Зошто снимките од магнетна резонанца (МР) не се совпаѓаат со моите симптоми?

Ова секако е едно од непосакуваните прашања кое честопати се наметнува. Како последица од МС честопати чувствуваме физичка слабост, но кога неврологот заради следење на развојот на болеста ќе препорача нов преглед на МР, извештајот се враќа “непроменет”. Секако дека не сакаме резултатите да покажат нов тек и развој на болеста, но бараме објаснување зошто чувствуваме поголем замор или зошто имаме поголеми тешкотии при движењето.
Мојот невролог одвои време за да објасни
При мојата последна посета на “Ohio State University MS clinic” мојот невролог Aaron Boster одвои време да поразговараме околу ова прашање. Можеше само да ми одговори „поради клиничкиот радиографски парадокс“ и да -ме остави збунет, но наместо тоа тој одвои 20 минути за детално да ми објасни. Сигурен сум дека останатите пациенти кои чекаа можеби беа иритирани од доцнењето, но ова беше важно за мене, а се надевам дека ќе биде корисно и за вас читателите.
Д-р Boster не ја забележа мојата збунетост додека ги изговараше првите “големи” медицински термини и навлезе во прилично медицински детали во објаснувањето. Додека зборуваше забележував и она што го разбрав ќе се обидам да го пренесам на поедноставен начин.
Клинички радиографски парадокс
Клиничкиот радиографски парадокс се јавува кога при клиничко испитување има симптоми кои не се совпаѓаат со снимките на МР. Д-р Boster рече дека снимките на МР за дијагностички цели се лезиоцентрични, фокусирајќи се единствено на она што може да се види во белата материја на мозокот. МР со вообичаената моќност, тековните софтверски пакети и обука не ја регистрира сивата материја во мозокот.
Белата материја наспроти сивата материја
Белата материја е местото каде што се наоѓаат демиелинизираните аксони и тоа е она што се покажува со сегашните техники на снимање. МР ја регистрира единствено оваа област во мозокот. Сивата материја исто така содржи аксони (немиелинизиран тип) како и безброј други критични елементи кои го контролираат говорот, движењето, меморијата. Сите овие елементи може да бидат оштетени како последица на МС, но не се покажуваат на снимките на МР.
Физички и субјективни симптоми
Д-р Boster, исто така, зборуваше за разликата помеѓу физичките и субјективните симптоми. Субјективните најчесто се однесуваат на “MS Quality of Life index (MSQLI)”, оние работи кои го прават нашиот живот поквалитетен и обратно. Не мора да значи дека имаме нова активност на болеста, но сепак имаме симптоми ако нашиот MSQLI е лош. Дали имаме поддршка од семејството и пријателите? Дали депресијата предизвикана од нашата лична здравствена состојба е фактор? Дали нашата финансиска состојба влијае на нашиот MSQLI? Оваа листа може да се продолжува во недоглед, а сигурен сум дека и вие можете да додадете уште неколку симптоми.
Сите тие може да се манифестираат како физички или субјективни симптоми. Субјективните симптоми бараат од неврологот внимателно да го сослуша пациентот како го опишува проблемот и да создаде план за третман на овие ставки кои се однесуваат на квалитетот на живеење.
Сепак како што честопати велам, јас не сум научникот ниту стручното лице во групата. Ако сакате да прочитате повеќе можам да ви ја препорачам статијата։ “Clinical correlates of grey matter pathology in multiple sclerosis”.
Ниту едно испитување не ја раскажува целата приказна.
Најважниот заклучок кој го извлеков од разговорот со Д-р Boster е дека не постои еден единствен начин кој ја опфаќа целата приказна кога станува збор за третирање на МС. Магнетната резонанца, невролошкиот преглед како и приказната на самиот пациент можат подобро да ја објаснат нашата моментална состојба.
Извор: https://multiplesclerosis.net/living-with-ms/why-dont-my-mri-images-match-my-symptoms
Забелешка: Рубриката „Најнови информации“ е дел наменет исклучиво за вести и информации на оваа веб страница за оваа болест. Не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени во оваа рубрика не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.