат помала веројатност да доживеат релапс. Откако ќе се породат, нивниот ризик за релапс значително се зголемува.
Според неодамнешен преглед на студиите, до една третина од жените може да доживеат релапс во рок од три месеци по породувањето. Во рок од три до шест месеци по породувањето, ризикот за релапс паѓа на нивоата пред бременоста.
Ако жената сепак доживее релапс за време на бременоста, справувањето со состојбата може да претставува предизвик. Многу лекови кои се користат за третман на симптомите на МС не се сметаат за безбедни за употреба за бремени жени или доилки. Исто така, ниту една од терапиите за модификација на болеста (DMT), кои се користат за забавување на прогресијата, не се одобрени за употреба за време на бременост или доење.
Бременоста може потенцијално да влоши одредени симптоми на МС. На пример, ако жената има проблеми со рамнотежата, состојбата може да се влоши кога во бременоста ќе се зголеми телесната тежина. Ако има тешкотии да го контролира мочниот меур или цревата, притисокот од бременоста може да го зголеми ризикот од инконтиненција. И заморот може да се зголеми за време на бременоста.
Жените со МС имаат поголема веројатност да развијат депресија или други нарушувања на расположението споредено со жените без оваа состојба. За возврат, жените со историја на нарушувања на расположението имаат поголема веројатност да доживеат постпородилна депресија.
Заклучок
Во просек, МС има малку поинакви ефекти врз здравјето и благосостојбата на жените и мажите. За да се информирате како сексуалниот живот може да влијае на вашата состојба, разговарајте со лекар. Прашајте го како можете да развиете добри стратегии за управување со состојбата, и како да го намалите ризикот од компликации.
Извор: https://www.healthline.com/health/multiple-sclerosis/differences-for-women
Забелешка: Овој текст има информативен карактер и не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.