Што е „MS hug“ (МС прегратка)?

„MS hug“ (МС прегратка) е симптом на мултипла склероза (МС) кој се чувствува како непријатно, а понекогаш и болно чувство на стегање или притисок, најчесто околу стомакот или градниот кош. Болката или стегањето може да се чувствува како тесна лента што се протега под градите, околу ребрата и грбот или стомакот, а понекогаш може да биде само на една страна.
МС прегратката може да се чувствува различно од човек до човек. Позната е и како „обвиткување“ или „стегање“, но луѓето ја опишуваат на многу различни начини за полесно да им објаснат на другите.
МС прегратката може да биде еден од првите симптоми на МС, но може да се појави и години по поставувањето на дијагнозата. Не секое лице со МС ја има оваа појава.
Какво е чувството на MS hug?
МС прегратката може да се чувствува различно кај секој човек. Може да почувствувате:
- стегање или притисок
- чувство на печење
- болка
- боцкање (како иглички)
- тапо чувство
Колку долго трае MS hug?
МС прегратката обично трае неколку секунди или минути, но може да трае и со часови, па дури и подолго. Таа може да биде непредвидлива, исцрпувачка и стресна.
Дали MS hug е опасна?
МС прегратката сама по себе не е опасна. Сепак, важно е да се провери, за да се исклучи можноста дека чувството е предизвикано од нешто друго што бара третман. Доколку некогаш сте загрижени поради болка во градите, веднаш контактирајте лекар или медицинска сестра.
Што предизвикува MS hug?
Постојат два главни ефекти на МС кои можат да ја предизвикаат или поттикнат МС прегратката:
- промени во сетилото (наречени дизестезија), кои понекогаш, но не секогаш, се болни
- мускулни грчеви во малите мускули меѓу ребрата (меѓуребрени мускули)
Дали може да имате MS hug без да имате МС?
МС не е единствената причина поради која луѓето може да чувствуваат вакво стегање. Затоа, ако чувствувате нешто слично на МС прегратка, треба да се обратите кај лекар – без разлика дали имате дијагностицирано МС или не.
Стегањето во градите може да биде МС прегратка, но може да има и многу други причини, па затоа е најдобро да се провери.
Како да се справите со MS hug?
Луѓето со МС користат различни начини за да си помогнат при МС прегратката. Како и кај другите симптоми на МС, можеби нема целосно да исчезне, но можете да најдете начини да се јавува поретко или полесно да ја поднесете кога ќе се појави. Често е потребно да испробате повеќе пристапи за да откриете што најмногу ви одговара.
Нешта што можат да помогнат вклучуваат:
- препознавање можни предизвикувачи
- носење лабава или тесна облека
- движење или истегнување
- примена на топлина или студ
- физиотерапија или други физикални третмани
- релаксација, mindfulness и КБТ (когнитивно-бихејвиорална терапија)
- лекови
Многу луѓе со МС ги споделуваат своите искуства и совети за МС прегратката во онлајн заедниците. И членовите на вашата локална МС организација можеби имаат слични симптоми.
Лекар или медицинска сестра може да ви помогнат да дознаете повеќе за вашата МС прегратка, што ја предизвикува и како да се справите со неа. Можеби ќе ве упатат и во специјализирана клиника за болка.
Побарајте можни предизвикувачи
Можеби ќе забележите дека нешто ја предизвикува вашата МС прегратка. Таа може да биде поттикната од замор, промени во температурата, јадење голем оброк, болест или стрес. Не секој успева да ги препознае предизвикувачите, но ако ги откриете, можеби ќе можете да ги избегнете или да го намалите интензитетот.
Ако предизвикувачот не е очигледен, може да водите дневник како се чувствувате (жешко, под стрес, уморно), што јадете и слично и да видите дали постои врска со појавата на МС прегратката.
Лабава или тесна облека
Кај некои луѓе, тесната облека ја поттикнува МС прегратката или ја влошува. Затоа има смисла да се проба лабава облека, вклучително и избегнување градници со жица. Некои луѓе вадат делови од облеката за да се чувствуваат поудобно, кога тоа е можно.
Од друга страна, кај некои луѓе тесната облека помага. Се смета дека притисокот може да го „одвлече“ вниманието на мозокот и да ги направи сензациите помалку изразени. Каква и да е причината, вреди да се испроба.
Движење, истегнување или промена на положбата
Кога ќе се појави МС прегратката, може да помогне движење, истегнување или исправено седење. Ако лежањето ја влошува, можеби ќе помогне да спиете со малку потпирање со перници. Кај некои луѓе, пак, лежањето носи олеснување.
Примена на топло или ладно
Како и кај облеката, различни температури им помагаат на различни луѓе.
Топли облоги, термофор или топли крпи на зафатеното место можат да донесат олеснување. Кај други, пак, помага ладна облога – на пример, мраз завиткан во крпа или навлажнета крпа изладена во фрижидер.
Но, внимавајте со топлото и ладното. Доколку имате нарушено сетило, лесно може да дојде до оштетување на кожата.
Физикални третмани за MS hug
Кај некои луѓе помагаат физикални третмани, како физиотерапија, одредени комплементарни терапии или TENS (транскутана електрична нервна стимулација).
Релаксација, одвлекување внимание, mindfulness, КБТ
Иако не е лесно, МС прегратката често е полесна за поднесување ако успеете да останете смирени. Постојат техники кои можат да помогнат, како:
- одвлекување на вниманието
- mindfulness
- самохипноза
- хипнотерапија
- контролирани техники на дишење
- КБТ (когнитивно-бихејвиорална терапија)
Лекови за MS hug
Ако МС прегратката е предизвикана од необични сензации (дизестезија), може да помогнат лекови против болка. Ако причината се мускулни грчеви, други лекови може да бидат поефикасни.
Кога МС прегратката е симптом на релапс, кортикостероиди можат да помогнат да се забрза закрепнувањето.
Можеби ќе треба да испробате неколку терапии пред да најдете што најмногу ви одговара. Често комбинација од лекови и други техники е најдобра за справување со МС прегратката.
Како да ја опишете MS hug?
Луѓето ја опишуваат МС прегратката на различни начини. За некого е само непријатна, а за друг – многу болна. Кога ја опишувате, користете зборови што вам ви имаат смисла.
На пример, дали чувството е боцкање? Некои велат дека ребрата им се болни на допир или дека кожата им гори, како да е испечена од коприва.
Може да се чувствува како да го отежнува дишењето – како да има гумена лента околу градите или корсет силно затегнат. Понекогаш се нарекува и „обвиткување“ или „појасно стегање“.
Некои луѓе повеќе сакаат да го наречат „МС стискање“, затоа што дефинитивно не е пријателска прегратка.
Извор: https://www.mssociety.org.uk/about-ms/signs-and-symptoms/pain/ms-hug
Забелешка: Овој текст има информативен карактер и необезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.