Хидротерапија и мултипла склероза

Вежбањето може да претставува предизвик за некои лица со мултипла склероза (МС), невролошка состојба која е присутна кај околу 2,8 милиони луѓе ширум светот. Вообичаените симптоми како што се мускулна слабост, вкочанетост и тешкотии со рамнотежата може да ја отежнат физичката активност.
Сепак, вежбањето е важно за лицата со МС. Иако за МС не постои лек, сепак правилната рутина во вежбањето може да помогне во намалување на некои од следниве симптоми։
- Намалување на заморот
- Подобрување на рамнотежата
- подобрување на квалитетот на живот
Многу лица со МС сметаат дека терапијата на вода е најлесниот и најкорисниот начин да ја зголемат физичката активност. Густината на водата која ја неутрализира телесната тежина помага да се поткрепат екстремитетите, правејќи да се чувствуваат полесни.
Водата, исто така создава отпор што помага да се зајакнат мускулите. Лицата со МС во вода можат да стојат полесно отколку на копно, и со тоа се намалува ризикот од повреда при пад.
Што е хидротерапија?
Хидротерапија, која исто така се нарекува водна терапија и терапија која се спроведува во базен, вклучува употреба на вода за лекување на разни состојби како и за промовирање на здравјето. Се карактеризира со употреба на вода во различни форми и температури и може да вклучува:
- потопување при различни температури
- вдишување на пареа
- масажа со вода и мраз
- чекорење или вежбање во вода
- топли или ладни облоги
- бањи со џакузи
- бањи со минерална вода
Преку научни истражувања се потврдуваат придобивките од хидротерапијата кај состојби како што се МС и фибромијалгија, како и при справување со болка.
Кои се придобивките од хидротерапијата за МС?
Лицата со МС може да откријат дека движењето во вода е полесно. Како што беше претходно забележано, густината на водата ја неутрализира телесната тежина. Како резултат на тоа оптоварувањето на зглобовите е многу помало кога вашето тело е потопено. Пливањето исто така може да ја подобри вашата координација, флексибилност, сила и рамнотежа.
Резултатите од една студија спроведена во 2020 година сугерираат дека хидротерапијата може да ја забави прогресијата на МС и да помогне во справувањето со депресија, тешкотии во рамнотежата и способноста за одење.
Пливањето може дополнително да го намали заморот, со кој се справуваат околу 80 проценти од лицата со МС. Резултатите од друго истражување објавено во 2020 година покажуваат дека по 8 недели вежбање во вода се намалува заморот и се подобрува квалитетот на животот кај лицата со МС.
Друга 8-неделна програма за вежби во вода, документирана во мала студија од 2018 година, исто така покажува дека по спроведувањето на програмата се намалува заморот, истовремено подобрувајќи ја рамнотежата и функционалниот капацитет.
Водните активности можат да им помогнат на лицата со МС да избегнат прегревање, што понекогаш може да ги влоши симптомите. До прегревање може да дојде при престој во топла када, сауна, на високи температури, па дури и во топла бања.
Пливањето е добар начин за вежбање додека вашето тело не е загреано бидејќи прекумерната топлина може да ги влоши симптомите на МС. Според „National Multiple Sclerosis Society“ температурата на водата не треба да биде над 29.4 степени целзиусови.
Видови на хидротерапија
Пливањето е корисно за лицата со МС и претставува примарна форма на вежбање во вода. Сепак, тоа не е единствениот начин за вежбање во базенот.
Aко не сте сигурни во вашите пливачки способности или едноставно не сакате да ја наводените главата, постојат и други активности кои се спроведуваат во вода кои помагаат при МС. Тие вклучуваат:
- воден аеробик
- одење во вода
- „Ai Chi“ кој ги комбинира „tai chi и Qigong“ и се спроведува во вода
„Ai Chi“ е еден вид водена терапија за умот и телото создадена во Јапонија. Се состои од низа движења во вода кои комбинираат длабоко дишење и бавни, широки движења. Изведен во групна поставка, „Ai Chi“ го спојува чувството за заедништво со чувството при здрава физичка активност.
