Мултиплa склероза и мозочен удар: Дали МС го зголемува ризикот?

Луѓето кои живеат со мултипла склероза (МС) имаат зголемен ризик за мозочен удар, кој може да биде опасен по живот. Мозочниот удар и MС споделуваат симптоми, што може да го отежне добивањето точна дијагноза и потребниот третман. Познавањето на знаците на мозочен удар и кога да побарате итна терапија може само да ви го спаси животот.
Прочитајте за да дознаете што предизвикува мозочен удар, зошто луѓето со МС имаат поголема веројатност да доживеат мозочен удар и што можете да направите за да се заштитите себеси или вашата сакана.
Што е мозочен удар?
Постојат два главни типа на мозочен удар. Најчестиот тип е исхемичен мозочен удар, кој се јавува кога дел од снабдувањето со крв во мозокот е блокирано. Овие се случуваат кога артеријата која доставува крв со кислород и хранливи материи до мозокот ќе биде блокирана од која било причина. Поради блокадата, делот од мозокот што го храни оваа артерија повеќе не го добива кислородот што му е потребен за да преживее. Ова предизвикува смрт на мозочното ткиво за неколку минути. Исхемичните мозочни удари често се предизвикани од кардиоваскуларни болести.
Поредок е хеморагичен мозочен удар, предизвикан од прскање на крвен сад во мозокот.
Итен третман
Ако живеете со МС и одеднаш почувствувате нови или влошени, тешки симптоми, треба да отидете на докитор, дури и ако мислите дека тоа може да биде само релапс. Симптоми кои може да укажуваат на мозочен удар, а не на релапс на МС:
- Ненадејна вкочанетост или слабост, особено на едната страна од телото
- Ненадејно губење на видот, особено на едното око
- Нејасен говор, збунетост или бесмислени зборови
- Брзо и драматично зголемување на тешкотиите со одење
- Ненадејна силна главоболка
Како можете да ја забележите разликата помеѓу симптомите на МС и мозочниот удар?
Симптомите на релапс на МС се непредвидливи, но тие често вклучуваат:
- Проблеми со видот
- Тешкотии при одење
- Слабост
- Вкочанетост или пецкање
- Парализа
- Болка
- Проблеми со рамнотежата
- Губење на функцијата на цревата или мочниот меур
Повеќето луѓе со релапсно – ремитирачка МС (RRMS) имаат временски периоди во кои доживуваат симптоми, проследени со последователни периоди на закрепнување.
Симптомите на мозочен удар зависат од тоа каде мозокот е оштетен, но овие симптоми можат да бидат речиси идентични со оние на релапс на МС.
Ненадеен наспроти постепен почеток
Забележлива разлика помеѓу изливите на МС и мозочниот удар е ненадејниот почеток на симптомите на мозочен удар. Иако симптомите на релапс на МС понекогаш може да се појават ненадејно, тие обично се појавуваат во текот на неколку дена. Тоа може да биде еден симптом или неколку симптоми, кои се движат од благи до тешки. Релапсот може да биде и влошување на симптомот на МС со кој веќе живеете.
Симптомите на мозочен удар обично се појавуваат ненадејно. Сепак, тие понекогаш може да се појават прогресивно во текот на денови или недели. Како такво, може да биде тешко да се каже дали имате релапс или мозочен удар кога ќе доживеете нов или влошен симптом на МС.
Ако се сомневате на мозочен удар, веднаш контактирајте со итната служба. Успешните интервенции за мозочен удар треба да се случат во рок од четири часа од почетокот на симптомите. Ако се сомневате дали доживувате мозочен удар или симптоми на релапс на МС, побарајте итна медицинска помош.
Понекогаш луѓето доживуваат симптоми слични на мозочен удар за краток временски период (обично помалку од еден час), а потоа симптомите исчезнуваат. Ова е познато како минлив исхемичен напад (TIA). Тоа може да биде предупредувачки знак за иден мозочен удар или повеќе TIA, па затоа е важно да се консултирате со вашиот лекар.
Возраст, етничка припадност и пол при дијагноза
Луѓето со МС обично добиваат дијагноза на возраст меѓу 20 и 50 години, а кај жените е почеста, имаат три пати поголема веројатност наспроти мажите. Луѓето од сите расни и етнички потекла можат да развијат МС, но таа е најчеста кај белите луѓе, според.
Од друга страна, постарите луѓе се изложени на поголем ризик од мозочен удар, при што 75 проценти од мозочните удари се јавуваат кај оние постари од 65 години. Според Националниот институт за здравје (NIH), мажите имаат поголема веројатност да доживеат мозочен удар од жените. Афроамериканците имаат речиси двојно поголема веројатност да доживеат прв мозочен удар во споредба со белите луѓе, според TIA, а Хиспаноамериканците и Индијанците од Америка/Алјаска исто така се изложени на поголем ризик од белите луѓе.
Без оглед на вашите фактори на ризик, никогаш не одложувајте го барањето итна помош ако се сомневате на мозочен удар.
Дали МС го зголемува ризикот од мозочен удар?
Неколку невролошки студии покажаа дека луѓето со МС имаат поголем ризик за мозочен удар од општата популација. Една студија покажа дека луѓето со МС имале 2,78 пати поголем ризик од мозочен удар во споредба со останатата популација според возраста, полот и факторите на ризик од мозочен удар, како што се хипертензија (висок крвен притисок), дијабетес и висок холестерол.
Во 2020 година, студија на 12.000 луѓе со МС го процени нивниот ризик за мозочен удар, кардиоваскуларни болести и смрт во споредба со луѓето без МС. Истражувачите откриле дека луѓето со МС имаат 59 отсто зголемен ризик од цереброваскуларни болести – што може да доведе до мозочен удар. Потребни се дополнителни истражувања за да се разбере зошто луѓето со МС се изложени на поголем ризик и како да се намали тој ризик.
Во моментов нема докази кои сугерираат дека мозочниот удар го зголемува ризикот од заболување од МС. Сепак, одредени фактори на ризик за МС и мозочен удар се преклопуваат.
Заеднички фактори на ризик за МС и мозочен удар
Некои фактори на ризик се заеднички и за МС и за мозочен удар. Пушењето придонесува за поголем ризик од МС и мозочен удар, а ниските нивоа на витамин Д се поврзани со двете. Една студија откри можни споделени гени помеѓу МС и ризикот од мозочен удар.
МС е хронична воспалителна состојба, која може да поттикне стврднување и задебелување на ѕидовите на артериите поради оштетување на слузницата на крвните садови. Стврднувањето на артериите може да доведе до зголемен ризик од мозочен удар.
Други автоимуни болести, како што се ревматоиден артритис и псоријаза, исто така се познати дека го зголемуваат ризикот од мозочен удар. Ова вреди да се напомене, бидејќи МС е исто така имуно-посредувана состојба. Ако имате автоимуна коморбидитет (друга здравствена состојба во исто време со МС), може да имате поголем ризик за мозочен удар и срцеви заболувања.
Намалување на ризикот од мозочен удар
Ако имате МС, имате зголемен ризик од смртен исход ако имате мозочен удар. Поради оваа причина, намалувањето на ризикот од мозочен удар е критично.
Лековите, умерената физичка активност и здравите промени во исхраната можат да ве заштитат од васкуларни заболувања. Ако имате висок холестерол, лек за намалување на холестеролот, особено статините, може да биде ефикасен третман.
Ако сте загрижени за ризикот од мозочен удар и други кардиоваскуларни болести, разговарајте со вашиот лекар или здравствен работник за тоа како да управувате со тој ризик.
Забелешка: Овој текст има информативен карактер и не оезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.