МС и вашиот сексуален живот: Што треба да знаете

Преглед
Ако се соочувате со предизвици поврзани со вашиот сексуален живот, не сте единствени. Мултипла склероза (МС) може да влијае на вашето физичко и ментално здравје, што пак може да влијае на сексуалниот нагон и сексуалните односи.
Во една студија спроведена врз лица со МС, повеќе од 80 проценти од сексуално активните испитаници рекле дека се справуваат со тешкотии во сексот.
Доколку не се контролираат, сексуалните тешкотии може негативно да влијаат на квалитетот на вашиот живот. Затоа е важно да преземете чекори за нивно решавање – и да добиете помош кога е потребно.
Зошто МС може да влијае на вашето сексуално здравје
МС е автоимуно заболување кое предизвикува оштетување на заштитната обвивка околу нервите, како и на самите нерви. Тоа потенцијално може да влијае на нервните патишта помеѓу мозокот и половите органи, што може да ви го отежне сексуалното возбудување или оргазам.
Други симптоми на МС исто така може да влијаат на вашиот сексуален живот. На пример, мускулната слабост, грчевите или болката може да го отежнат сексот. Заморот или промените во расположението може да влијаат на вашиот сексуален нагон и личните односи. Некои луѓе може да се чувствуваат помалку сексуално привлечни или самоуверени откако ќе развијат МС.
Ако мислите дека МС може да влијае на вашиот сексуален нагон, сексуална сензација или сексуални односи, разговарајте со вашиот лекар или друг член на здравствениот тим.
Прашајте го вашиот лекар за третманските опции
Во зависност од точната причина за вашите сексуални предизвици, лековите или другите опции за третман може да помогнат. На пример, вашиот лекар може да препише лекови за ублажување на мускулните грчеви. Ако имате тешкотии со контролата на мочниот меур, лекарскиот тим може да препорача лекови или интермитентна катетеризација за да се намали ризикот од протекување на урина за време на сексуалниот однос.
Ако вие или вашиот партнер имате тешкотија во одржувањето на ерекција, лекарот може да препорача третмани за еректилна дисфункција. На пример, може да ви препише:
- орални лекови, како што се „ sildenafil, tadalafil, или vardenafil“
- лекови за инјектирање, како што се „alprostadil, papaverine, или phentolamine“
- уред или имплант на надувување
Ако вие или вашиот партнер почувствувате сувост на вагината, можете да користите лубрикант. Националното здружение за мултипла склероза препорачува лубриканти на водена база, наместо опции на база на масло.
Пробајте нова сексуална техника или играчка
Користењето на нова сексуална техника или сексуална играчка, може да ви помогне вам и на вашиот партнер да го зголемите уживањето во сексот и да се справите со симптомите на МС кои може да го попречат сексуалното задоволство.
На пример, МС предизвикува оштетување на нервите. Така, користењето вибратор може да ви го олесни постигнувањето на возбуда или оргазам. Може да размислите и за специјално дизајнирани перничиња, како оние на „Liberator“. Тие имаат за цел да создадат „интимна поддршка“.
Наградуваната веб-страница „Chronic Sex“, која се фокусира на сексуалното образование и ресурси за лица со хронични заболувања, нуди листа на препорачани сексуални играчки.
Испробувањето на нова поза, исто така може да помогне во управувањето со симптомите на МС. На пример, во некои позиции, можеби ќе ви биде полесно да се ослободите од симптомите како што се мускулна слабост, грчеви или болка.
Можете да експериментирате за да видите што е најдобро за вас. Користењето на дланките за стимулација и масажа, меѓусебната мастурбација и оралниот секс, исто така, обезбедуваат задоволство за многу луѓе.
За да се ослободите од притисокот, може да помогне доколку вие и вашиот партнер ги истражувате телата преку други форми на допир. Можеби ќе биде романтично или утешително доколку уживате во бавен танц, заедничко туширање, меѓусебна масажа или едноставно некое време да останете гушнати.
Овие активности може да послужат како предигра за сексуалниот чин, но можат и сами по себе да обезбедат задоволство. Сексуалниот однос не е единствениот начин да бидете интимни со вашиот партнер.
Комуницирајте со партнерот
За да му помогнете на партнерот да разбере како вашата состојба влијае врз вас и вашиот сексуален живот, важно е да одржувате отворена комуникација. Бидете искрени со партнерите околу тоа како се чувствувате. Уверете ги за вашата грижа и страст кон нив.
Кога комуницирате еден со друг, можно е да се справите со многу сексуални предизвици заедно.
Закажете советување
МС може да влијае и на вашето ментално здравје. Управувањето со хронична здравствена состојба може да биде стресно. Ефектите кои ги предизвикува врз вашето тело и животот воопшто може да влијаат на самодовербата или да предизвикаат чувство на лутина, вознемиреност или депресија. За возврат, промените во расположението и менталното здравје може да влијаат на вашиот сексуален нагон и сексуалните односи.
За полесно да управувате со емоционалните и психолошките ефекти предизвикани од вашата состојба, размислете да побарате од вашиот лекар упат до специјалист за ментално здравје. Тој може да ви помогне да развиете стратегии за справување со вашите чувства и секојдневни стресови. Во некои случаи, може да ви препише и лекови, како што се антидепресиви.
Ако се соочувате со предизвици поврзани со сексот, може да помогне ако вие и вашиот партнер разговарате со обучен сексуален терапевт. Сексуалната терапија може да помогне да разговарате за некои од предизвиците со кои се соочувавте заедно. Исто така, може да помогне доколку развиете стратегии за справување со тие предизвици.
Заклучок
Ако вашата состојба почне да влијае на сексуалниот живот, постојат стратегии и ресурси кои можат да помогнат. Размислете, заедно со партнерот, да закажете средба кај специјалист за ментално здравје или сексуален терапевт.
Разговарајте со вашиот партнер за тоа како се чувствувате. Работете заедно во надминувањето на предизвиците во вашата сексуална врска.
Извор: https://www.healthline.com/health/multiple-sclerosis/sex-tips
Забелешка: Овој текст има информативен карактер и не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.