Во многу заедници се достапни обуки во водена средина кои се фокусираат на истегнување, балансирање и зајакнување на мускулите. Вашиот лекар или физиотерапевт може да препорача одредена програма за хидротерапија која може да вклучува кревање нозе, марширање и употреба на опрема за отпор.
Часовите за хидротерапија честопати ги водат лиценцирани физиотерапевти кои се специјализирани да им помагаат на лицата со МС или други попречености.
Во зависност од вашите физички способности можеби нема да ви треба обука за да вежбате во базен. Играњето во базен со децата или внуците може да биде одлична вежба, а секако е и многу забавна активност.
Други видови вежби (се изведуваат на суво)
Истражувањата покажуваат дека за лицата со МС, вежбањето воопшто може да доведе до подобрувања во:
- Рамнотежа
- Одење
- Замор
- Квалитет на животот
- Депресија
Постојат многу видови на вежби кои можат да бидат корисни ако имате МС. Ако размислувате да започнете нова програма за вежбање, разговарајте со вашиот здравствен тим кој тип на вежби се најдобри за вас.
Пилатес
Истражувањата сугерираат дека пилатесот може да има придобивки за подобрување на движењето и зголемување на силата. Мала студија од 2014 година покажува дека вежбањето пилатес 8 недели ја подобрува рамнотежата, мобилноста и мускулната сила.
Друга студија објавена во 2016 година покажува дека 12 недели пилатес или стандардна физикална терапија биле слично ефикасни во подобрувањето на одењето и рамнотежата кај лицата со МС.
Аеробик
Аеробик вежбите, како возење велосипед (статичен или во природа) исто така можат да бидат полезни ако имате МС. Друга мала студија од 2020 година во која биле вклучени 10 возрасни лица со МС, покажува дека во споредба со 15 минути одмор, 15 минути возење велосипед во лежечка положба доведува до подобрување на функциите, вклучително и држење на телото и одење.
При студија од 2019 година спроведена врз 20 испитаници, 12 недели комбинирана обука со отпор и статичен велосипедизам покажаа ефикасност во намалувањето на сериозноста на болеста, депресијата и заморот кај лицата со МС истовремено подобрувајќи го квалитетот на нивниот живот и способноста за одење.
Тренинг за сила
Тренингот со отпор самостојно може да ја подобри силата и координираното движење кај лицата со МС.
Во студија од 2015 година, 14 жени учествувале во 8-неделна програма за тренинг со отпор, а други 13 биле вклучени во контролната група. Резултатите покажале дека кај првата група, за разлика од контролната, параметрите за сериозност на болеста се намалиле.
Покрај тоа, кај првата група се забележало зголемување од 27,5 проценти во нивото на невротрофичен фактор добиен од мозокот, што може да помогне во заздравување на невроните.
Друга студија од 2015 година покажува дека 8 недели индивидуализирана програма за обука со прогресивен отпор ја подобрува мускулната сила и функционалната способност, истовремено намалувајќи ја сериозноста на болеста.
Секојдневни активности
Многу од секојдневните обврски кои вклучуваат физичка активност се исто така корисни за лицата со МС. Тука ги вбројуваме:
- Градинарство
- Готвење
- Одење по скали
- Пазарење
- Извршување домашни обврски
Редовното движење е многу корисно за лицата со МС, без разлика дали учествувате во програма за вежбање или ги извршувате секојдневните обврски.
Заклучок
Вежбањето е полезно за вашето тело и чувството за благосостојба. Ако симптомите на МС не ви дозволуваат активно да вежбате, хидротерапијата може да ви помогне да ја исполните потребната физичка активност.
Ако не сте сигурни дека сте физички способни да се справите со пливање или вежбање во базенот, разговарајте со вашиот лекар пред да започнете. Тој може да ве упати на консултации кај физиотерапевт или да ви препорача да посетите обука од страна на квалификувани инструктори.
Извор: https://www.healthline.com/health/multiple-water-therapy
Забелешка: Рубриката „Најнови информации“ е дел наменет исклучиво за вести и информации на оваа веб страница за оваа болест. Не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени во оваа рубрика не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.